Свет
Трамп се повлече, војската го напушта Вашингтон

Единиците на активната американска војска донесени во Вашингтон поради протестот почнуваат да се враќаат во нивните матични бази, објави магазинот „Тајм“.
Таа одлука ја донесе секретарот задолжен за безбедноста, Марк Еспер, пренесува „Тајм“.
Претставници на Министерството за одбрана соопштија дека околу 200 членови на елитната 82. воздухопловна единица за брзи дејства ќе го напуштат главниот град во текот на денот. Останатите активни трупи, кои се наоѓаат во воените бази надвор од градот во северна Вирџинија и Мериленд, исто така, ќе бидат повлечени во нивните бази во наредните денови, доколку дозволат условите.
Активните трупи беа ставени на располагање да интервенираат во Вашингтон, но не беа искористени како одговор на протестите.
Заминувањето на трупите доаѓа откако министерот за одбрана, Марк Еспер, им рече на новинарите дека сегашните услови не бараат употреба на воена сила за спроведување на законот и задушување на протестите.
Во последните неколку дена американскиот претседател, Доналд Трамп, разговараше за употребата на војската за спречување на насилните протести во американските градови.
Околу 1.300 војници на активните воени сили беа донесени во регионот на главниот град откако протестите станаа насилни, по смртта на Џорџ Флојд во Минесота.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Главниот преговарач на Москва се огласи и испрати порака: Русите секогаш го добиваат своето

Војната и преговорите во историјата отсекогаш се воделе истовремено, изјави шефот на руската делегација за преговори со Украина и помошник на рускиот претседател, Владимир Медински.
„Како по правило, секогаш, како што рекол Наполеон, војната и преговорите се водат истовремено“, рече тој во интервју за емисијата „60 минути“ на телевизијата „Русија 1“.
Како што истакна тој, оние кои бараат прекин на огнот пред мировните преговори за Украина не ја познаваат историјата.
„Многумина сега велат, наводно прво е потребен прекин на огнот и така било отсекогаш, 30 дена, 60 дена, не е важно. Тоа го велат луѓе кои воопшто не ја познаваат историјата“, рече тој.
Како примери, Медински ги наведе војната меѓу САД и Виетнам, Корејската војна и Советско-финската војна, за време на кои преговорите се водеа во текот на целата војна.
„Ако го земеме 20 век, ја имаме советско-финската војна, неверојатно е како историјата се повторува. Водачот на СССР, Сталин, предлага примирје со Финска, склучување мир. Англичаните и Французите провоцираат: не смее да се преговара, склучете мир. Ќе ви пружиме воена помош, ќе дојдат доброволни одреди од Франција и Англија. А кој, се разбира, не дојде? Тие не пристигнаа… Потоа, за време на борбените операции, се водат и преговори и на крајот се става точка, по што се склучува мир и завршуваат борбите… Војната и преговорите секогаш одат паралелно во историјата“, изјави тој.
„Русите секогаш доаѓаат за она што го сакаат – тоа е многу важна лекција од историјата“, рече Медински, потсетувајќи се на зборовите на Бизмарк.
„Бизмарк ги предупреди оние што се обидоа да ги измамат Русите и да им украдат нешто. Времето ќе помине, но порано или подоцна, Русите секогаш го добиваат она што го сакаат. Мислам дека тоа „Русите секогаш го добиваат она што го сакаат“ претставува многу важна лекција од историјата“, истакна рускиот функционер.
Според него, руската делегација ги потсетила украинските преговарачи на условите од договорот од 2022 година.
„Беше многу важно да се потсетиме на она што го договоривме во Гомељ на крајот на февруари. И како сè можеше да заврши ако Украина го прифатеше мирот на крајот на февруари. Тие не го прифатија, го одложија дури, и потоа следната фаза и договорите веќе беа во Истанбул“, рече Медински.
Свет
Ватикан: Исходот од преговорите во Истанбул е трагичен

Ватикан го опиша исходот од разговорите во Истанбул како „трагичен“ откако рускиот претседател Владимир Путин одби да учествува во директните разговори со Володимир Зеленски, објави Политико.
„Сето ова е трагично, бидејќи се надевавме дека тоа ќе биде, можеби, бавен, но мирен процес на решавање на конфликтот. Наместо тоа, се враќаме на почетокот“, изјави денес пред новинарите државниот секретар на Светата столица, кардиналот Пјетро Паролин.
Паролин додаде дека папата Лав XIV. планира да го понуди Ватикан како место за директна средба меѓу Украина и Русија, велејќи дека Светата столица е подготвена да се стави на располагање за продолжување на разговорите.
Свет
Фон дер Лајен: Светскиот поредок е нарушен од империјалистичките амбиции на Путин

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денес во Тирана изјави дека Европската Унија е посветена на создавање просперитет, вклучително и преку план за раст за Западен Балкан.
„Поврзаноста мора да биде високо на нашата агенда. Ние веќе создаваме такви можности преку нашата програма за Украина и нашите планови за раст за Западен Балкан и Молдавија“, рече таа на Самитот на Европската политичка заедница.
Фон дер Лајен рече дека светскиот поредок е нарушен од „империјалистичките амбиции“ на рускиот претседател Владимир Путин, како и од други глобални проблеми.
Таа истакна дека Европа останува обединета во својата непоколеблива поддршка за Украина, нагласувајќи дека тоа е причината за формирањето на Европската политичка заедница, по што најави нова рунда санкции против Русија.
„Главните елементи на овој пакет (санкции) ќе бидат, на пример, санкции за „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“, понатамошно вклучување на бродови во „сенката на флотата“ и намалување на горната граница на цената на нафтата и повеќе санкции врз рускиот финансиски сектор“, рече фон дер Лајен.
Таа нагласи дека ЕУ ќе подготви нови санкции против Москва за да обезбеди мир во Европа и да ја обезбеди заедничката иднина на континентот, за кој тврди дека е „напуштен од Русија“.
Фон дер Лајен ја повика Европа да го намали јазот во иновациите, да ја зголеми конкурентноста, да изгради сопствена отпорност и да ја продлабочи својата мрежа на партнерства на глобално ниво.