Економија
Влада: Димитриеска-Кочоска ја става во ризик долгодишната соработка со Светска банка
																								
												
												
											Заменик-министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, ја става во ризик долгодишната соработка меѓу банката и нашата земја, било утврдено на денешната владина седница на која како гостин учествувала и претставничката на нашата земја во Светска банка, Нина Фити-Неделковска. За таа цел, велат од Владата, ќе биде побарано мислење од ДИК за нејзиното работење.
„Владата на денешната седница, со цел да се одблокира потпишувањето на договорот со Светска банка за поволен заем во висина од 90 милиони евра од страна на дополнителната заменик-министерка за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, организираше расправа на која како гостин учествуваше и претставничката на нашата земја во Светска банка, Нина Фити-Неделковска, која објасни дека одолговлекувањето на потпишувањето на договорот ја става во ризик долгодишната соработка меѓу банката и нашата земја, особено во делот на исклучително доброто искуство во финансиската поддршка на социјалните и општествено одговорните политики во последните неколку години“, соопштија од Владата.
Аргументите изнесени на седницата, додаваат од таму, како и исклучителниот јавен интерес за потпишување на овој поволен аранжман со Светската банка, не биле доволни за дополнителната заменик-министерка за финансии Димитриеска-Кочовска.
Со договорот за заем, средствата во висина од 90 милиони евра се наменети за зајакнување на капацитетите на здравството за справување со Ковид-19, за набавка на медицинска опрема, за финансирање на придонесите за здравствено осигурување за невработените и за ранливите групи, за финансирање на привремената поддршка за невработените со обезбедување паричен надоместок за оние што ги изгубиле работните места во кризата, за привремената социјална помош на посиромашните граѓани кои пред кризата не ги исполнувале условите, како и за поддршка за работниците што биле одјавени од нивните работодавачи и кои добиваат надоместоците од осигурување во случај на невработеност,
„Со оваа своја постапка, да одбие да го потпише договорот за заемот од Светска банка, беше истакнато на седницата, дополнителната заменик-министерка за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска ги доведува во сериозен ризик реализацијата на овие иницијативи за зајакнување на здравството и за поддршката на социјално ранливите категории граѓани, сега посебно погодени од кризата, и во таа насока е донесен заклучок да биде побарано мислење од Државната изборна комисија за оваа опструкција во работењето на Владата од аспект на членовите од Законот за Влада кои се однесуваат на изборот и на работењето на техничката, односно преодната влада“, соопштија од Владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
																	
																															Економија
Андоновски: Е-трговијата веќе не е алтернативен, туку доминантен економски модел
														Владата на Република Македонија ја потврдува својата посветеност кон унапредување на електронската трговија како двигател на економијата, преку спроведување на јасна стратегија за дигитална трансформација, зајакнување на интероперабилноста и намалување на административните пречки за граѓаните и компаниите, изјави министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, на отворањето на 8-та Регионална Е-комерц конференција во Скопје.
Тој истакна дека е-трговијата веќе не е алтернативен, туку доминантен економски модел, кој бара силна поддршка од државата преку модерни дигитални платформи, регулаторна предвидливост и иновации ориентирани кон пазарот.
„Интероперабилноста што ја бесплатно ја овозможивме за повеќе од 76 институции и компании – со повеќе од 2.6 милиони безбедни трансакции месечно и раст од 260% – претставува не само успех на администрацијата, туку можност за приватниот сектор. Таа отвора простор за дигитални услуги, безбедна размена на податоци, брз пристап до потребните административни податоци и нови бизнис-модели што ја поврзуваат државата и компаниите во еден заеднички дигитален екосистем“, изјави министерот Андоновски.
Во рамки на поддршката за мали и средни претпријатија, Министерството за дигитална трансформација преку Европскиот дигитален иновациски хаб – INNOFEIT EDIH, им овозможува на компаниите пристап до лаборатории, дигитални алатки и експертска поддршка за тестирање нови технологии пред инвестирање. Овој хаб нуди и обуки за дигитални вештини во областа на вештачка интелигенција, сајбер-безбедност, автоматизација и интернет на нештата, со цел да ја зголеми конкурентноста на домашните компании на европскиот пазар.
Во истата насока, Националниот центар за вештачка интелигенција – Везилка, развива АИ решенија применливи и во приватниот сектор, со што создава услови електронската трговија да стане поефикасна, попаметна и побезбедна.
„Намалувањето на бирократијата и отворањето на податоците за бизнис-заедницата се клучни за модерна држава. Владата создава инфраструктура каде иновацијата е во центарот, а граѓаните и компаниите се вистинските корисници на дигиталната трансформација“, додаде Андоновски.
Тој најави дека во следниот период Владата ќе продолжи да инвестира во дигитална инфраструктура, унапредување на екосистемот за иновации, како и во програми за поддршка на стартапи и претприемачи во дигиталната економија.
Економија
„Виз Ер“ воведува евтина „бизнис класа“, можете да платите за да го задржите средното седиште празно
														Нискобуџетната унгарска авиокомпанија „Виз Ер“ ќе започне со тестирање на таканаречената „основна бизнис класа“ на одредени летови од декември оваа година, нудејќи малку повеќе удобност во рамките на својата стандардна услуга без додатоци. Оваа нова функција ќе биде воведена на пет рути, вклучувајќи летови до Лондон, Рим и Будимпешта.
Концептот е едноставен – во првиот ред од авионот, средното седиште ќе биде оставено празно за да им се обезбеди на деловните патници повеќе простор и да се олесни качувањето. Мајкл Делехант, виш комерцијален и оперативен директор, нагласи дека цената нема да биде драстично повисока.
„Што се однесува до цените на билетите, таа никогаш нема да биде повеќе од цената на купување дополнително седиште“, изјави тој на прес-конференција.
Иако билетите за овие специјални седишта ќе бидат поскапи, патниците сепак ќе бидат третирани исто како и сите други.
„Повеќе се работи за ефикасноста на патувањето и малку дополнителен простор во авионот“, рече Делехант.
Воведувањето премиум услуги е тренд што го следат и американските нискобуџетни превозници за да се натпреваруваат со големите превозници.
Делехант забележа дека сè уште има силна побарувачка за нискобуџетни летови во Европа, но дека пазарот треба да се развива.
Економија
Поскапуваат бензините и дизелот
														Бензините и дизелот од ноќеска на полноќ ќе поскапат за половина и за еден денар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 4.11.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,913 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,856 ден/кг и сега ќе изнесува 36,913 ден/кг.

