Македонија
Шекеринска: Важно е да добиеме активно Собрание што поскоро
Согласно прогласената нова вонредна состојба од 2 недели, и согласно законските рокови, 5 јули е точниот датум кога ќе се одржат изборите, изјави Радмила Шекеринска, по средбата со регионалниот изборен штаб. Шерекринска вели дека навлегувањето во други датуми по 5 јули носи опасност да се загрози гласачкото право на граѓаните, бидејќи ќе го спротивстави со правото на одмор.
Таа е децидна дека не смееме да дозволиме државата да продолжи да функционира со техничка влада и без Парламент. Токму овие две институции, вели Шекеринска, мора да се во полн технички и политички капацитет, заради успешно справување со Ковид-19 и последиците од него.
„Изборите мора да се одржат на истекот на 22 дена по завршување на вонредната состојба односно во конкретниот случај на 5 јули. Не постои никаков друг правен механизам, без разлика колку и тоа да не им се допаѓа на одредени политички партии и лидери. Добро ќе беше овој датум да се потврди и со консензус, но мора да знаеме дека имаме одговорност пред државата, пред граѓаните и нивното здравје. Не смееме да се втурнеме во бескрајни преговори кои ќе ги држат граѓаните во неизвеснот, само затоа што Мицкоски се плаши од избори и затоа преку своите министри прави саботажи кои се на штета на граѓаните. Важно е за нашата парламентарна демократија, за нашата економија, но првенствено за граѓаните и за нашето здравје да добиеме ново активно Собрание, ден поскоро и тој ден е 5 јули“, рече Шекеринска.
Според неа, секој оној кој сака да ги одложи изборите, сака да ја продолжи кризата. Таа вели дека во период кога мерките се олабавуваат, кога можеме по посебни заштитни протоколи да посетуваме маркети и трговски центри, да посетуваме угостителски објекти, по заштитни протоколи ќе можеме и да го оствариме своето избирачко право, без закани по нашето здравје или здравјето на другите.
„Нашите здравствени експерти ја следат ситуацијата, нашите медицински капацитети се сериозно зголемени за разлика од времето пред коронавирусот. Треба да знаеме дека ако имавме на пример по 40 заболени дневно на почетокот на кризата, кога не знаевме со што се соочуваме, ни оддалеку не се исто со 40 заболени сега, кога сме целосно подготвени и кога епидемиолошките кластери се под контрола“, додаде Шекеринска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

