Македонија
Милошоски: Избори на 15 јули ако има добри здравствени протоколи и набљудувачи од ОБСЕ
Доколку се исполнат условите за обезбедување набљудувачи од ОБСЕ и ОДИХР и воведување сериозни здравствени протоколи за изборната кампања и денот на гласање, ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува на изборите на 15 јули и ќе биде победничка партија. Ова го изјави Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ одговарајќи на новинарски прашања.
Милошоски посочи дека под овие два услова ВМРО-ДПМНЕ ќе биде дел од изборниот процес.
„Оној ден кога ОБСЕ ќе стигне во Македонија со својата мисија, следниот ден може да ја почнеме изборната кампања, којашто трае три недели, и ќе стигнеме така до самиот датум на изборите, кои не сакаме да се одржат без мисија на ОБСЕ затоа што би биле изборен грабеж и поткуп на фамилијата Заеви со пакетите што ги разнесуваат по сиромашните семејства. Затоа сакаме да имаме избори коишто ќе ги запазат здравствените протоколи и меѓународните стандарди на ОБСЕ и ОДИХР“, рече Милошоски.
Како што нагласи, одговорноста за прифаќањето или неприфаќањето на овие два сериозни стандарди од ВМРО-ДПМНЕ е кај Зоран Заев.
„Доколку ги прифати овие два востановени стандарди и е рационален, реален, тогаш ќе одиме на избори и ќе го поразиме. Доколку не ги прифати или одбие, тогаш веројатно е дека се плаши од пораз на избори каде што би учествувала опозицијата, но и за секоја политичка или друга криза што би била последица на таквото однесување ја презема целата одговорност“, рече Милошоски.
Тој додаде дека СДСМ најпрвин треба да ги испочитува членовите и надлежностите на Државната изборна комисија. Според него, ДИК најдобро знае во какви канцеларии, општински згради или помали месни заедници се гласа како гласачки места на коишто се гласало досега. За жал, вели Милошски, во некои од тие места нема простор ниту за самите членови на избирачкиот одбор, а не па за уште 15 набљудувачи на листите коишто се поднесени од разни политички партии.
„Затоа сметаме дека треба да се седне со ДИК и комисијата, којашто ја предводи Караџовски, да не се политизира премногу, туку да седне и да се запознае со условите на ДИК и да обезбеди услови за пристојно гласање со намален здравствен ризик за секого. Затоа цениме дека треба оваа работа да се сфати многу посериозно од една изјава на Филипче или Караџовски на прес-конференција“, додаде Милошоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тошковски во Брисел: Македонија ја потврдува посветеноста во борбата против криумчарењето мигранти
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска во Брисел учествуваше на Втората меѓународна конференција на Глобалната алијанса за борба против криумчарењето мигранти – значаен светски форум кој ги обединува партнерите во справувањето со еден од најсериозните транснационални безбедносни предизвици.
Во име на Македонија, министерот Тошковски ја поддржа Заедничката декларација на Алијансата, со што државата уште еднаш ја потврдува својата цврста посветеност на засилената превенција и поефикасен институционален одговор на криумчарењето мигранти. Ова претставува важна потврда за улогата на Македонија како активен и доверлив партнер во глобалните напори за борба против организираниот криминал.
Во рамки на конференцијата, министерот Тошковски оствари билатерална средба со Европскиот комесар за внатрешни работи и миграција, Магнус Брунер. Разговорите беа фокусирани на процесот на европска интеграција на Македонија, како и на важноста од координирани европски политики во делот на управувањето со границите.
На маргините на конференцијата министерот Тошковски се сретна и со Сузане Раб, новоизбраната генерален директор на Меѓународниот центар за развој на миграциска политика (ICMPD), со која разговараше за актуелните миграциски предизвици и можностите за продлабочување на идната соработка.
Министерот оствари и средба со министерот за внатрешни работи и контрола на наркотици на Пакистан, Мохсин Раза Накви. На средбата беше разговарано за зајакнување на билатералната безбедносна соработка, која во наредниот период треба да се формализира преку потпишување на Меморандум за разбирање помеѓу двете министерства.
Учеството на Македонија во работата на Глобалната алијанса за борба против криумчарењето мигранти уште еднаш ја нагласува улогата на државата како активен и кредибилен партнер кој придонесува кон европската и глобалната безбедност.
Македонија
Пазарот на недвижности расте – Аеродром со најмногу склучени купопродажби во првата половина од годината
Пазарот на недвижности во земјава во првите шест месеци од оваа година бележи зголемена динамика, а гледано на територијата низ целата држава, најголемиот дел од активностите се концентрирани во неколку скопски општини.
Според податоците од Агенцијата за катастар на недвижности, Аеродром е општината со најмногу купопродажби – 562 трансакции, веднаш зад неа е Гази Баба со 555, а Карпош со 527 трансакции го заокружува водечкиот трио. Значително помал обем на продажби е регистриран во Бутел (176). Центар ја бележи највисоката вкупна остварена цена од реализирани купопродажби во првото полугодие: 65,8 милиони евра. Следуваат Карпош со 56,7 милиони евра и Аеродром со 47,9 милиони евра, додека најниска вредност има во Штип – 10 милиони евра.
Анализата на пазарот на станови покажува дека најмногу продадени станови во првото полугодие има во Аеродром (189), Чаир (182), Центар (181) и Карпош (179), што уште еднаш ги потврдува скопските општини како најактивни во овој сегмент од пазарот. Најниска регистрирана продажна цена по метар квадратен е во Тетово – 19.524 денари, додека највисоката е 277.027 денари во општина Центар.
Катастарот во анализата дополнително појаснува дека при утврдување на просечната цена на становите на државно ниво, не се земаат предвид атипични трансакции со екстремно ниски или високи вредности по метар квадратен. Во извештајот се наведуваат неколку такви случаи: продажба на стан од 58 м² во Свети Николе по цена од 862 денари за метар квадратен, продажба на стан од 13 м² во Центар по 804.231 денар за м², продажба на стан од 51 м² во Центар по 542.647 денари за м².
Податоците откриваат и интересни трендови во споредба со истиот период минатата година. Центар има најголем раст на обемот на купопродажби – 32 отсто, додека Гази Баба и Штип растат за 28.
Кај остварената цена на пазарот на недвижности најголем пораст во однос на лани бележи Кисела Вода со дури 59 проценти, следена од Центар со 54 отсто. Висок раст се регистрира и во Чаир (44%), Тетово и Охрид (по 37%), Струга (38%) и Карпош (34%), додека Струмица бележи поскромно зголемување од 17 проценти.
Овие бројки доаѓаат во контекст на општ раст на пазарот. Катастарот регистрира вкупно 15.779 трансакции во првото полугодие, што претставува зголемување во однос на 2024 година. Најактивен месец е мај, со 2.918 продажби и закупи, додека најтивок е јуни со 2.173 трансакции. Во структурата на продажбите доминира земјоделското земјиште (33%), веднаш потоа следуваат становите (32%), градежното земјиште (19%) и куќите (12%), а деловните простори и гаражите учествуваат со 4, односно 3 проценти.
Пазарот на недвижности во целина бележи раст од 15 проценти во споредба со истиот период лани, а умерениот пораст на цените во речиси сите категории укажува на стабилна побарувачка и зголемена активност кај купувачите и инвеститорите. Дополнително, податоците укажуваат на пораст на вкупната финансиска вредност кај речиси сите типови недвижности.
Македонија
Минчев: Рационална, професионална и европска администрација, со поддршка на СИГМА се усогласуваат клучните реформски приоритети
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари работна средба со Баграт Тунјан, раководител на тимот за стратешко планирање и државен менаџер за Република Македонија во рамки на СИГМА – заедничката иницијатива на ОЕЦД и Европската унија.
Фокусот на средбата беше насочен кон рационализирање, координирање и унапредување на јавната администрација која ќе може да одговори на потребите на граѓаните и бизнис секторот, со посебен акцент на носењето на Законот за висока раководна служба, кој ќе воспостави јасни, транспарентни и мерливи критериуми за избор и управување со раководните кадри – модел што ќе ја спречи партизацијата и ќе го гарантира принципот „најдобрите на најодговорните позиции“.
Дополнително, се разгледуваа и измените на Законот за организација и работа на органите на државната управа (ЗОРОДУ), реформата на системот за плати и подобрувањето на регулативата која треба да ја направи администрацијата попрегледна, покохерентна и пофункционална, со јасни надлежности и подобра меѓуинституционална координација.
Преку овие реформи, заложбата на Министерството за јавна администрација е создавање административна машинерија која ќе работи поефикасно и поодговорно како темел на модерна и европска државна служба кон која се стремиме.

