Македонија
Стојаноска: ЈО не повело постапка против Дончев во 2018 и му овозможило да го потврди делото и во 2019 година
Целиот државен систем на Зоран Заев и ЈО на Вилма Русковска е ставен во функција на штитење на криминалот на Ден Дончев, обвини денеска Дафина Стојаноска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Како што кажа, финансиските институции за истрага и прогон и ЈО со години не смеат да процесуираат предмет против главниот играч на Заев – Дончев.
„Медиумите објавија аргументи во јавноста дека Дончев, спротивно на закон, во два наврати, еднаш во 2018 и втор пат во 2019 година, се стекнал со 50.000 евра и 80.000 долари наизменично. Аргументите и доказите кои ги посочуваат медиумите се очигледни! Дончев се стекнал со десетици илјади евра на нелегален начин! Криминалот го гледаат сите, само не институциите кои се должни да го санкционираат. Две години немало и сè уште нема никаква реакција, ниту од Управата за финансиско разузнавање, ниту од ЈО на Русковска. ЈО не го санкционирало Дончев во 2018 година и со тоа дозволило истиот повторно да го стори истото незаконско дело и во 2019 година“, рече Стојаноска.
Таа додаде Обвинителството го штити Дончев и сега, откако во медиумите излегле сите аргументи, но и обвинувања дека за Дончев има комплет докази, и за трето, и четврто кривично дело во ЈО, како тој преку посредници годишно земал и до 2 милиони евра од приватни фирми кои имаат соработка со ФЗОМ, за истиот навреме да им плати за сработеното, но и за рекет врз Вера Иванова сопственичката на Диамед.
„И покрај бројните криминали кои му се ставаат на товар и за кои јавноста дозна преку медиумите, а не преку институциите, и кои беа главната причина за оставката на Дончев, ЈО го спасува. Имено, обвинителството го тргнало Дончев од стоп листа за излез од државата и со тоа практично му остава отворена можност истиот да ја напушти државата. ЈО со своето непостапување ќе биде директно виновно доколку Дончев се впушти во бегство и не се соочи со правдата во Република Македонија“, додаде Стојаноска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот низ државата се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, на планините снег
Облачно, со повремени врнежи од дожд кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови (над 15 l/m²), а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух вренежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
Денеска ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен дожд, во југозападните делови над 15 l/m², а на повисоките места врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Нови врнежи ќе има и во текот на седмицата кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег. Од денеска ќе има појава на магла по одредени котлини. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Тетово и околината
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија одржувана од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вчера вечер во 23 часот и 9 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од територијата на Република Косово, на околу 46 км северозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.0
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Тетово и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.

