Економија
АЕТМ: Само во март Македонците потрошиле 10,1 милиони евра онлајн
Имателите на домашни платежни картички (платежни картички издадени од македонски банки) значајно го зголемиле бројот и вредноста на онлајн трансакциите во месец март 2020 кон е-продавници кои функционираат во земјава, објави Асоцијација за е-трговија на Македонија.
Бројот на онлајн трансакции реализирани од страна на физички лица во март годинава, во корист на виртуелни места на продажба во Македонија бележи пораст од 99% во однос на месец март претходната година. Конкретно, годинава реализирани се вкупно 367.535 трансакции, за разлика од претходната година кога биле реализирани 184.652 трансакции.
„Ако ја земеме предвид вредноста на онлајн трансакциите реализирани со домашни платежни картички кон онлајн продавници во земјава, исто така се соочуваме со огромен раст имајќи предвид дека во текот на месец март 2020 година се потрошиле 10,1 милиони евра од македонски купувачи кон македонски компании кои продаваат онлајн, за разлика од 5,2 милиони евра во текот на месец март 2019 година. Станува збор за раст од 94,2%“, велат од АЕТМ.
Согласно податоците за реализирани трансакции во текот првите три месеци од 2020 година, објавени на веб-страницата на НБРСМ бројот и вредноста на реализирани онлајн нарачки и купувања во текот на минатата година покажува дека е-трговијата во земјава е во пораст, објави Асоцијација за е-трговија на Македонија.
Во текот на првите три месеци од 2020 година реализирани се вкупно 1.954.957 онлајн трансакции во земјата и во странство, наспроти 1.599.274 онлајн трансакции во текот на првите три месеци од 2019 година, што претставува пораст од 22,2%. Од аспект на вредноста, исто така се забележува пораст. Во текот на првите три месеци од 2020 година вредноста на трансакциите реализирани на виртуелните места на продажба во земјата и во странство изнесува 49,6 милиони евра, што во споредба во првите три месеци од 2019 година кога се реализирале 41,8 милиони евра претставува пораст за 18,7%.
Од АЕТМ наведуваат дека Ковид-19 ги промени навиките на Македонците и дека има огромен раст на трансакциите реализирани онлајн кон домашни е-трговци.
Во текот на првите три месеци од 2020 година Македонците со домашни картички кон македонски е-продавници потрошиле вкупно 28,9 милиони евра онлајн, што претставува пораст од 17,9 милиони евра (61,5%) во однос на истиот период претходната година.
„Во оваа категорија, евидентно е дека Македонците во текот на првите три месеци од 2020 година стекнуваат сè повеќе доверба кон е-трговијата и онлајн нарачките, а тоа може да се заклучи од растот на бројот и вредноста на трансакциите со домашни картички онлајн, особено кон домашни е-продавници. Голем дел од трансакциите кои во претходниот период се одлевале од државата онлајн, кон странски земји во текот на првите три месеци, а особено во месец март се пренасочени кон домашни е-продавници“, се наведува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Николоски: Инвестираме 21 милион евра за набавка на нови пет електрични локомотиви
Инвестираме 21 милион евра за набавка на пет нови електрични локомотиви кои ќе бидат од суштинско значење за зголемување на карго-транспортот, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој денеска заедно со министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска и директотот на МЖ Транспорт, Дејан Кошутиќ го потпишаа Договорот за заем од ЕБРД за набавка на нови електрични локомотиви.
Николоски кажа дека со новата флота од пет локомотиви и постојните четири кои се понови, ќе располагаме со девет модерни локомотиви кои ќе можат целосно да го покријат карго-превозот, а дел од нив да се користат и во патничкиот сообраќај.
„Од постојните 11 локомотиви, четири се понови, а седум се постари. Со новата флота од пет локомотиви и постојните четири понови, ќе располагаме со девет модерни локомотиви кои ќе можат целосно да го покријат карго превозот, а дел од нив да се користат и во патничкиот сообраќај. Ова е особено важно за Коридорот 10, кој треба да бележи раст во наредните години, како и за Коридорот 8, кој во моментов интензивно го развиваме преку значајни инвестиции во железничката инфраструктура“, рече Николоски.
Истовремено, додаде тој, оваа инвестиција е дел и од пошироката визија за Скопје, подобрување на квалитетот на воздухот преку воведување на градскиот воз.
„Во моментов се работи на една од трите линии во делот на инфраструктурата, а во следните две години ќе се работи и на преостанатите две. Кога целиот проект ќе биде завршен, по тие линии ќе сообраќаат исклучиво електрични возови, со јасна цел, целосно да се елиминира употребата на дизел локомотиви и дизел возови во главниот град и да се придонесе за подобар квалитет на воздухот. Сега влегуваме во потешкиот, но клучен дел, успешно спроведување на набавката. Се надевам дека до март, во соработка со ЕБРД, ќе успееме да го објавиме повикот и потоа успешно да ја реализираме испораката на новите локомотиви“, рече Николоски.
Економија
Развојната банка повлече кредитна транша од над 9 милиони евра за поддршка на 17 македонски компании
Развојната банка денеска ја повлече десетата и последна транша од ЕИБ 7 кредитната линија наменета за зелена транзиција. Вкупниот износ на оваа транша е 9.251.488 евра. Средствата од оваа транша се наменети за поддршка на 17 македонски компании кои се со претежна производствена дејност.
Со повлекување на оваа транша, Развојната банка успешно ја заврши реализацијата на седмата фаза на кредитната линија со средства од Европската инвестициона банка во износ од 100 милиони евра.
Реализацијата на седмата фаза од ЕИБ кредитната линија започна со потпишување на Финансиски договор за заем помеѓу Развојна банка на Северна Македонија и Европска Инвестициона Банка за МСП и MID-CAP компании и зелена транзиција. Кредитите се пласираа преку 5 квалификувани банки – учеснички со каматна стапка до 3,5% годишно кон крајните корисници. Рокот на отплата на кредитите е до 12 години за инвестициони кредити и Mid-cap проекти и до 3 години за кредити за обртни средства.
„Со средства од кредитната линија ЕИБ 7 поддржани се 259 проекти на македонските компании. Кредитната линија ЕИБ 7 ја оствари целта за која беше креирана: зголемување на ликвидноста на стопанството, задржување на постојните и отворање на нови работни места, зголемување на извозот, обезбедување на економски раст и конкурентност на трајна основа, како и стимулирање на компаниите во инвестиции за зелена транзиција со цел долгорочна заштеда на средства преку намалена потрошувачка на енергенси и зачувување, заштита или подобрување на животната средина“, соопшти Развојната банка.
Досега, преку Развојната банка се реализираа седум фази на кредитната линија ЕИБ во износ од 650.000.000 ЕУР. Со средства од овие кредитни линии поддржани се 2.621 проекти на домашните компании и креирани 9.260 работни места.
Економија
„Нвидиа“ купи акции на „Интел“ во вредност од пет милијарди долари
Американската технолошка компанија Нвидиа купи акции на Интел во вредност од пет милијарди долари, со што ја реализираше трансакцијата најавена во договорот од септември.
Според договорот, Нвидиа платила 23,28 долари по акција и купила повеќе од 214,7 милиони акции на Интел. Инвестицијата е одобрена од американските антимонополски институции, соопшти претходно Федералната трговска комисија на САД.
Се проценува дека уделот на Нвидиа во Интел ќе изнесува околу четири отсто, со што ќе стане еден од поголемите акционери на компанијата, наведува Ројтерс.
Претходно, во август, американската влада купи 10 отсто од Интел за 5,7 милијарди долари, а истата година компанијата обезбеди и две милијарди долари инвестиција од јапонскиот Софтбанк.
Договорот меѓу Нвидиа и Интел предвидува и заеднички развој на чипови, што би можело да ја промени конкуренцијата во индустријата и да влијае врз позициите на ТСМЦ и АМД.

