Свет
Музичката индустрија прекинa со работa поради убиството на Флојд

Музичката индустрија во Соединетите Држави ја прекина работата на еден ден, реагирајќи на смртта на невооружениот Афроамериканец Џорџ Флојд, на кого полицаец во Минеаполис му го притискал вратот со коленото за време на апсењето и притоа му го одзел животот.
Сите три главни американски издавачки куќи објавија на социјалните медиуми дека ќе престанат да работат еден ден и повторно ќе се поврзат со својата заедница, пишува Би-би-си. Вработените денес се слободни, а вторник е прогласен за ден на акција, чија цел е да ги охрабри луѓето да преземат одговорност и да се променат.
Interscope вети дека нема да објави нова музика оваа недела, додека Ебро Дарден од Apple Music ги откажа своите радиоемисии. Голем број познати sвезди се изјаснија по повод смртта на Флојд. Ријана (32) на Инстаграм ги сподели чувствата на гнев и тага низ кои минува последниве денови.
„Тешко ми е кога гледам дека моите луѓе ги убиваат и јавно ги егзекутираат од ден во ден“, напиша пејачката.
Бијонсе (38) објави видео на Инстаграм и ги замоли нејзините фанови да потпишат петиција во која се бара правда за Флојд.
„Сите бевме сведоци на неговото убиство среде денот. Ние сме скршени и ужаснати“, напиша таа.
Лејди Гага (34) на „Твитер“ изјави дека гласот на црнечката заедница веќе долго време е замолчен и дека смртта на Џорџ Флојд е резултат на системски расизам и корумпиран систем.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Црн чад излезе од оџакот на Систинската капела, новиот папа се’ уште не е избран

Над Систинската капела вечерва се појави црн чад, што значи дека при првото гласање на кардиналите на конклавата не беше избран нов папа, наследник на папата Франциско кој почина на 21 април.
Црниот чад не е изненадување бидејќи папата со векови не е избран во првиот круг. Во наредните денови кардиналите можат да гласаат четири пати на ден, двапати наутро и двапати попладне.
Најдобри изгледи за избор на оваа конклава, според аналитичарите имаат италијанскиот кардинал Пјетро Паролин и Филипинецот Луис Антонио Тагле.
Кардиналите сега ќе се вратат во резиденцијата Санта Марта, каде што ќе останат во изолација до утре, кога почнува вториот ден од гласањето.
Свет
Украина има нов моќен дрон

Украина претстави еден од своите најнови и најмоќни ударни беспилотни летала, UAC FP-1, кој може да лета до 1.600 километри и да носи боева глава тешка дури 113 килограми. Ова го прави значително помоќен од претходниот модел PD-1, произведен пред неколку години, кој има домет до 1.000 километри и кој веројатно носи многу полесен товар, пишува Форбс.
Компанијата UAC, заеднички украинско-чешки проект, вложи многу напор за подобрување на деталите за FP-1 да има поголем домет и носивост. Најголемата разлика во споредба со постарите дронови е тоа што нема подвозје. За разлика од PD-1, кој полетува на тркала, FP-1 се лансира од рампа под агол, користејќи ракетен потисок од трупот.
Дронот беше официјално претставен во јавноста за прв пат на неодамнешниот саем во Киев, но се произведува од минатата година и веќе се користи во борба.
Украина се повеќе се потпира на сопствените ударни беспилотни летала, кои редовно напаѓаат цели како што се воздушните бази и рафинерии длабоко во руската територија.
FP-1 се проценува на повеќе од 100.000 долари.
Свет
Пакистанскиот премиер жестоко и се закани на Индија

Пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф и се обрати на нацијата откако Индија изврши воздушни напади врз цели во Пакистан и Кашмир под пакистанска управа. Во своето обраќање тој остро ги осуди нападите, нарекувајќи ги „кукавички“ и рече дека Пакистан покажал дека знае и може да се брани.
Шариф рече дека во рок од еден час од нападот на линијата на контрола, која ја формира де факто границата меѓу Индија и Пакистан, имало „континуирани борби“ во кои пакистанската армија, како што рече, покажала храброст.
„Тие ги уништија авионите на нашите напаѓачи и непријатели“, рече тој, повторно осврнувајќи се на тврдењата на пакистанската војска дека соборила индиски борбени авиони – што индиските власти досега не ги коментираа.
Премиерот изјави и дека Пакистан го дал својот прв одговор на Индија, нагласувајќи дека Индија ги почнала нападите, но дека Пакистан покажал дека знае да се бори за својата земја.
Во продолжение на својот говор, Шариф откри дека во индиските напади загинале 26 лица, а 46 други, меѓу кои жени и деца, биле повредени. Меѓу загинатите, како што рече, има и седумгодишно момче кое во моментот на нападот било дома со мајка си и брат му.
„Ставете ја раката на срцето“, рече премиерот. „Ви ветувам дека ќе се одмаздиме за секоја капка крв на овие жртви“.