Свет
Наталитетот во Унгарија зголемен 5,5 отсто по донесувањето просемејни политики
Унгарија бележи раст од 5,5 отсто на наталитетот од минатата година кога земјата воведе просемејни политики, пренесува „Брејтбарт“.
Државниот секретар за семејство и млади, Каталин Новак, во четвртокот на „Твитер“ објави дека Унгарија бележи пораст и во бројот на новородени и раст од 5,7 отсто на стапката на плодност во првите четири месеци од годинава во однос на истиот период во 2019 година .
„Повторно добра вест!“, изјави таа додавајќи дека годинава е зголемен и бројот на регистрирани бракови за еден и пол пати во однос на претходната година.
Good news again! Compared to last year's same period, in the first 4 months of 2020:
– Birth rate increased by 5,5%
– Fertility rate increased by 5,7%
– One and a half times more marriages were concluded#FamilyFirst #FamilyFriendly— Katalin Novák (@KatalinNovakMP) June 11, 2020
Извештајот доаѓа откако Унгарија минатата година донесе закони што го поддржуваат семејството вклучувајќи и акциски план за заштита на семејството, со кои се зголемија трошоците на владата за семејствата за 224 милијарди унгарски форинти (619 милиони евра).
Унгарија е подготвена да понуди бесплатно вештачко оплодување за паровите што сакаат деца, со цел да ја зголеми националната стапка на наталитет на 2,1 деца до 2030 година.
„Европа е на крстопат. Западна Европа се обидува да го реши проблемот со демографијата со едноставни решенија, кои нудат само краткорочен успех, но кои ќе донесат катастрофални последици на долг рок. Нам не ни требаат бројки, туку деца во Унгарија. Не сакаме да го одржиме економскиот систем, туку Унгарија, унгарската нација и унгарската историја. Сакаме да го охрабриме продолжувањето на нашите семејства за неколку генерации“, изјави портпаролот на владата минатата година.
Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, е главен поборник на просемејните политики за зголемување на наталитетот на неговата земја наспроти масовната миграција.
„Демографската криза мора да се реши со моќни напори на државата, мора да креираме политики фокусирани на демографијата. Кога зборуваме за семејства и семејни субвенции, ние ги поддржуваме традиционалните семејства“, рече тој во септември минатата година.
Унгарската влада објави мерки според кои ќе им понуди до 27.000 евра на брачните двојки што имаат три деца. Меѓу многуте просемејни политики е и владиниот грант од 10 милиони форинти (27.000 евра), кој првично е планиран како заем, но може да биде целосно простен кога двојката ќе добие најмалку три деца.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Три лица затрупани во лавина на глечер во Австрија
Лавина го погоди глечерот Штубај во австриски Тирол утрово, а три лица се затрупани, објави „Кронен цајтунг“.
Почната е спасувачка операција.
Според Рајнхард Клир, раководител на жичницата на глечерот, несреќата се случила во зоната надвор од пистата, во близина на превојот Дауншарте околу 9.30 часот утрово.
„Врз основа на моментните информации, снежните маси делумно стигнале до долниот дел од деветтата патека, која потоа била затворена“, рече Клир.
Двајца делумно затрупани скијачи веќе се спасени.
Забележано е дека неколку скијачи надвор од пистата отвориле воздушни перничиња за лавина.
На терен има неколку хеликоптери за итни случаи, вклучувајќи ги „алпин 2“, „мартин 2“ и „либеле тирол“, како и екипи за планинско спасување од Нојштифт им Штубај и Зелден со кучиња трагачи, пренесува „Танјуг“.
Фото: ЕПА
Свет
Унгарскиот министер: Украина би донела опасност и мафија во ЕУ, земјите од Западен Балкан треба да бидат приоритет
Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто во Бања Лука повтори дека владата на Виктор Орбан се спротивставува на приближувањето на Украина кон ЕУ. Тој изјави дека единствен приоритет на Унгарија е интеграцијата на земјите од Западен Балкан.
„Европските интеграции звучат како лоша шега ако во Брисел мислат дека Украина е поспремна за членство од Западен Балкан. Земјите од регионот се подготвени и би придонеле економски, а Украина носи само опасност, војна и украинска мафија“, рече Сијарто.
Тој додаде дека стабилноста на Западен Балкан е од клучно значење за националната безбедност на Унгарија и најави продолжување на соработката со Република Српска.
Сијарто требал да допатува во Бања Лука со воен авион, но министерот за одбрана на БиХ, Зукан Хелез, го забрани летот обвинувајќи ја унгарската влада дека ја поддржува политиката на Милорад Додик, која го доведува во прашање опстанокот на БиХ.
Поради забраната, Сијарто слета со изнајмен цивилен авион.
Свет
Лукашенко до Зеленски: Сега ги имате Одеса и Миколаев, а набргу можете да ги изгубите
Мировниот план на американскиот претседател Доналд Трамп беше набрзина составен, изјави белорускиот претседател Александар Лукашенко на маргините на ОДКБ во Киргистан. Во таа пригода тој му се обрати и на Владимир Зеленски.
„Сакам веднаш да кажам – и се надевам дека тимот на Трамп нема да се навреди – беше набрзина составен. Не сакам да кажам дека беше направен преку колена, но беше набрзина составен. Мора да се презентира во лесно сварлива форма. Сè мора да се разработи до метар, километар, до последен детаљ“, рече Лукашенко.
Како што истакна, во средата разговарал за американскиот мировен план за Украина со својот руски колега Владимир Путин. Според него, Путин му презентирал две верзии на планот.
„Владимир Владимирович ми ги презентира и првата и втората верзија, која беше поделена на делови“, рече претседателот на Белорусија.
Тој верува дека нема победници во украинскиот конфликт, а ако има, тоа нема да биде Европската Унија.
„Мораме да ја завршиме оваа војна. Се плашам дека нема да има победник во оваа војна: тоа е катастрофа. Знаете зошто, ако нема. Но, ако има победник, тоа нема да биде Европската Унија ако Америка ги напушти“, рече тој, пренесува „Спутник“.
Тој му се обрати на шефот на киевскиот режим, Владимир Зеленски.
„Ако сакате да ја задржите Украина во нејзините сегашни граници, мора да преговарате, а не да ги торпедирате преговорите“, рече Лукашенко.
„Размислете, почнувајќи од реалната ситуација, како да го зачувате она што го имате. Имате пристап до морето – и до Одеса, која е ваша, и до Миколаев, а тоа може да исчезне во еден момент. Затоа е потребно добро да се измери сè и да се донесе добро осмислена одлука“, додаде белорускиот лидер.
Фото: ЕПА

