Македонија
(Видео) Пендаровски сака лидерска средба – „Без избори, земјата ќе влезе во длабока политичка криза“
Доколку не успееме да се договориме за изборите со опозицијата, тоа ќе значи влез во длабока политичка криза, која не е исклучено да премине во безбедносна криза, соопшти претседателот Стево Пендаровски.
„Знаеме дека нашето општество е со години крајно поларизирано, по различни основи, говорот на омраза ги продлабочува разликите по политичка, етничка, верска и партиска линија. Од март оваа година се наоѓаме во комплексна здравствена криза заради пандемијата. Поради тоа што Собранието е распуштено, а, имаме недоволно разработена норматива за вонредни ситуации, имаме иницијални елементи на уставно-правна криза. Доколку не успееме да се договориме за транспарентен и инклузивен изборен процес тоа ќе значи влез во длабока политичка криза. Ако го погледаме поширокиот регион во кој се наоѓаме и обидите за негова дестабилизација преку хибридните закани и лажните вести, не можеме да исклучиме дека евентуалната правна и политичка криза нема да прерасне во безбедносна“, кажа Пендаровски.
Знам дека повеќето од нашите граѓани не размислуваат за избори, додаде тој, меѓутоа избори во време на корона, која нема бргу да си замине, се потребни за избор на функционално Собрание и регуларна, а не техничка влада.
Тој ги повика лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, уште денеска на лидерска средба, на која ќе се разговара за датумот за избори.
„Упатувам повик да седнеме уште денеска да ја решиме оваа ситуација со ставање на државните над партиските интереси“, рече Пендаровски.
Тој кажа дека во изминативе три години биле направени компромиси без преседан, не само за регионот, туку и за поширокиот демократски свет.
„Тие компромиси ни овозможија членство во НАТО и почеток на преговорите со Европската Унија. Кризите од вакви размери во светот често резултираат со обединување на луѓето околу заедничките цели и вредности. Нема ниту една единствена причина кај нас оваа криза да биде извор на нови поделби кои низ нашата историја сме ги имале премногу“, рече македонскиот претседател.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеорологија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

