Свет
Пензиониран припадник на „фоките“ ги тужи секретарот на морнарицата и новинар на „Њујорк тајмс“

Пензионираниот припадник на американските морнарички „фоки“, Еди Галагер, поднесе тужба против секретарот на морнарицата, Кенет Брајтвајт, и известувачот на „Њујорк тајмс“, Дејвид Филипс, под обвинение дека објавиле негови лични документи во весникот во обид да извршат притисок врз него, пренесува „Спутник“.
„Нашето семејство поднесе повеќе барања за истраги за да ѝ овозможи на морнарицата да спроведе своја внатрешна ревизија, но и покрај добро документираната корупција, операцијата за шпионажа која вклучува обвинител, манипулации со медиумите и други груби етички прекршувања, морнарицата одби да се смета за одговорна“ , се вели во изјавата на фондацијата „Пајп хитер“, непрофитна организација основана од Галагер и неговата сопруга за правна поддршка на ветерани.
Според тужбата, Филипс, наводно, добил 500 страници доверливи документи од кривичната истрага на морнарицата. Галагер исто така го обвини новинарот за измислување детали и давање лажни или погрешни изјави во своите извештаи за да му наштети на угледот.
Галагер, кој беше „фока“ 15 години, претходно беше прогласен невин за прободување до смрт на еден заробен тинејџер, борец на Исламска држава, пукање кон невооружени ирачки цивили и други кривични дела во контроверзниот процес.
За време на судењето, еден од сведоците – „фоката“ од морнарицата на САД, Кори Скот- призна дека тој самиот го задушил заробеникот до смрт. Галагер беше осуден за позирање со труп.
„Њујорк тајмс“ сепак ги отфрли тврдењата бидејќи потпретседателот за комуникации, Даниел Роудс-Ха рече дека Филипс го направил она што би требало да го прави секој добар новинар, додавајќи дека тужбата на Галагер е полна со теории на заговор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Лондон в година ќе добие такси без возачи

Американската компанија „Вејмо“ објави дека нејзините такси без возачи ќе бидат достапни на улиците на Лондон в година, што ќе го направи британскиот главен град првиот европски град со целосно автономна такси-услуга, пишува „Гардијан“.
Според соопштението на компанијата, возилата првично ќе работат со обучени возачи за безбедност, а целосно автономното возење се очекува да почне во 2026 година по добивањето на потребните дозволи од надлежните британски власти.
„Вејмо“, дел од групацијата „Алфабет“, која е сопственик и на „Гугл“, моментно нуди автономни такси-услуги во Сан Франциско и во неколку други американски градови. Компанијата наведува дека ќе соработува тесно со британското Министерство за транспорт за да обезбеди услови за безбедно воведување на технологијата.
Британската министерка за транспорт Хајди Александар ги поздрави плановите на американската компанија истакнувајќи дека „автономните возила ќе придонесат за нови работни места, инвестиции и поголема достапност на транспортот“.
Целосна имплементација на Законот за автономните возила во Велика Британија се очекува кон крајот на 2027 година, а слични проекти за Лондон најавија и „Убер“ и локалната компанија „Вејв“.
Фото: принтскрин
Свет
Нетанјаху: Хамас ќе очекува пекол ако не го положи оружјето

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Хамас ќе се соочи со пекол доколку не се согласи да го положи оружјето.
„Се согласуваме да му дадеме шанса на мирот“, рече Нетанјаху за „Си-би-ес њуз“.
На прашањето што би значело крај на војната во Газа, тој одговори: „Во предвидлива иднина, не само за Израел туку и за слободниот и цивилизиран свет, неопходно е да се задржи способноста за одбрана бидејќи слободата не е трајна, ниту автоматска“.
„Ако не можете да ги браните слободните општества, тие ќе бидат надвладеани од авторитарни или тоталитарни режими“, додаде тој.
Нетанјаху зборуваше и за Трамп и за заштитата на еврејската држава повторувајќи една од неговите мисли: „Начинот на кој се постигнува мир е преку сила“.
Откога Трамп во понеделник во Кнесетот изјави дека Нетанјаху не е најлесен за договор, израелскиот премиер возврати: „Многу сум цврст кога станува збор за иднината на мојата земја“.
„Кога верувам дека она што се бара од мене е исправно, велам ‘да’, а кога мислам дека треба да кажам ‘не’, тогаш велам ‘не’. Тоа е мојата работа – да ја заштитам еврејската држава и да ја обезбедам иднината на еврејскиот народ“, изјави Нетанјаху.
Свет
САД бараат од НАТО повеќе пари за оружје за Украина

Американскиот министер за одбрана, Пит Хегсет, ги повика сојузниците во НАТО да го зголемат финансирањето за купување американско оружје за Украина по падот на воената помош во јули и во август.
„Мир се постигнува кога сте силни, не со зборови, туку со способности што противниците ги почитуваат“, изјави Хегсет пред состанокот во Брисел.
Тој побара поголеми вложувања во програмата ПУРЛ, преку која се финансира набавката на оружје за Киев. Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти дека веќе се обезбедени две милијарди долари, иако тоа е помалку од очекуваните 3,5 милијарди.
Шведска, Естонија и Финска најавија нови донации, а Шпанија, Италија, Франција и Велика Британија се соочуваат со критики поради воздржаноста. Украина и понатаму во голема мера зависи од американското оружје додека се подготвува за уште една зима од војната со Русија.