Забава
Кајли Џенер во војна со „Форбс“ по објавената статија за неа
Престижниот магазин „Форбс“, кој минатата година на својата насловна страница ја прогласи Кајли Џенер за најмлада милијардерка, тврди дека таа повеќе не ја заслужува титулата, но Џенер возвраќа.
Својата сторија, објавена во петокот, „Форбс“ ја темели на финансиски документи откако реалити ѕвездата и магнат за козметика продаде мнозински удел во нејзината компанија. Новинарите на Форбс истражувале и откриле дека богатството на најмладата Кардашиан е намерно пренадуено.
Таа продаде 51% од нејзината компанија “Кајли козметикс“ на конгломератот „Коти“ во договор вреден 1,2 милијарди американски долари на почетокот на оваа година.
„Бизнисот на Кајли е значително помал и помалку профитабилен, отколку што семејството со години ги наведува козметичката индустрија и медиумите, вклучително и Форбс, да веруваат“, се вели во статијата. „Форбс сега смета дека Кајли Џенер, дури и откако инкасира околу 340 милиони долари по данок на добивка од продажба, не е милијардер“.
Џенер одговори со низа твитови: „Мислев дека ова е реномиранo списание… сега гледам неточни изјави и непоткрепени претпоставки. Никогаш не сум барала никаква титула.“
Подоцна таа твитна: „Но, добро, благословена сум на мои години, имам убава ќерка и успешна работа и се чувствувам совршено добро. Можам да наведам список од 100 работи што се поважни во моментов отколку утврдување колку пари имам.“
Нејзиниот бизнис и популарноста на социјалните мрежи направија Кајли да отскокнува во премногу позната фамилија инфлуенсери. Таа е сестра на Кендал Џенер и полусестра на Ким, Клое и Корни Кардашиан.
Во март 2019, „Форбс“ на насловна страница објави дека 21-годишната Кајли Џенер е најмлада милијардерка која сама го стекнала своето богатството.

Но во петокот, „Форбс“ ѝ ја симна круната со сосема поинаков наслов „Внатре во мрежата од лаги на Кајли Џенер – и зошто таа веќе не е милијардерка“.

„Глобалната криза со коронавирусот и нејзиниот ефект врз индустријата за козметика можеби ја намали нето вредноста на Кајли Џенер. Но, нејзиниот бизнис никогаш не бил толку голем. Фамилијата Џенерови секоја година лажат за нивниот бизнис уште од 2016 година – вклучувајќи даночни пријави и повраток на данок со лажни бројки – за да помогнат во проценката на Форбс за нивната заработка и нето вредност.“
Списанието вели дека не може да докаже дека документите биле фалсификувани.
Адвокатот на Џенер рече дека сторијата „е полна со целосни лаги“.
„Обвинувањата на Форбс дека Кајли и нејзиниот сметководител фалсификувале даночни пријави се недвосмислено лажни и ние бараме Форбс веднаш и јавно да ги повлече таквите тврдења,“ рече адвокатот Мајкл Камп. „Не би очекувале вакво нешто ниту од супрмаркет таблоид, а уште помалку од Форбс.“
Портпаролот на „Форбс“, Метју Хачисон, веднаш излезе со реакција во која вели дека магазинот започнал екстензивно истражување откако ново-поднесените документи откриле големи разлики и несовпаѓање помеѓу информациите што приватно биле доставени до новинарите и информациите што јавно им биле дадени на акционерите. Нашите новинари ги забележаа неточностите и со месеци ги откриваа фактите. Ние го охрабруваме нејзиниот адвокат повторно да ја прочита статијата“.
Кавгата помеѓу Џенер и Форбс се прелеа на Вол Стрит, каде вредноста на акциите на конгломератот „Коти“ (Coty Inc.) со седиште во Њујорк се намали за повеќе од 13% во петокот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Забава
(ФОТО) И на 40 години во врвна форма: Роналдо повторно ги воодушеви фановите
Кристијано Роналдо повторно ги воодушеви фановите со фотографија објавена на Инстаграм, на која позира без маица во црни боксерки, покажувајќи ја одличната физичка форма и на 40-годишна возраст.
„По сауна“, напиша кратко Роналдо под фотографијата направена во теретана. Ова не е првпат фудбалската ѕвезда да објави вакви фотографии, со кои редовно ја истакнува дисциплината, тренинзите и начинот на живот по кои е препознатлив.
View this post on Instagram
Забава
Леонардо ди Каприо никогаш повторно не го гледал „Титаник“
Актерот Леонардо ди Каприо ги шокираше фановите со признанието дека никогаш повторно не го погледнал „Титаник“, филмот што во 1997 година го лансираше во светска слава и ја обележа цела една генерација.
Ди Каприо за тоа зборуваше во разговор со Џенифер Лоренс во емисијата Actors on Actors, пренесува „Варајети“. За време на опуштениот разговор, Лоренс директно го праша: „Дали некогаш повторно го погледна ‘Титаник’?“
Ди Каприо без размислување одговори: „Не. Не сум го гледал.“
Лоренс се изненади и му рече: „Па, треба да го гледаш! Се кладам дека сега би можел да го гледаш, навистина е добар.“
„Јас всушност не ги гледам моите филмови. Ти ги гледаш ли твоите?“ ја праша Ди Каприо колешката.
„Не“, одговори Лоренс низ смеа. „Никогаш не сум снимила нешто како ‘Титаник’. Да сум, сигурно ќе го гледав. Еднаш бев многу пијана и го пуштив ‘American Hustle’. Се прашував: ‘Дали јас сум добра актерка?’ Го пуштив филмот… и не се сеќавам на одговорот.“
Ди Каприо слично признание дал и претходно. Во август, за списанието „Есквајр“, изјави дека ретко ги гледа своите филмови, но дека постои еден исклучок.
„Тоа е ‘Авијатичарот’. Тој филм ми беше особено важен“, рече актерот, присетувајќи се на соработката со режисерот Мартин Скорсезе и на неговиот долгогодишен интерес за ликот на Хауард Хјуз.
Филмот „Титаник“, во режија на Џејмс Камерон, стана еден од најуспешните филмови во историјата, а Ди Каприо во него глумеше заедно со Кејт Винслет.
„‘Титаник’ беше голем експеримент за Кејт и за мене“, изјави Ди Каприо уште во 2016 година. „Не можевме ни да замислиме колку голем ќе стане филмот. Сè тоа нè изненади.“
Тој додаде дека по тој успех морал да забави и да се врати на своите актерски цели.
„Знаев дека од мене се очекува нешто одредено, но сакав да останам верен на себе и на причината поради која воопшто почнав да глумам“, порача Ди Каприо.
Забава
Од февруари ќе се наплаќа пристап до фонтаната ди Треви
Од 1 февруари, туристите ќе мора да платат две евра за да добијат пристап одблиску до фонтаната ди Треви во Рим, една од најпознатите туристички атракции во градот. Бесплатен пристап ќе имаат само жителите на Рим, додека разгледување од далечина ќе остане без надомест.
Градоначалникот Роберто Гвалтиери изјави дека со оваа мерка се очекува годишен приход од околу 6,5 милиони евра. Наплатата е дел од поширок план со кој од 1 февруари ќе се воведат влезници и за уште пет локации во градот, со цена од пет евра.
Фонтаната ди Треви ја посетуваат во просек околу 30.000 луѓе дневно, а градските власти ја оправдуваат мерката со пренатрупаноста и проблемите со џепчии. Само во периодот од 1 јануари до 8 декември, просторот пред фонтаната го посетиле околу девет милиони туристи.
Традицијата на фрлање парички во фонтаната продолжува.

