Македонија
Спасовски: До крајот на летото ќе биде целосно уредено вечното почивалиште на Тоше

Увид во работите на изградбата на спомен-обележјето на гробното место на Тоше Проески, денеска направија премиерот Оливер Спасовски, вицепремиерката задолжена за економски прашања, Мила Царовска, и градоначалникот на општина Крушево, Томе Христоски, кои воедно положија и свежо цвеќе во спомен-куќата.
Премиерот Спасовски истакна дека Владата е определена да ги завршува работите што ги презема.
„Претходната владина гарнитура на ВМРО-ДПМНЕ непотребно ја бирократизира и ја оддолжи постапката за изградба на гробното спомен-обележје на Тоше и залудно беа изгубени средствата предвидени за таа намена. Владата предводена од СДСМ минатата година додели 10 милиони денари за да се реализира идејното решение, кое се оформи како конечно преку постојана комуникација и консултација со родителите на Тоше“, потенцира Спасовски.
Тој образложи дека сега се изведуваат завршните работи и набргу, првенствено неговото семејство, а потоа и неговите фанови, ќе може да се поклонат пред неговото вечно почивалиште, кое како симбол ги одразува големата религиозност на Тоше Проески и вербата во Бог, што тој ја споделуваше и преку својата музика.
„Многу бргу, до крајот на летото, овде на Гумење, ќе биде достојно уредено и завршено неговото вечно почивалиште, кое никогаш не е без посетители. Сите тие го одржуваат споменот во негова чест, споменот на благородната душа, која со своите постапки и со своите песни обележа цела една епоха од нашето културно и естрадно творештво и беше амбасадор на нашата земја и на своето Крушево во светот“, рече премиерот.
Тој истакна дека песните и споменот на Тоше денеска се дел од препознатливата иконографија за Крушево, полно со историски знаменитости и современи атракции, дека овде историјата се среќава со современоста преку природни убавини, преку светското првенство во параглајдерство и преку другите интернационални настани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од населбата Драчево денеска без струја

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН Македонија АД, информира дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска, без електрична енергија ќе остане дел од населбата Драчево.
Од 08:30 до 12:00 часот, корисниците од дел од улицата Маркова Река во населба Драчево, општина Кисела Вода, ќе останат без струја.
Македонија
Сончево и ветровито време, температури до 38 степени

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, по должината на Повардарието повремено засилен ветер од северен правец, информира УХРМ.
Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 22, а максималната ќе достигне од 31 до 38 степени.
Во Скопје сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, повремено засилен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 20, а максималната ќе достигне до 38 степени.
Во следните денови следува период на сончево и топло време со мала до умерена облачност.
Температурите ќе бидат во постепен пораст, особено од четврток и за време на викендот кога дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе достигне до 40°C.