Македонија
СДСМ: Полицијата не ги казни учесниците на литијата во Струга и на орото во Чаир

Мицкоски и Чулев се несовесни, а изборите се решение за нивното неодговорно однесување, смета владејачкиот СДСМ.
Партијата преку соопштение укажува дека опозициската партија шири паника и политиканство, додека здравствените власти се справуваат со пандемијата. Според СДСМ, министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, го поминал мандатот во заштита на криминалот на Мицкоски и со неговите постапки за неказнување на несовесните го загрозил здравјето на граѓаните.
„Полицијата не ги казнува лицата кои не почитуваат самоизолација, не ги казни оние од литијата во Струга, навивачите пред црквата Свети Спас, учесниците во орото во Чаир, граѓание кои не носат маски и не почитуваат дистанца. Затоа изборите се решение а не проблем. Тие се решение за незрелото и несериозно однесување на Христијан Мицкоски и Наќе Чулев и сите кадри на ВМРО-ДПМНЕ во преодната влада“, велат од СДСМ.
Според партијата, изборите се потребни за функционални институции кои ефикасно ќе се справат со сите последици од коронавирусот и подготвени ќе го дочекаат новиот бран на пандемијата најавен за наесен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Фетаи: Ја зајакнуваме транспарентноста на институциите

На денешната седница на Владата, по предлог на заменик-претседателот на Владата Арбен Фетаи, беа усвоени одлуки за зајакнување на транспарентноста и отчетноста на државните институции.
„Според анализата на спроведувањето на Стратегијата за транспарентност 2023–2026, координирана од кабинетот на вицепремиерот Фетаи, произлегува дека претходната влада СДСМ-ДУИ реализирала само една активност од 24 мерки и 56 активности предвидени во акцискиот план на стратегијата“, соопштија од Кабинетот на Фетаи.
Од таму велат дека со денешните одлуки, Владата го задолжи работното тело за спроведување на Стратегијата за транспарентност 2023–2026 во рок од 7 дена да подготви измени на акцискиот план, со утврдување нови рокови и надлежни институции за реализација на активностите.
„Меѓу преземените мерки, се издвојуваат три Министерствата и органите на државната управа во рок од 45 дена ќе ги објават сите информации од одговорените барања за пристап до информации од јавен карактер, анонимизирани, почнувајќи од 24 јуни 2024 година, органите на државната управа кои немаат веб-страници, ќе ги креираат во рок од 90 дена и министерствата и другите државни органи ќе ги објават на своите веб-страници внатрешните постапки за јавни набавки“, се наведува во соопштението.
Македонија
Утре сончево време, попладне локален дожд и грмежи

Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Попладне во југоисточните делови ќе има услови за изолирана појава на нестабилност со краткотраен пороен дожд и ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од западен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 18, а максималната ќе достигне од 28 до 35 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 34 степени.
Во четврток ќе дува умерен до засилен, а во петок повремено силен јужен ветер. Во сабота ќе има услови за повремен локален дожд и појава на ретки грмежи. Ќе дува умерен, долж Повардарието повремено засилен северен ветер, кој ќе продолжи и во недела, а дневната температура ќе биде во опаѓање.
Македонија
Јавна расправа за ГУП за Гази Баба и Шуто Оризари, граѓаните може да дадат свое мислење

Град Скопје во рамки на постапката за изработка на новиот Генерален урбанистички план ГУП 2022–2032 година организира jавна дискусија со цел вклучување на граѓаните во процесот на планирање и уредување на просторот.
Јавната дискусија за просторот во урбаниот опфат на Генералниот урбанистички план на град Скопје за територијата на Општина Гази Баба и на Општина Шуто Оризари ќе се одржи на 21 август 2025 (четврток) во салата на Советот на Град Скопје (барака број 13), во периодот од 9 до 11 часот за Општина Гази Баба и во периодот од 11 до 13 часот за Општина Шуто Оризари.
Граѓаните можат да дадат свои предлози мислења и забелешки за време на јавната дискусија, а истите можат да ги достават и писмено во архивата на Град Скопје (барака број 16) или електронски на адресата [email protected].
Град Скопје ги повикува сите заинтересирани граѓани и претставници на заедницата активно да се вклучат во овој процес од јавен интерес.