Свет
Нема можност за размена на американскиот маринец осуден за шпионажа со руските затвореници во САД
Не е разгледувана можноста за размена на американскиот државјанин Пол Велан, обвинет за шпионажа и осуден на 16 години затвор, за руски државјани кои се наоѓаат во американски затвори, изјави во вторникот заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Рјабков, пренесува ТАСС.
„Не се разговара за Велан во вакви шеми. Нема основи да се зборува за политизација на случајот на Велан и пресудата. Затворските казни се многу подолги за слични дела во други земји. Тој е виновен за сторено сериозно кривично дело и доби долга затворска казна“, рече Рјабков.
Сопругата на рускиот државјанин Виктор Баут, кој е во затвор во САД, е подготвена да испрати барање до американските власти за размена на нејзиниот сопруг за Велан.
„Ако тоа е потребно, тогаш секако сум подготвена да напишам какво било барање и каква било изјава до американскиот претседател и американскиот Конгрес затоа што сакам да потсетам дека Виктор Бут е затворен 12 и пол години. Ова е речиси половина од казната“, изјави Ала Бут за телевизијата РТВИ.
Министерството за правда на САД одби да коментира за можноста за размена на руски и американски затвореници по пресудата за Велан.
„Одбиваме коментар. Благодарам“, рече Никол Навас Оксман, виш советник за комуникации за спроведување на меѓународното право и портпарол на Министерството за правда, во понеделникот за ТАСС.
Во меѓувреме, американскиот амбасадор во Русија, Џон Саливан, во понеделникот изјави дека не е во позиција да разговара за размената на затворениците.
„Пол сега стана осуденик во рускиот систем. Јас се залагам за правда за Пол… Она што го бараме не е размена. Ние бараме правда за Пол Велан”.
Градскиот суд во Москва во понеделникот го осуди поранешниот американски маринец Пол Велан на 16 години во затворска колонија со максимална безбедност. Велан е прогласен за виновен според член 276 од рускиот Кривичен законик (шпионажа).
Американскиот државјанин Пол Велан, кој исто така има британско, канадско и ирско државјанство, е шеф за глобална безбедност во „Борг Ворнер“, компанија за автомобилски компоненти со седиште во Мичиген. Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) претходно соопшти дека Велан бил приведен на 28 декември 2018 година во Москва додека бил во наводна шпионска мисија.
Рускиот адвокат на Велан, Владимир Жеребенков, претходно за „Гардијан“ изјави дека очекувал Кремљ да побара размена за неговиот клиент по пресудата.
„Ако Трамп ослободи еден од нашите, тогаш сигурен сум дека и нашиот ќе ослободи некого. Тоа е висока политика. Сакам да кажам дека нашиот претседател е апсолутно разумен во врска со ова. Путин го гледа сето ова прилично мирно. Зошто да не направиме размена?“, рече тој во ноември.
Русија лани соопшти дека им кажала на САД дека би биле подготвени да го заменат Велан за пилотот Константин Јарошенко, руски државјанин уапсен во Либерија, кој во САД е осуден на 20 години затвор по обвиненија за дрога. Русија тогаш рече дека е рано да се разговара за Велан бидејќи тој сè уште не беше осуден.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сали и Бегај разговараа за политичката состојба и европската интеграција на двете земји
Првиот заменик‑претседател на Владата, Беким Сали, оствари официјална средба со Претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, на која се дискутираше за актуелната политичка ситуација и за соработката помеѓу двете земји.
За време на средбата, двете страни разменуваа мислења за политичките случувања и за продлабочувањето на институционалната соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија.
Првиот заменик‑претседател на Владата, Сали, истакна дека Албанците во Северна Македонија се претставени на најдобар можен начин, играјќи активна и конструктивна улога во државните институции, придонесувајќи во донесувањето одлуки и во клучните процеси кои се поврзани со стабилноста, демократскиот развој и европската перспектива на земјата.
На средбата беше нагласено дека Република Северна Македонија и Република Албанија, покрај тоа што се соседни и пријателски земји, имаат и заеднички аспирации во процесот на европска интеграција.
Свет
Две жртви во трамвајската несреќа во Милано, истрагата насочена кон возачот
Во тешка несреќа во Милано загинаа две лица, а 39 се повредени откако трамвај излета од шините и удри во зграда на улицата „Виале Виторио Венето“, во близина на „Порта Венеција“.
Една од жртвите е 60-годишен пешак кој останал приклештен под возилото, додека вториот загинат е патник кој починал во болница од здобиените повреди.
Истрагата е насочена кон возачот, кој наводно изјавил дека му се слошило непосредно пред несреќата. Се проверува можноста за ненадејна здравствена состојба, особено затоа што трамвајот ја прескокнал последната станица пред свиокот. Првичните проверки не покажале технички дефект.
Градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, изјави дека најверојатно причината не е механички проблем и дека станува збор за ново возило управувано од искусен возач. Отворена е истрага.
Несреќата предизвика реакции од италијанските власти, кои изразија сочувство и најавија целосно утврдување на околностите.
(Видео) Трамвај излета од шините во Милано: загина пешак, речиси 40 повредени
Свет
Бил Клинтон сведочеше за Епстин: Ништо не видов и не направив ништо погрешно
Поранешниот американски претседател Бил Клинтон сведочеше пред Одборот за надзор на Претставничкиот дом во рамки на истрагата за починатиот финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епстин.
Во воведното обраќање, Клинтон изјави дека ништо не видел и дека не направил ништо погрешно, нагласувајќи дека неговото познанство со Епштајн било кратко и завршило години пред злосторствата да станат јавни.
„Знам што видов и, уште поважно, што не видов. Знам што направив и, уште поважно, што не направив. Не видов ништо и не направив ништо погрешно“, рече Клинтон. Тој најави дека на дел од прашањата веројатно ќе одговори со „не се сеќавам“, бидејќи од неговите контакти со Епстин поминале повеќе од 20 години.
Сведочењето се одржува зад затворени врати во Њујорк, но се снима и најавено е објавување на снимката. Претходно сведочеше и неговата сопруга Хилари Клинтон, при што расправата меѓу демократите и републиканците доби и политичка димензија.
Демократите побараа и актуелниот претседател Доналд Трамп да сведочи, тврдејќи дека неговото име често се појавува во документите поврзани со случајот. Трамп негира каква било поврзаност со злосторствата на Епштајн.
Фото: Depositphotos

