Култура
Филмот „Врба“ на фестивал во Пекинг
По фестивалското затишје поради коронавирусот, филмот на Манчевски го продолжува походот на светските фестивали.
Филмот „Врба“ на Милчо Манчевски е селектиран во официјалната натпреварувачка програма на 10. Филмски фестивал во Пекинг, каде што ќе присуствува и режисерот.
Фестивалот ќе се одржи кон крајот на август годинава, а заедно со Шангај, Бусан, Хонгконг и Токио е во петорката најголеми во Азија.
„Врба“ беше прикажан и на 39. Филмски фестивал во Истанбул, кој, поради светската пандемија предизвикана од коронавирусот, се одржа онлајн. Петнаесетте избрани филмови на Фестивалот, меѓу кои и „Врба“, фестивалската публика можеше да ги види со купен билет за онлајн-прикажување.
Турската критика го нарече „Врба“ – „веројатно најдобар филм на Фестивалот“. Ердоган Митани, критичарот на најстариот реномиран весник во Турција, „Џумхуријет“, во освртот со наслов „Фестивалски допинг во денови на рестрикција“, вели: „Без преувеличувања, еден контролиран сензибилитет со извонредна природност нѐ води од минатото кон денешницата; филм со три засебни приказни на три жени, кои иако се од разни времиња и во разни состојби, преку јадовите што ги преживуваат си ги надополнуваат судбините небаре станува збор за една личност“.
Сите досегашни филмски остварувања на Манчевски во текот на годините беа селектирани и прикажани на овој фестивал со долгогодишна традиција и еден од најголемите во Европа. Неговите филмови се изучуваат на универзитетите и во Турција и Кина. Во 2017 Манчевски беше и првиот македонски уметник со ретроспективно претставување во Азија, во Шангај имаше циклус филмови, изложба, книга и предавање.
По светската премиера на Римскиот филмски фестивал во октомври минатата година, каде што беше поздравен со шестминутни овации, и по македонската премиера и киноприкажување од два и пол месеца, кога ги собори рекордите на гледаност, „Врба“ беше и дел од официјалните програми на светските фестивали во Тајпеј, Талин, „Фест“ во Белград, „Бенгалуру“ во Индија и „Синеквест“ во Калифорнија.
„Врба“ ја освои и наградата за најдобар филм во програмата „Недела на режисерите“ на 40. издание на филмскиот фестивал „Фантаспорто“ во Порто, Португалија, како и наградата за најдобар филм на камерниот фестивал на независни филмови во Велингтон, Нов Зеланд.
Во Македонија филмот беше прикажан на Македонската радио-телевизија, како и на два домашни фестивала – „Златна рамка“ и на Фестивалот на современите ирански и македонски филмови.
„Врба“ беше поканет и на низа други фестивали, меѓу кои и во Хамбург, Софија и во Шангај, но поради светската пандемија, тие беа откажани или одложени, па проекциите во Истанбул и Пекинг се всушност враќање на филмот во фестивалски живот.
Во главните улоги настапуваат Сара Климоска, Наталија Теодосиева, Камка Тоциновски, Никола Ристески, Ненад Нацев, Петар Мирчевски и Ратка Радмановиќ. Филмот е македонско-унгарско-белгиско-албанска копродукција и беше поддржан од Агенцијата за филм како филм од посебен интерес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Љутков од Охрид: Културата што денес ја негуваме, утре ќе биде јазикот преку кој нашиот регион ќе зборува – со заемна почит, доверба и визија
„Нашето културно наследство, како материјален и нематеријален ресурс, бара внимателно и одговорно управување. Во услови на климатски промени, деградација на просторот и притисок од масовниот туризам, неопходно е да применуваме интегрирани методологии што ги поврзуваат научните знаења, стручните практики и современите технологии. Заштитата на наследството е чин на стратешко планирање, но и чин на одговорност кон идните генерации“, истакна министерот за култура и туризам Зоран Љутков на отворањето на министерската конференција на „Советот на министри за култура од Југоисточна Европа – јакнење на културата во функција на одржливиот развој“ (КОМОКОСЕЕ), што денеска се одржа во Охрид.
Според Љутков, глобалните кризи во последната деценија јасно покажуваат дека културата мора да биде интегрален дел од општествениот развој. Според него, Регионалната стратегија за културна соработка во Југоисточна Европа, усвоена во Охрид 2014 година, постави важни темели за соработка, но денес е потребно тие да се надградат со поефикасни механизми, функционална соработка и засилена доверба меѓу земјите од регионот.
Тој ја нагласи важноста на заштитата на културното наследство, дигиталната трансформација и зголемената улога на локалните заедници, како клучни елементи за развој на современи културни политики. Министерот ја потенцираше и иницијативата за воспоставување Регионален фонд за културна соработка, оценувајќи дека тоа ќе обезбеди поголема стабилност и професионализација на заедничките активности.
„Заедничката иницијатива за воспоставување Регионален фонд за културна соработка може да биде важен институционален чекор кој има потенцијал да обезбеди стабилност, предвидливост и професионализација на регионалните активности. Искрено верувам дека 2026 година и претседавањето на Република Молдавија со Советот на министри за култура се реална можност за негово финално воспоставување, што ќе ја потврди нашата способност, но и зрелост да го претвориме заедничкиот интерес во конкретен механизам. Само на тој начин Комокосе ќе биде релевантна платформа која ќе генерира влијание и ќе трасира остварување на заеднички посакуваните цели“, рече Љутков.
Министерот се заблагодари на партнерите од УНЕСКО, Европската Унија и Советот на Европа, истакнувајќи дека нивната поддршка е признание за потенцијалот на регионот и важен поттик за понатамошна интеграција на заедничките културни политики.
Дводневната конференција во Охрид е во организација на Министерството за култура и туризам, кое е претседавач на „Советот на министри за култура на Југоисточна Европа – јакнење на културата во функција на одржливиот развој“. На собирот во Охрид учествуваат министри за култура, заменици-министри и шефови на делегации од: Молдавија, Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Србија, Црна Гора, Словенија, Турција, Бугарија, Грција, Романија, како и голем број експерти.
На конференцијата се обрати и директорката на Регионалното биро на УНЕСКО за наука и култура на Европа со седиште во Венеција, Магдалена Ландри, која потенцираше дека Југоисточна Европа е регион со извонредно културно богатство, а нејзината културна разновидност ги одразува вековите креативност и издржливост, како и живиот идентитет на нејзините народи.
„УНЕСКО останува цврст партнер на Комокосе и е целосно посветен на поддршка на неговата мисија за унапредување на културната соработка, добрососедските односи и помирувањето. Особено ја поздравуваме улогата на Република Северна Македонија во заштитата и промоцијата на културното наследство преку националните развојни политики“, рече Ландри.
На конференцијата, со акламација беше усвоена „Охридска декларација 2025“, документ кој ја потврдува заедничката посветеност на земјите од Југоисточна Европа за зајакнување на регионалната културна соработка, одржливиот развој и заштитата на културното наследство.
Следната, 2026 година со Советот на министри за култура на Југоисточна Европа, ќе претседава Република Молдавија.
Култура
Премиера на кратките филмови создадени во „Филмска училница“
На 13 декември, сабота, со почеток во 19:00 часот, во киносалата на Кинотеката ќе се одржи специјална проекција на кратките филмови изработени од младите филмаџии – учесници на работилницата „Филмска училница“, реализирана од Кинотеката на Република Северна Македонија и Гете-институт Скопје, како дел од меѓународниот проект ФилмЕД.
Премиерно ќе бидат прикажани четири кратки филма создадени во рамките на училницата: КЛЕТВАТА НА ПАПАГАЛОТ, ТИ И ЈАС, РОДЕНДЕНСКА МИТЕРИЈА, ПИСМОТО ЗА НАСТАВНИЧКАТА и ДЕВОЈЧЕТО НА СЛИКАТА.
Филмските училници од проектот ФилмЕД се одржуваа секоја сабота во Кинотеката во текот на првото полугодие од учебната 2025/26 година, а во нив учествуваа деца на возраст од 11 до 14 години. Под менторство на режисерите Саша Станишиќ, Светислав Подлешанов и Кирил Каракаш, младите учеа за основите на филмската уметност и активно работеа на создавање на свои први кратки филмови – во улоги на режисери, сниматели, актери и сценаристи.
„Филмска училница ФИЛМЕЈ“ е дел од проектот ФилмЕД, кој, покрај развој на методологии за филмска едукација, има за цел да ѝ понуди на младата публика можност да гледа филмови, но и место за дијалог и критичко промислување за нив. Преку интерактивни и креативни процеси, учесниците стекнаа основни знаења за филмот и филмската уметност, развија критичко размислување и добија практични вештини за создавање видео-содржини како средство за лично изразување. Кратките филмови што ги создадоа на овие училници утревечер ќе бидат прикажани пред нивните семејства, пријатели и пошироката јавност.
Кинотеката на Северна Македонија и Гете-институтот Скопје се дел од меѓународниот проект FilmED (Film Education), финансиран од Европската Унија преку програмата МЕДИА. Покрај нив, во проектот учествуваат партнери од Полска (Centrum Kultury Filmowej im. Andrzeja Wajdy), Унгарија (Nemzeti Filmintézet Közhasznú Nonprofit Zrt.), Чешка (Kruton) и Словачка (Kino Úsmev), а координатор на целиот проект е Гете-институтот во Прага.
Култура
Сашо Блажес изложува на меѓународна изложба во Кина
Современиот уметник Сашо Блазес е учесник на меѓународната групна изложба „Par-delà les nuages – abstraction“, организирана од реномираниот француски колектив Réalités Nouvelles, која се одржува во Сужоу, Кина, од 14 декември до 25 февруари.
Изложбата обединува современи апстрактни уметници од повеќе земји и ја истражува апстракцијата како универзален визуелен јазик што ги надминува културните и географските граници.
Проектот е куриран од Оливие Ди Пицио (Франција) и реализиран во соработка со француски и кинески културни институции.

