Свет
И Норвежаните со петиција за отстранување расистички статуи

По смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд во рацете на американската полиција, контроверзна војна против спомениците ги зафати двете страни на Атлантикот, а една од нејзините најголеми жртви досега е легендарниот воен премиер Винстон Черчил, пренесува „Спутник“.
Илјадници Норвежани потпишаа петиција за отстранување на статуите на поранешниот британски премиер Винстон Черчил и данско-норвешкиот писател и филозоф Лудвиг Холберг. Според иницијаторите, Черчил бил расист и бел врховист, а Холберг, кој е почитуван како татко на модерната данска и норвешка литература, бил трговец со робови.
„Неверојатно е што расистички белци, кои сметале дека е во ред да ги угнетуваат црните луѓе до таков степен, имаат место на нашите улици! Очекуваме да бидат отстранети и двете статуи! Во суштина и двајцата беа расисти и тоа треба да биде доволен аргумент за да не стојат на нашите улици во 2020 година. За жал, сите нивни достигнувања се засенети од фактот дека биле расисти“, се вели во петицијата.
Досега петицијата собра над 4.200 потписи.
Три метри долгата бронзена статуа на сер Винстон Черчил беше откриена во 1976 година во чест на соработката меѓу Велика Британија и Норвешка за време на Втората светска војна. Статуата на Лудвиг Холберг беше откриена во 1939 година во близина на Народниот театар. Групата скулптури го прикажува Холберг помеѓу неговите ликови од комедијата „Хенрик и Перниле“.
Хабун Хаши од малцинскиот тинк-тенк „Минотенк“ е загрижен дека самото поставување на статуите придонесува за почитување.
„Сакам сите статуи да бидат поставени во посоодветен контекст. На пример, Черчил, кој неоспорно имал расистички став, се наоѓа во центарот на Осло и тоа му дава симболичен ефект што му оддава почит“, објаснува Хаши.
Според неа, статуите припаѓаат во музеите каде што може да бидат поставени во посоодветен контекст.
Спротивно на неа, историчарот на уметност Томи Сорбо ја критикува за иницијативата и смета дека отстранувањето на статуите може да доведе до поларизација.
„Јас не ги бранам нив и тоа што го направиле, но ја бранам слободата на говорот. Ако сакаме да имаме слобода на изразување, мора да имаме можност да издржиме изрази што не ги сакаме, како што се уметнички дела од минатото. Во спротивно, би можеле да завршите како терористи на Исламската држава. Велат дека таму каде што горат книги, ќе горат и луѓе“, рече историчарот на уметноста за „ТВ2“.
Ова не е прв обид Норвешка да се ослободи од расистичката уметност. Претходно неделава, Зелената партија повика сликата „Правда“ од 1762 година да биде отстранета од Градското собрание на Берген. Хенрик фон Ахен, директорот во Музејот при Универзитетот „Берген“, предупреди да не се отстрануваат сеќавањата од минатото.
„Ако ја преправате историја за да приспособите сè на сегашната ситуација, не можете да учите од историјата бидејќи веќе нема да постои“, предупреди тој.
Последните неколку недели смртта на Флојд во САД предизвика големи демонстрации против расизмот во светот. Неодамна, неколку статуи на Винстон Черчил и кралот Леополд Втори во Велика Британија и Белгија беа вандализирани од демонстрантите и беа отстранети. Во Бристол статуата на трговецот и филантроп Едвард Колстон од 16 век беше уништена и фрлена во блиската река поради неговата улога во трговијата со робови.
Градоначалникот на Лондон, Садик Кан, ја искористи можноста да изјави дека сите статуи на поранешните трговци со робови треба да бидат отстранети од јавните места. Сепак, актите на вандализам беа осудени од премиерот на земјата, Борис Џонсон, и од министерот за внатрешни работи, Прити Пател.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Стаб: Се надевам дека кај Трамп набргу ќе го снема трпението за Путин

Финскиот претседател Александар Стаб денес изјави дека се надева дека трпението на американскиот претседател Доналд Трамп со рускиот претседател Владимир Путин наскоро ќе исчезне и додаде дека европските земји ќе продолжат да се залагаат за траен мир во Украина.
Според него, единствениот начин да се принуди Путин да ја заврши војната во Украина е преку неговите сојузници, со проценка дека оние кои можат да го убедат рускиот претседател да постигне примирје се на Истокот, објавува „ Ile“.
Финскиот претседател, исто така, рече дека го предупредил Трамп дека Путин користи „типични руски тактики на одложување“ за да избегне средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Фото: принтскрин
Свет
Мерц: Германија нема да ја признае палестинската држава на Генералното собрание на ОН

Германскиот канцелар Фридрих Мерц денес изјави дека Германија нема да се придружи на иницијативата на западните сојузници за признавање на палестинска држава на Генералното собрание на Обединетите нации следниот месец.
Мерц го објави ова на заедничка прес-конференција со канадскиот премиер Марк Карни, кој минатиот месец изјави дека Канада планира да ја признае државата Палестина на Генералното собрание, по слични најави од Франција и Велика Британија, пренесува Ројтерс.
„Ставот на федералната влада е јасен, во врска со евентуалното признавање на државата Палестина. Канада го знае тоа. Ние нема да се придружиме на оваа иницијатива. Не гледаме дека условите се исполнети“, рече Мерц.
Фото: принтскрин
Свет
(Видео) Протести во Израел за прекин на огнот во Газа, блокиран главниот автопат во Тел Авив

Израелците денес излегоа на улиците на протести барајќи итно ослободување на заложниците и прекин на огнот во Газа.
Демонстрации и блокади на патиштата беа одржани во целата земја. Главниот автопат во близина на Тел Авив беше блокиран, а демонстрантите палеа гуми на патот северно од крајбрежниот град.
We are NOT our government!
Once again, this morning, Israelis flood the streets, blocking all major highways and blocking the homes of the war criminals – the illegal Israeli government.
End the war now!
Bring them home now!
Stop the atrocities in Gaza now! pic.twitter.com/w2E24VYp4j— Ami Dror 🇮🇱 עמי דרור (@AmiDror) August 26, 2025
Форумот на заложници и исчезнати семејства повика на разни протестни акции со слоганот „Израел стои заедно“. Голем протест е планиран за вечер на плоштадот во центарот на Тел Авив.
Демонстрантите го обвинуваат израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за продолжување на војната од политички причини. Неговите крајнодесничарски коалициски партнери, од кои зависи неговиот политички опстанок, се спротивставуваат на прекинот на огнот.
Thousands of Israelis are blocking all major highways today demanding:
✊ End the war!
✊ Bring them home!
✊ End the Gaza atrocities!We are not our government!
🎥 Yair Palti pic.twitter.com/i4oaBM3zzj— Ami Dror 🇮🇱 עמי דרור (@AmiDror) August 26, 2025
Пред нешто повеќе од една недела стотици илјади Израелци изразија солидарност со заложниците за време на масовен протест.
Вкупно 50 заложници сè уште се држат во Појасот Газа, од кои се верува дека 20 се живи.
Исламистичката терористичка организација Хамас објави дека се согласила со новиот предлог за прекин на огнот поднесен од Египет и Катар, кои посредуваат во конфликтот.
Според медиумските извештаи, ова е ревидирана верзија на претходно договорениот предлог на специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф. Планот вклучува 60-дневен прекин на огнот, во кој првично би биле ослободени десет живи заложници во замена за палестински затвореници.