Македонија
Студентите ќе полагаат испити со маски и ракавици, забрането е групирање за време на паузи

Владата објави Протокол за утврдување и постапување на јавните и приватните високообразовни установи во земјата, односно единиците во состав на истите, при изведување на испитите.
Полагањето на испитите ќе се врши по овие мерки:
1. Секоја високообразовна установа треба да одреди лице или лица, кои вршат дезинфекција на студентите и објектите кои можат да имаат контакт.
2. Средство за дезинфекција на обувките и рацете задолжително се поставува на влезот од високообразовната установа.
З. Високобразовната установа на влезот на објектот лепи едукативно-информативни материјали за почитување на заштитните превентивни мерки: носење заштитни маски, одржување на физичко растојание, редовно дезинфицирање на рацете, правилна респираторна хигиена.
4. Доколку испитот се полага усмено, помеѓу секој термин, односно распоред за усмено полагање на испит потребно е да има пауза во траење од најмалку 10-20 минути.
5. Доколку испитот се полага писмено високообразовната установа постапува или ги реди масите/клупите за полагање во просториите/салите, определени за таа намена, кои треба да овозможат најмалку 2 метри оддалеченост меѓу присутните во просторијата, односно студентите и носење заштитни маски, одржување на физичко растојание, редовно дезинфицирање на рацете.
6. Во просторијата каде се изведува испитот високообразовната установа претходно ги означува местата на кои е дозволено седењето со почитување на меѓусебното растојание:
„Присутните задолжително носат заштитна маска на лицето и ракавици“.
7. Во просторијата каде што се спроведува испитот задолжително да се обезбеди средство за дезинфекција на рацете, со цел да се обезбеди почитување на општите мерки за повисоко ниво на лична и општа хигиена (зачестено миење на раце или употреба на дезинфекционо средство за раце на база на алкохол).
8. При испит, доколку се користат определени ресурси, средства и материјали, потребно е задолжително истите да бидат дезинфицирани и при секоја наредна употреба истите повторно да се дезинфицираат.
9. Просторијата во која се спроведува испитот/испитите е потребно почесто да се проверува, по можност за време испитот и задолжително во текот на паузите.
10. За време на паузите се забранува групирање на присутните, односно студентите во високообразовната установа.
11. По завршување на испитите, потребно е просториите да се исчистат (особено работната површина на која се работело) и да се дезинфицира подот со средство кое делува на вируси според упатство од производителот, алтернативно може да се користи 0,0596 натриум хипохлорит (596 белило за домаќинство кое се користи во размер 1:100) или 7096 алкохол за дезинфекција за горни површини.
12. Во просториите на високообразовните установи (внатрешниот дел) за испит и на излезот од објектот потребно е да се обезбеди корпа за отпадоци со капак.
13. Во високообразовните установи е потребно редовно и зачестено одржување на хигиената на тоалетите со задолжително водење на евиденција за спроведеното чистење и употреба на горенаведените дезинфекциони средства.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Стартиот објект на „Мајски цвет“ се руши и се гради нов, Јакимовски најавува модерна градинка по сите стандарди

Започнаа градежните работи, со кои ќе се руши стариот објект и ќе се изгради нов модерен објект на градинката „Мајски Цвет“, во населбата Тафталиџе 1.
Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, истакна дека по повеќе од шеесет години, стариот објект, кој бил од дрвена конструкција, ќе се замени со нов еколошки, енергетски ефикасен, асеизмички отпорен и сместувачки објект за најмалите карпошани по сите европски стандарди.
„Станува збор за инвестиција од 108 милиони денари со вклучен ДДВ и морам да нагласам дека сум исклучително задоволен, што токму најмалите жители на населбата Тафталиџе 1, ќе бидат згрижувани и воспитувани во нов модерен објект од цврста градба, изграден по сите предвидени стандарди за ваков тип на објекти. Во договор со фирмата „Сандра Инженеринг“, е предвидено со банкарска гаранција , новата градинка да биде изградена за деведесет денови, со што практично наесен, дечињата од оваа урбана заедница ќе се вратат во новоизградената градинка, во една покомфорна средина со сите потребни реквизити и дидактички материјали, потребни за нивниот детски психофизички развој“, потенцираше Јакимовски.
Првиот човек на Општина Карпош, најави изградба на четири нови занимални во градинката „Пролет“ во населбата Влае 1, како и изградба на целосно нов објект на градинката „Пролет“ во населбата Козле, односно позната како „Пролет-Канела“.
„Исто така, предвидено во иднина е да се изградат и градинки во населеното место Злокуќани, како и две нови во населбата Нерези, една за дечињата од македонска и една за дечињата од албанска националност. Со тоа практично, ќе го решиме проблемот со сместувачките капацитети на најмалите жители во Општина Карпош, бидејќи и според последниот попис се потврди, дека бројот на населението во нашата општина се зголемува“, истакна Јакимовски.
Општинскиот татко, го нагласи и проблемот со дефицитот на персонал и работен кадар во градинките, односно недостатокот на воспитувачки и негователки, кој влијае врз квалитативното воспитување и згрижување на дечињата и ги повика сите надлежни институции да се усогласат и да го решат овој горлив проблем:
„Ги повикувам и Министерството за финансии, Министерството за социјална политика, демографија и млади и други надлежни инстутиции, да овозможат нови вработувања во градинките во Општина Карпош, бидејќи, постојано се соочуваме со одлив на кадар, преку одење во пензија, а нови вработувања нема. Дотолку повеќе што , бројот на жители постојано се зголемува во нашата локална самоуправа, а со тоа и потребата од проширување на постојните и изградба на нови сместувачки капацитети за нашите најмали жители. Напоменувам, дека овој проблем го имаме, не само со актуелната влада, туку постојано се провлекувал и со сите претходни влади, дециден беше градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски.
Градоначалникот Јакимовски, најави и изградба на две спортски сали во иднина на територијата на Општината, со што уште повеќе ќе се придонесе за збогатување на спортскиот живот на младите и сите карпошани.
Македонија
Бугарите, добија поддршка од социјалдемократите, благодарение на СДС и нивните заложби, да гласаат против Македонија, реагира ВМРО-ДПМНЕ

СДС повторно фатени во лага. Овој пат, лажат дека членовите на нашите сестрински партии од ЕПП денес гласаа против, Освен Бугарите – другите гласаа „За“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на соопштението на СДСМ.
„Бугарите, добија поддршка од социјалдемократите, благодарение на СДС и нивните заложби, да гласаат против Македонија.
Наместо да ја поддржат борбата на ВМРО-ДПМНЕ за достоинствено претставување на државата во Европа, СДС се сити и сака да ја гледа Македонија во неуспех.
Зошто СДС работи против Македонија? Зошто СДС сака да го уништи достоинството на Македонија? Зошто СДС 30 години наназад работи спротивно на интересите на граѓаните?“, прашуваат од партијата на Мицкоски.
Појаснуваат дека Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) на 24 јуни 2025 година го усвои Извештајот за напредокот на Македонија, подготвен од известителот Томас Вајц. Во документот, како резултат на континуираната посветеност и принципиелниот пристап, со широко мнозинство се потврдуваат македонскиот јазик, македонскиот идентитет и европската перспектива на државата, истакнуваат.
„Во изминатите три децении, доколку како општество и политички чинители дејствувавме со јасни цели, многу од предизвиците ќе беа поинакви – но барем немаше да бидат поврзани со оспорување на нашето постоење.
Ние сме Македонци. Со свој јазик, историја и чувство за припадност.
Оваа постапка од страна на Европскиот парламент не е крајна цел, туку охрабрување да продолжиме по патот на реформите, владеењето на правото и институционалната стабилност“.
Македонија
Лимани во Брисел ја потпиша Меѓународната спогодба за учество на Северна Македонија во Програмата на ЕУ: „Граѓани, еднаквост, права и вредности“

Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани во Брисел ја потпиша Меѓународната спогодба за учество на Република Северна Македонија во Програмата на Европската унија „Граѓани, еднаквост, права и вредности“ (Citizens, Equality, Right and Values – CERV).
По повод потпишувањето на оваа значајна спогодба, Лимани ја потврди посветеноста на Владата на Северна Македонија на основните европски вредности – демократијата, владеењето на правото и почитувањето на човековите права.
„Нашето вклучување во Програмата на Европската унија „Граѓани, еднаквост, права и вредности“ не е само пристап до финансиски инструмент, туку суштинска можност за зајакнување на социјалната правда, институционалниот развој и граѓанското учество во Република Северна Македонија. Со потпишувањето на Спогодбата за пристапување кон оваа програмата, Северна Македонија станува рамноправен член со другите Земји членки на ЕУ во овој сегмент,“ рече Лимани по потпишувањето на спогодбата.
Пристапувањето во Програмата „Граѓани, еднаквост, права и вредности“ е значаен чекор во усогласувањето со ЕУ-стандардите и интеграцијата на нашата земја во Унијата – таа директно придонесува кон исполнување на условите во Поглавјата 23 и 24. При тоа, беше нагласено дека, ова не е само процес на усвојување на законски решенија, туку пред сѐ трансформација на општествените вредности и создавање на поинклузивно, праведно и демократско општество.
Програмата обезбедува финансиска поддршка за граѓански организации, кои добиваат можност да аплицираат за грантови за проекти кои поддржуваат еднаквост, толеранција и човекови права. Преку Програмата се овозможува и институционална надградба. Владата и единиците за локална самоуправа можат да користат поддршка за подобрување на нивните капацитети во заштитата на фундаменталните права.
Програмата придонесува за промоција на недискриминацијата, засилена борба против родовата нееднаквост и насилството како и имплементација на препораките од Истанбулската конвенција.
„Само преку колективен ангажман можеме да гарантираме ефективна имплементација на реформите и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните. Ги повикувам сите институции и организации да ги искористат можностите што ги нуди Програмата „Граѓани, еднаквост, права и вредности“, да се вклучат во креирање одржливи решенија и заеднички да работиме на унапредување на владеењето на правото, заштитата на човековите права и јакнењето на демократијата во Северна Македонија,“ порача Лимани од Брисел.