Свет
Велика Британија ги отвори трговските преговори со Јапонија

Велика Британија почна преговори за договор за слободна трговија со Јапонија во период кога извештаите сугерираат дека дискусиите помеѓу Британија и Европската Унија би можеле да пропаднат за риболовот и регулаторното усогласување, пренесува „Брејтбарт“.
Британскиот оддел за меѓународна трговија вчера објави дека договорот ќе се заснова на постојниот договор ЕУ-Јапонија, но ќе обезбеди дополнителни придобивки, како што е обезбедување поддршка за 5,9 милиони за малите бизниси во Велика Британија.
Дигиталната трговија исто така ќе има значајна улога во договорот, при што двете земји ќе постават стандарди во областите, како е-трговијата и дигиталната технологија, што, според владата, ќе ѝ помогне на Велика Британија да се постави на позиција на глобална технолошка суперсила.
Британскиот државен секретар за меѓународна трговија, Лиз Трус, ги почна преговорите виртуелно преку видеоповик со јапонскиот министер за надворешни работи, Мотеги Тошимицу. Поради тековните блокади предизвикани од коронавирусот во целиот свет, преговорите ќе се одвиваат преку видеоконференција.
Во изјавата на одделот за меѓународна трговија се вели: „Минатата година трговијата со Јапонија вредеше над 30 милијарди фунти и 9.500 бизниси со седиште во Велика Британија извезуваа стока во земјата помагајќи да се вработат 2,4 милиона луѓе. Договор за слободна трговија со Јапонија ќе помогне во генерирање значајни можности за целата економија, создавање работни места, зголемување на платите и зголемен избор за потрошувачите“.
Трговскиот договор со Јапонија не само што ќе ги зголеми приходите и ќе даде поттик за работни места и бизниси туку е и важен чекор во приклучувањето на Велика Британија во сеопфатниот и прогресивен договор за транспацифичко партнерство (CPTPP), кој опфаќа 11 земји од Австралија до Чиле, и ќе го подобри пристапот за британските бизниси во азиско-пацифичкиот регион.
Минатиот месец Велика Британија ги почна трговските разговори со САД, при што двете страни велат дека преговорите биле позитивни и конструктивни. Велика Британија напредува во остварувањето нови трговски врски во целиот свет во време кога разговорите со трговскиот блок, на кој порано му припаѓаше и Велика Британија, се во застој.
Во петокот главниот трговски преговарач на ЕУ, Мишел Барние, рече дека нема напредок по завршувањето на четвртата рунда разговори. ЕУ сака да ги одржи сегашните договори во врска со риболовот. Според заедничката политика за риболов на ЕУ, речиси 60 отсто од уловот во британските територијални води е на европските рибари. По улов и зона, загубата за британските рибари е огромна: 84 отсто од бакаларот во Ла Манш го ловат Французите, само девет отсто добиваат Британците.
Велика Британија тврди дека нема да отстапи од враќањето на контролата врз своите територијални води нудејќи годишни преговори за риболовните интереси на ЕУ. Иако претходните извештаи сугерираа дека ЕУ се подготвува да го ублажи својот максималистички пристап за барање континуирани права за риболов, некои земји членки, како Франција, се противат и вршат притисок врз Барние да се држи до оригиналната тврда линија на ЕУ, со која Европејците може да продолжат непречено да ловат во британските води на неодредено време.
И други фактори вршат притисок врз договорот Велика Британија-ЕУ, како што е инсистирањето на ЕУ, Велика Британија се придржува до регулативите на Брисел, што не само што ќе ја спречи да стане глобален конкурент туку може да ги спречи и договорите за слободна трговија со други земји.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Орбан по разговорите Трамп-Путин: Голема вест за мирољубивите луѓе, подготвени сме

Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека наскоро повторно ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин, а овој пат средбата ќе се одржи во Будимпешта. Двајцата лидери се согласија за нов самит за време на телефонски разговор.
Унгарија е подготвена да биде домаќин на самитот Русија-САД, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан.
„Планираната средба меѓу американскиот и рускиот претседател е голема вест за мирољубивите луѓе низ целиот свет. Подготвени сме!“ напиша тој на X.
Трамп и Путин последен пат се сретнаа пред два месеци во Алјаска, но таа средба не донесе конкретен напредок кон мирот во Украина, по што следеше период на дипломатско затишје меѓу Вашингтон и Москва, анализираат медиумите.
Денешниот телефонски повик не беше објавен со денови, за разлика од некои претходни, а аналитичарите истакнуваат дека времето на неговото случување е исклучително значајно. Имено, Трамп утре треба да се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Клучната тема на нивниот разговор ќе биде можното испраќање американски ракети со долг дострел „Томахавк“ во Украина, што би претставувало значително зголемување на воената помош за земјата.
Фото: принтскрин
Свет
Трамп по телефонскиот разговор: Ќе се сретнам со Путин во Будимпешта

Американскиот претседател Доналд Трамп денес разговараше по телефон со рускиот претседател Владимир Путин, еден ден пред најавената средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Трамп напиша на својата социјална мрежа „Truth Social“ дека разговорот бил „многу продуктивен“.
„Претседателот Путин ми честиташе мене, како и на Соединетите Американски Држави, за големото достигнување – мир на Блискиот Исток – нешто за кое, како што рече, се сонувало со векови. Навистина верувам дека успехот на Блискиот Исток ќе помогне во нашите преговори за ставање крај на војната меѓу Русија и Украина“, додаде американскиот претседател.
Тој, исто така, изјави дека трговијата меѓу Русија и САД е дискутирана кога ќе заврши војната во Украина.
„Се договоривме дека следната недела ќе се одржи состанок на нашите високи советници. Првичните состаноци од американска страна ќе ги води државниот секретар Марко Рубио, заедно со неколку други лица кои ќе бидат одредени подоцна. Местото на состанокот ќе биде одредено подоцна. Потоа претседателот Путин и јас ќе се сретнеме на договорената локација – во Будимпешта – за да видиме дали можеме да ја завршиме оваа „озлогласена“ војна меѓу Русија и Украина“, напиша Трамп.
Тој потсети дека утре во Белата куќа се среќава со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Специјалниот претставник на Владимир Путин, Кирил Дмитриев, рече дека разговорот меѓу претседателот на Русија и Трамп бил „позитивен и продуктивен“.
Се очекува дека на утрешната средба во Белата куќа, Зеленски ќе побара од Трамп посилна воена поддршка за Киев во конфликтот против Русија. Киев бара од САД да го снабдат со ракети „Томахавк“ со долг дострел, според Ројтерс.
Трамп рече дека би можел да ја снабди Украина со такво оружје ако Путин продолжи да одбива да учествува во мировните преговори.
Амбасадорот на Русија во Велика Британија, Андреј Келин, се придружи на низа московски дипломати кои упатија строго предупредување до САД во врска со можната испорака на крстосувачки ракети „Томахавк“ во Украина.
Фото: принтскрин
Свет
Фицо: Без разумни предлози, нема да поддржам нови санкции против Русија

Словачкиот премиер Роберт Фицо денес изјави дека нема да го поддржи 19-тиот пакет санкции против Русија, освен ако заклучоците на Европскиот совет не содржат, како што изјави, „разумни предлози и насоки“ за Европската комисија.
Зборувајќи на собирот „Ден на извозот на ЕУ“, посветен на зајакнување на подготвеноста за извоз и конкурентноста на компаниите надвор од ЕУ, Фицо истакна дека Европскиот совет мора да се справи со клучните економски прашања, а не само да ѝ помогне на Украина, објави словачки „Справи“.
„Нема да го поддржам 19-тиот пакет санкции против Русија сè додека не видиме разумна формулација и упатства за Европската комисија во заклучоците на Европскиот совет“, рече Фицо, додавајќи дека лидерите на ЕУ имаат обврска да ја водат Комисијата како извршен орган на Унијата.
Тој нагласи дека е потребно да се дадат конкретни предлози во врска со индустријата, особено автомобилската индустрија, како и цените на електричната енергија.
Фицо ги повика политичките и економските актери во Словачка да се подготват за идното обновување на односите со Русија, бидејќи, како што изјави, „по завршувањето на војната, ќе биде потребно да се бараат деловни можности во таа земја“.
Премиерот на Словачка го критикуваше Европскиот совет за, според неговите зборови, прекумерна концентрација на Украина, додека проблемите со конкурентноста на земјите од ЕУ се занемаруваат.
„Ако не го решиме прашањето на извозот и високите цени на енергијата, нашите производи нема да можат да бидат конкурентни на светскиот пазар“, предупреди Фицо.
Осврнувајќи се на планираната забрана за производство на автомобили со мотори со внатрешно согорување од 2035 година, Фицо повика на преиспитување на таа одлука со продолжување на рокот или промена на условите.
„Автомобилската индустрија во Словачка учествува со околу 40 проценти во извозот и 10 проценти во БДП. Ако го оставиме тоа настрана, и знаеме во каква криза се наоѓа, и не кажеме ништо на следниот Европски совет, се поставува прашањето, зошто воопшто се состануваме, освен за Украина?“, заклучи Фицо.
Фото: принтскрин