Култура
Филмот „Налепница“ добитник на награда во Бруклин
Наградата за филмот „Налепница“ на Георги Унковски, кој е прогласен за најдобар краток филм на „Бруклин филм фестивал“ е уште една од низата добри вести за нашиот филм. Овој филм беше прикажан во конкуренција на филмскиот фестивал „Санденс“, а доби и престижна награда во Словачка. Филмот беше финансиран од Агенцијата за филм во 2019 година.
Филмот „Налепница“ исто така е селектиран и ќе биде прикажан на претстојното издание на Palm Springs International Short Film Fest 2020, кој оваа година ќе се одржи од 16 до 22 јуни.
Викендов свое прикажување во рамките на иницијативата We Are One – A Global Film Festival имаше и филмот „Знак“ на Елеонора Венинова, кој имаше и своја премиера во програмата „Кензен“ на Канскиот филмски фестивал. Филмот е дел од проектот SEE Factory, поддржан преку Агенцијата за филм.
Сепак, планетарната криза поврзана со Ковид-19 има големи реперкусии и во функционирањето на Агенцијата за филм, а тоа секако значи дека и македонскиот филм е пред предизвици. Застојот поради Ковид-19 ги стави во мирување сите проекти на Агенцијата, а филмските работници, кои се најчесто слободни уметници, немаат покриено придонеси и редовен месечен надомест. Агенцијата за филм заедно со Друштвото на филмските работници – ДФРМ, иницира и издејствува средства за субвенција на филмските работници за два месеца. Исто така, сите проекти што беа во завршна фаза Агенцијата направи напор да бидат исплатени, а притоа напомена приоритет во исплатите да бидат слободните филмски работници што работеле на овие филмови.
Ова беа меѓу првите интервентни мерки преземени од европските фондови со цел ублажување на влијанието на последниците од епидемијата, кои секако ќе ги има и во периодот што следува, па поради тоа се размислува и за нови мерки, кои би следувале.
„На македонскиот филм му посакувам да продолжи да ја живее својата ренесанса и да се продуцираат добри и квалитетни филмови, кои ќе остават печат во домашната и странската кинематографија. Во оваа криза, пред сè, мораме да ги заштитиме филмските работници, тие посветени професионалци, без кои нема да има македонски филм. Агенцијата ќе ги објави резултатите од конкурсот за филм како и секоја годината кон крајот на јуни, почетокот на јули“, изјави Горјан Тозија, директор на Агенцијата за филм.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Премиера на кратките филмови создадени во „Филмска училница“
На 13 декември, сабота, со почеток во 19:00 часот, во киносалата на Кинотеката ќе се одржи специјална проекција на кратките филмови изработени од младите филмаџии – учесници на работилницата „Филмска училница“, реализирана од Кинотеката на Република Северна Македонија и Гете-институт Скопје, како дел од меѓународниот проект ФилмЕД.
Премиерно ќе бидат прикажани четири кратки филма создадени во рамките на училницата: КЛЕТВАТА НА ПАПАГАЛОТ, ТИ И ЈАС, РОДЕНДЕНСКА МИТЕРИЈА, ПИСМОТО ЗА НАСТАВНИЧКАТА и ДЕВОЈЧЕТО НА СЛИКАТА.
Филмските училници од проектот ФилмЕД се одржуваа секоја сабота во Кинотеката во текот на првото полугодие од учебната 2025/26 година, а во нив учествуваа деца на возраст од 11 до 14 години. Под менторство на режисерите Саша Станишиќ, Светислав Подлешанов и Кирил Каракаш, младите учеа за основите на филмската уметност и активно работеа на создавање на свои први кратки филмови – во улоги на режисери, сниматели, актери и сценаристи.
„Филмска училница ФИЛМЕЈ“ е дел од проектот ФилмЕД, кој, покрај развој на методологии за филмска едукација, има за цел да ѝ понуди на младата публика можност да гледа филмови, но и место за дијалог и критичко промислување за нив. Преку интерактивни и креативни процеси, учесниците стекнаа основни знаења за филмот и филмската уметност, развија критичко размислување и добија практични вештини за создавање видео-содржини како средство за лично изразување. Кратките филмови што ги создадоа на овие училници утревечер ќе бидат прикажани пред нивните семејства, пријатели и пошироката јавност.
Кинотеката на Северна Македонија и Гете-институтот Скопје се дел од меѓународниот проект FilmED (Film Education), финансиран од Европската Унија преку програмата МЕДИА. Покрај нив, во проектот учествуваат партнери од Полска (Centrum Kultury Filmowej im. Andrzeja Wajdy), Унгарија (Nemzeti Filmintézet Közhasznú Nonprofit Zrt.), Чешка (Kruton) и Словачка (Kino Úsmev), а координатор на целиот проект е Гете-институтот во Прага.
Култура
Сашо Блажес изложува на меѓународна изложба во Кина
Современиот уметник Сашо Блазес е учесник на меѓународната групна изложба „Par-delà les nuages – abstraction“, организирана од реномираниот француски колектив Réalités Nouvelles, која се одржува во Сужоу, Кина, од 14 декември до 25 февруари.
Изложбата обединува современи апстрактни уметници од повеќе земји и ја истражува апстракцијата како универзален визуелен јазик што ги надминува културните и географските граници.
Проектот е куриран од Оливие Ди Пицио (Франција) и реализиран во соработка со француски и кинески културни институции.
Култура
Промоција на поетската книга „Ситна боранија“ од Јовица Ивановски
Во понеделник, 15.12.2025, со почеток во 20 часот, во новиот ЛАБОРАТОРИУМЛабораториум (12 Македонска Ударна Бригада бр. 2а, на паркингот позади старата Градска болница – некогашен Јукан), ќе се одржи промоција на поетската книга „Ситна боранија“, од Јовица Ивановски.
Книгата ќе ја промовираат Владимир Јанковски и Сашо Гигов-Гиш.
Авторот, воедно, прославува и двоен јубилеј: триесет години творештво и дваесетта книга поезија.
Jовица Ивановски е роден во Скопје, 1961 година. Автор е на дваесет книги поезија и неколку избори на македонски и англиски. Застапен е во повеќе антологии и препеан на петнаесетина јазици. Добитник е на наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките Вечери на Поезијата за книгата „Човек“ (2019).

