Македонија
Заев до Ахмети: Ако ДУИ условува со позицијата премиер, нема да биде дел од идната Влада

Доколку ДУИ има услов за коалиција за Влада, тогаш ДУИ нема да биде дел од идната Влада, порача на „Фејсбук“ лидерот на СДСМ, Зоран Заев, откако денеска Али Ахмети објави дека следна цел во политичката агенда на ДУИ е да го назначи првиот Албанец премиер на државата.
„Доколу СДСМ победи на изборите, јас сум кандидатот за претседател на Влада и ќе бидам премиер кој еднакво се бори за подобар живот на сите граѓани на Северна Македонија, нешто што го докажав низ сите мои политики изминативе години“, порача Заев .
Тој додава и дека според Уставот, пратениците во Собранието се бираат според волјата на граѓаните, а не според етничката припадност на еден или друг кандидат.
„Точно е дека граѓаните во нашето општество сè повеќе ги надминуваат етничките бариери, но поважно од тоа е дека при изборот тие се водат, пред сè од квалитетите на кандидатот и посебно од неговиот однос кон граѓаните, од неговата општествена посветеност за благосостојба на сите граѓани и државата, како и личниот пример што како впечаток кандидатот го остава пред граѓаните“, се наведува во реакцијата на претседателот на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Коњановски вети големи проекти, како реконструкција на улици, нов мост и инвестиции во спортот

На денешниот Саем-Отчет под мотото „4 години работа за тебе“, свое обраќање имаше градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, кој ги претстави проектите и инвестициите што се реализираат во градот.
Коњановски истакна дека општината вложува во инфраструктурата преку целосна реконструкција на улици со водоводна и канализациона мрежа. Според него, веќе е завршена првата третина од комплетната реконструкција на 800-метарскиот влез во Битола – долгогодишен проблем на градот.
„Направивме над 50 километри улици и во урбаните и во руралните средини. Улицата Бурса го решава густиот транспорт, влезот спрема Охрид е дооформен со нов мост, а реконструирани се и неколку поголеми улици како Крушевска Република и Стив Наумов“, изјави Коњановски.
Градоначалникот најави и големи инвестиции во спортот – реконструкција на стадионот „Петар Милошевски“, изградба на нова боксерска сала, велосипедски патеки и памп трака за рекреација.
„Стадионот го подготвуваме во полн сјај за претстојните натпревари, реконструкцијата на јужната трибина е огромен проект за градот. Во непосредна близина изградивме нова боксерска сала на местото на старата руина, а реконструиравме и спортска сала која по многу години повторно ги исполнува условите за Лигата на шампионите“, рече Коњановски.
Покрај тоа, општината веќе изгради два нови паркинга, а со проектите поддржани од Владата се очекуваат уште пет. Битола издвојува и значителни средства за спортските клубови – над 1,5 милиони евра годишно.
„Првите велосипедски патеки се завршени – повеќе од 5,5 километри со комплетно обележување, но тука не застануваме“, додаде градоначалникот.
Македонија
Тврдењата на д-р Кедев за операциите во приватните болници ќе ги „чешлаат“ експерти од Словенија, Италија и од Германија

Министерот за здравство, Азир Алиу, најави дека до понеделник ќе биде комплетирана листата со странски експерти кои ќе ја анализираат праксата на приватните болници и ќе утврдуваат дали се извршувале непотребни операции кај пациенти.
„Еден експерт ќе биде од Словенија, вториот е од Италија, а за третиот се разгледуваат кандидати од Австрија и Германија“, изјави Алиу за ТВ 24.
Министерот нагласи дека ангажирањето на странски експерти е направено за да се обезбеди поголема објективност и точна проценка на состојбата во приватните здравствени установи.
Во меѓувреме, Министерството за здравство ја подготвува и методологијата по која ќе се опфатат здравствените установи од приватниот и јавниот сектор. Од приватните болници ќе се бара до 15 септември да достават целосен список на интервенции до Министерството.
Овие мерки следат по изјавата на професор д-р Сашко Кедев дека во одредени приватни болници се извршувале операции за профит, иако тие интервенции не биле медицински неопходни.
Македонија
Изјавите на премиерот се опасни и провокативни, велат од ДУИ

Денешните изјави на премиерот Христијан Мицкоски, според ДУИ, не претставуваат само „чисти клевети“ и обид за сокривање на кризата на легитимитетот на неговата влада, туку се и опасни, бидејќи можат да поттикнат етнички судири.
„ДУИ отсекогаш била гаранција за слободни и демократски избори. Немаме никаква причина да се вклучуваме во ‘тајни планови’ или ‘хаос’, како што тврди Мицкоски“, велат од партијата.
Во соопштението се потенцира дека премиерот, наместо да измислува непријатели, треба да објасни зошто неговата влада го крши Уставот и дискриминира Албанците, зошто го намалува бројот на советници и ја инструментализира ДИК, Уставниот суд и другите институции во корист на партиските и моноетничките планови.
„Со секоја одлука ја враќа државата назад во времето пред 2001 година“, се наведува во реакцијата.
ДУИ предупредува и на штетната соработка помеѓу ВМРО и СДСМ, која, според партијата, го дискриминира претставувањето на дијаспората и го крши Охридскиот рамковен договор.
„Добро е ВМРО и СДСМ да ја прекинат нивната соработка на штета на Албанците и другите заедници, спротивно на Уставот и законите“, порачуваат од ДУИ.
Партијата истакнува дека октомвриските избори ќе бидат тест на граѓанската волја и референдум за политиката на страв, манипулации и демонтажа на мултиетничката држава.
„Демократијата не се плаши од невистинити изјави. Ниту Албанците, ниту Македонците не заслужуваат да бидат водени од клевети и лажни сценарија. А каде ќе биде ДУИ, тоа зависи единствено од народот“, заклучуваат од партијата.