Свет
Последниот танкер од Иран стигна до Венецуела, избегнувајќи ги санкциите од САД
Танкерот „Клавел“, последниот од иранската флота од пет танкери, пристигна на бреговите на Венецуела, само три дена по пристигнувањето на претходниот брод со нафта, пренесува РТ.
Петтиот танкер со нафта вчера влезе во водите на Венецуела со последната пратка од повеќе од 1,5 милиони барели нафта од Иран. Двете нации се соочуваат со строги санкции на САД, при што Вашингтон сакаше да ја запре иранската пратка што треба да го ублажи недостигот од нафта во јужноамериканската земја.
Претходно неделава, војската на Венецуела придружуваше уште четири брода – „Фортјун“, „Форест“, „Факсон“ и „Петунија“ – низ својата ексклузивна економска зона до нивната дестинација. „Факсон“ беше последниот што пристигна во Порто ла Круз на источниот брег на земјата во петокот.
Во меѓувреме, еден од бродовите, „Форест“, ја растоварил нафтата. Според податоците на „Марин трафик“, танкерот го напуштил пристаништето во кое се наоѓал и тргнал во непознат правец во неделата попладне.
Вашингтон претходно предупредуваше никој да не ѝ помогне на иранската флота да дојде до Венецуела. Специјалниот претставник на САД во земјата, Елиот Абрамс, изјави за „Ројтерс“ дека кампањата за притисок на владата на САД против Техеран и Каракас има за цел да се осигура дека сите ќе сфатат оти ова би било многу опасна трансакција за помагање.
Иако Белата куќа не кажа експлицитно дека има намера да ги пресретне танкерите, иранскиот претставник во САД претходно изјави дека бродовите може да се соочат со закана од непосредна употреба на воена сила од страна на САД. Техеран предупреди за какво било попречување на танкероте, предупредувајќи дека тоа ќе значи пиратство и голема опасност за меѓународниот мир и безбедност.
И покрај тоа што Венецуела има огромни резерви на нафта, нејзиниот капацитет за рафинирање е ограничен, а нејзината енергетска криза се влоши поради санкциите од САД. Ограничувањата доведоа до болен удар врз нафтениот сектор во земјата кој има најголем удел во приходите од буџетот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Бундесбанк: Германската финансиска стабилност е во опасност
Германската централна банка е загрижена за зголемувањето на нивото на долг во Европа и заканата што произлегува од тоа за германската финансиска стабилност.
Високите коефициенти на јавен долг и БДП во Европа, со тренд на зголемување, претставуваат ризик, смета Бундесбанк, додавајќи дека повисоките јавни трошоци и товарот на каматата ја поткопуваат одржливоста на долгот на поединечните земји.
„Германскиот финансиски систем е длабоко интегриран во европскиот, а со оглед на клучната врска помеѓу државата и банките, ова би можело да претставува значителен ризик за неговата стабилност“, објаснува членот на извршниот одбор на Бундесбанк, Михаел Теурер.
„Германските фискални регулативи неодамна беа изменети и не гарантираат долгорочна одржливост или усогласеност со фискалните регулативи на ЕУ, што може да бара прилагодувања на фискалната политика на среден рок“, додаде претставникот на Бундесбанк.
Меѓу ризиците, централната банка го издвои и ризикот за квалитетот на портфолијата на германските банки во претерано неизвесна средина.
Обемот на нефункционални кредити расте веќе некое време, главно поради проблеми во секторот за комерцијални недвижности. Банките сè повеќе мора да прават прилагодувања на вредноста на нивните кредитни портфолија, иако велат дека неотплатените кредитни обврски сè уште се „во рамките на управлива рамка“.
Проценката на Бундесбанк за влошување на макрофинансиското опкружување оваа година е поткрепена и од трговската и од економската неизвесност и од постојаните геополитички тензии.
Свет
Шефот на ОН ги критикува светските лидери: Милијарди се трошат за заведување на јавноста за климата
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, ги критикуваше светските лидери за нивниот неуспех да го ограничат затоплувањето на 1,5 степени Целзиусови.
Научниците потврдија дека светот ќе ја надмине границата од 1,5 степени Целзиусови околу 2030 година, што би можело да доведе до неповратни последици.
„Премногу корпорации остваруваат рекордни профити од климатското уништување, додека милијарди се трошат за лобирање, заведување на јавноста и попречување на напредокот“, рече Гутереш во својот говор.
„Премногу лидери остануваат заробеници на овие лични интереси.“
Земјите низ целиот свет трошат околу 1 трилион долари секоја година за фосилни горива. Лидерите имаат два јасни избори, рече Гутереш: „Можеме да избереме да водиме или да бидеме водени во пропаст.“
Конференцијата COP30 одбележува три децении разговори за глобалната клима. Во тој период, земјите делумно ги намалија проектираните зголемувања на емисиите, но не доволно за да го спречат она што научниците го нарекуваат екстремно глобално затоплување во следните неколку децении.
Светската метеоролошка организација (WMO) во извештајот наведува дека оваа година веројатно ќе биде втора или трета најтопла година досега, со просечни температури во август, по рекордните топлотни бранови во 2023 и 2024 година, 1,42 степени Целзиусови над прединдустриските нивоа.
Свет
Руски војник осуден на доживотен затвор за убиство на украински воен заробеник
Украински суд денес осуди руски војник на доживотен затвор за убиство на украински воен заробеник, прв таков случај од почетокот на руската инвазија на Украина.
Суд во југоисточниот град Запорожје го прогласи Дмитриј Курашов (27) за виновен за убиството на Виталиј Ходниук, украински војник кој се предаде на руските сили во јануари 2024 година.
Курашов, кој беше заробен од украинските сили заедно со други руски војници кратко по инцидентот, се изјасни за виновен на суд, иако подоцна им рече на новинарите дека е невин и сака да биде вклучен во размена на заробеници.
Неговата казна има симболично значење за Украина, која вели дека руските сили егзекутирале голем број украински воени заробеници, но осомничените обично се надвор од дофатот на украинската правда. Русија негира дека нејзините војници вршат воени злосторства.
Нападот во кој е убиен Ходниук се случил на 6 јануари 2024 година. Според обвинителите и сведоците, Ходниук се предал невооружен, клекнал, а Курашов го застрелал со митралез. Курашов тврди дека истрелите биле испукани од воен лекар по име „Седој“, кој подоцна починал. Рускиот напад бил краток.
фото: принтскрин

