Македонија
(Видео) Донација на дезинфициенс од речиси 20 тони распределена во здравствените установи и во центрите за јавно здравје
Министерот за здравство, Венко Филипче, потврди дека има резерви на заштитна опрема, и тоа над милион маски, ракавици, мантили, само во магацините на Министерството. Во однос на средствата за дезинфекција, министерот посочи дека има огромно количество во резерва, а донацијата од компанијата „Сеавус“ од 20 тони веќе е распределена во центрите за јавно здравје и во јавноздравствените установи.
„Над милион маски, заштитни ракавици, мантили има во резервите и магацините на Министерството за здравство иако секоја јавноздравствена установа има обврска и самата да набави. Ние имаме огромна количина и од донациите и од тоа што на почетокот го набавивме. Даваме таму каде што ќе укажат директорите дека е потребно. Заштитната опрема воопшто не претставува проблем, ниту некаков ризик за периодот што доаѓа. Има огромна количина средства за дезинфекција. Имаше и огромна донација, речиси 20 тони од компанијата „Сeавус“, и таа е поделена во јавноздравствените установи и во центрите за јавно здравје“, посочи Филипче.
Тој истакна дека Министерството и претходно добило донации од компании, па оттука количините што се складирани како резерви ги посочи како сосема доволни.
Друштвото за информатичка технологија „Сеавус“ му донира 20 тони средство за дезинфекција „мултисепт форте“ на Министерството за здравство. На овој начин компанијата помогна да се задоволат потребите за дополнителна заштита на здравствените работници како последица на кризата предизвикана од Ковид-19.
„Со цел да помогнеме да се зголеми степенот на заштита на здравствените работници, кои се секојдневно изложени на висок ризик, и со цел да им искажеме благодарност за нивната посветеност и професионалност, на Министерството за здравство му дониравме 20 тони средство за дезинфекција ‘мултисепт форте’. Оваа количина е дистрибуирана кон јавните здравствени установи и центрите за јавно здравје во целата држава“, изјавија од компанијата.
Претходно, компанијата „Сеавус“ одговори позитивно на барањето на Македонскиот полициски синдикат и донира 12 тони средство за дезинфекција „мултисепт форте“, кои беа дистрибуирани во сите објекти на Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за разузнавање, Агенцијата за национална безбедност, Управата за финансова полиција и во противпожарните единици во Република Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тројца бугарски државјани осомничени за неовластена трговија со македонски народни носии
Основното јавно обвинителство Битола отвори против тројца бугарски државјани, жители на Пловдив, поради основано сомнение дека вршеле кривично дело неовластена трговија со добра под привремена заштита, културно наследство и природна реткост.
Осомничените, во текот на месецов, во околината на Демир Хисар, заедно договорени, во група, неовластено купувале предмети – делови од македонски народни носии кои претставуваат културно наследство според член 2 од Законот за заштита на културното наследство и чијшто промет е забранет или ограничен.
Имале цел таквите предмети да ги изнесат во странство, односно во Република Бугарија, но на 9 декември биле затекнати од полициски службеници како ги пренесуваат натоварените предмети во едно товарно возило и еден автомобил.
Од МВР соопштија дека предметите се прегледани од етнолог од Музеј Битола и констатирано е дека се работи за делови од македонски народни носии кои претставуваат културно наследство и се со забрана за промет и за продажба без нивна дозвола.
Тројцата се задржани во полициска станица и по целосно документирање на случајот, во координација со јавен обвинител, против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.
фото/депозитфотос
Македонија
Димитровски: Нашето брзо членство во ЕУ е нужност и јасен безбедносен и стратешки приоритет за цела Европа
Заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, денеска учествуваше на состанокот на Партнерската Комисија на САД – Јадранската Повелба (А5), што се одржа во Мостар, БиХ.
Министерскиот состанок, со кој се заокружи претседавањето на Босна и Херцеговина со САД – Јадранската Повелба, собра претставници од земјите членки – Хрватска, Црна Гора, Албанија и САД, како и земјите набљудувачи од регионот – Србија, Косово и Словенија.
Состанокот беше искористен за размена на мислења во однос на актуелните безбедносни предизвици со кои се соочува регионот, како и за разгледување на можностите за понатамошно интензивирање на комуникацијата, координацијата и практичната соработка во справувањето со заедничките кризи и ризици. Посебен акцент беше ставен на досегашните постигнувања во рамките на А5 и перспективите на Јадранската Повелба како значајна регионална платформа за градење стабилност, соработка и отпорност.
Дискусиите се фокусираа на современите хибридни закани, сајбер-ризиците, дезинформациските кампањи и последиците од природните непогоди. Учесниците ја нагласија потребата од координиран, конзистентен и засилен пристап, засилено партнерство, редовна размена на информации и развивање на усогласени механизми за брза реакција.
Заменик министерот Димитровски ја реафирмираше силната посветеност на Република Северна Македонија кон зајакнување на улогата и релевантноста на САД – Јадранската Повелба како уникатна регионална платформа која придонесува за унапредување на стабилноста, безбедноста и евро-атлантската ориентација на земјите од Западен Балкан.
„Нашата силна посветеност кон САД – Јадранската Повелба останува непроменета. Нашето брзо членство во Европската унија, како и членството на сите земји од регионот, е нужност и јасен безбедносен и стратешки приоритет за цела Европа”, истакна Димитровски.
Во својата дискусија, тој ја подвлече и стратешката важност на унапредување на евро-атлантските процеси како алатка за зголемена отпорност и намалување на дестабилизирачките влијанија врз регионот.
Земјите-членки на крајот од состанокот ја изразија поддршката за претстојното преземање на претседавањето во 2026 година од страна на Република Хрватска.
Македонија
Забрана за огномети во Скопје, бара „Зелен хуман град“
„Зелен хуман град“, денеска, преку нивниот советник во Град Скопје, Марјан Калевски, поднесе иницијатива за забрана на огномет на територијата на град Скопје.
Од таму појаснуваат дека со иницијативата се забранува употреба на експлозивни материи од физички и правни лица за прослави и забава – практика што со децении ја загрозува животната средина, како и здравјето и безбедноста и на луѓето и животните.
„Огнометите ослободуваат огромни количини ПM 2,5 и ПM 10, токсични гасови (CO, SO₂, NOx), како и тешки метали, како што се бариум, бакар, стронциум и олово, кои ги загадуваат почвата, воздухот и водата. Последиците директно ги погодуваат најранливите групи: децата, бремените жени, лицата со астма, ХОББ и кардиоваскуларни заболувања. Научните студии покажуваат значителни скокови во загадувањето на воздухот и водата по огномети, со сериозни ефекти врз дивиот свет и луѓето.
Бучавата и интензивната светлина предизвикуваат тешки психолошки и сензорни реакции: анксиозност, панични напади, флешбекови кај лица со синдром на посттрауматски стрес, сензорен колапс кај лица со аутизам или сензорни нарушувања, како и ризик од епилептични напади кај лицата со фотосензитивна епилепсија. Овие последици се научно докажан сериозен ризик за здравјето“, велат од граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“.
Исто така, додаваат дека последиците врз животните се драматични. „Речиси 70 -75 % од домашните миленици доживуваат силен страв, тресење, паника, обиди за бегство и повреди, а кај дивите животни се документирани масовни пцовисувања, особено кај птиците. Кај животните огнометите предизвикуваат висок стрес, дезориентација, бегство и смрт“, велат од таму.
Појаснуваат дека Законот за заштита од експлозивните материи во член 36 веќе предвидува забрана за употреба без дозвола и стручно лице, но овој закон речиси никогаш не се почитува.
„Ги повикуваме сите советнички групи во Советот на Град Скопје да ја поддржат иницијативата. Да покажат дека здравјето на луѓето и животните, на најранливите жители на Скопје, ни е на прво место на сите“, велат од „Зелен хуман град“.

