Македонија
Шекеринска: Учениците од Дебреште, конечно, ќе добијат нова спортска сала

Вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, денеска, заедно со заменик-министрите за образование и наука и за локална самоуправа, Елизабета Наумовска и Дејан Павлески, изврши увид во изградбата на спортската сала во училиштето „Али Фетхи Окјар“ во село Дебреште, општина Долнени.
Како што информираат од Владата, спортската сала ќе се простира на 650 квадратни метри и ќе биде комплетно опремена со спортска опрема и реквизити за мали спортови, како кошарка, одбојка, ракомет и мал фудбал.
„Убедена сум дека кога ќе дојдеме овде по септември, ќе можеме и со учениците, и со наставниците и со граѓаните на општина Долнени да го прославиме целосното заокружување на овој проект. По 40 години зборување, сега можеме да видиме со свои очи дека салата е тука и можеме да сметаме на тоа дека нашите млади нема да треба да патуваат во Прилеп за каква било спортска активност, туку ќе може да спортуваат, да учат, да се образоваат блиску до својот дом и блиску до своето училиште“, рече Шекеринска.
Инвестицијата е вредна 24 милиони денари, а средствата се обезбедени од буџетот на државата, поточно од Министерството за образование и наука и од Банката за развој при Советот на Европа.
Во моментот спортската сала е во напредна фаза на градба, повеќе од 60 проценти, се монтираат панели и се очекува да биде комплетно завршена до почетокот на наредната учебна година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
30-годишник призна вина за ширење омраза: коментирал објави за Парадата на гордоста во Скопје и повикувал на насилство

Постапувајќи по поднесен Обвинителен предлог од Основното јавно обвинителство Скопје, Основниот кривичен суд Скопје донесе пресуда со која осуди едно лице за кривично дело – Ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем од член 394-г став 1 од Кривичниот законик.
Пресудата е изречена на единствено рочиште врз основа на признание на вина од страна на обвинетиот, кој прифати дека делото кое му се става на товар го сторил во време, место и на начин како што беше опишано во поднесеното обвинение.
Врз основа на тоа, Судот ја утврди како неспорна фактичката состојба дека сега осудениот на 26.02.2022 година, преку компјутерски систем во јавноста ширел репрезентации на идеи кои поттикнуваат омраза против маргинализирана група.
Од својот профил на социјална мрежа, 30-годишниот скопјанец коментирал на објави на еден информативен портал, кои се однесувале на организација на т.н. Парада на гордоста во Скопје. Во коментарите повикувал на насилство и поттикнувал омраза кон припадници на ЛГБТИ заедницата како припадници на маргинализирана група врз основа на сексуална ориентација.
За стореното, Судот го огласи за виновен и му изрече казна затвор во траење од 1 година, која нема да се изврши доколку за време од една година од правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело. Пресудата XVII К-913/24 на Основниот кривичен суд Скопје е правосилна и извршна.
Основното јавно обвинителство Скопје, имајќи ги предвид европските стандарди за заштита од омраза и дискриминација, активно го следи постапувањето во овие предмети за што е назначен посебен јавен обвинител.
Македонија
Аплицирањето е отворено – стипендија за Македонско наследство Битов за 2025 година

Сојузот на стопански комори на Македонија ја сподели информацијата во врска со Аплицирањето за Стипендијата за Македонско наследство Битов за 2025 година.
ОМД објавува во име на „Нова генерација“, канадска добротворна организација, дека нивната апликација за стипендијата „Џон Л. Н. Битов, Ц.М.“ за 2025 година е отворена.
Оваа програма им помага на младите Македонци кои се запишуваат на додипломски или постдипломски студии надвор од Македонија.
„Нова генерација“ доделува стипендии на извонредни студенти во различни академски дисциплини на акредитирани колеџи или универзитети надвор од Македонија. Стипендиите почнуваат од 1.000 канадски долари.
Повеќе детали за условите за аплицирање можете да најдете тука.
Краен рок за аплицирање: 4 јули 2025 година
Македонија
Заврши Генералното собрание на Асоцијацијата на уставни судови на Франкофонијата во Букурешт: донесени се повеќе одлуки

Со одржувањето на работилница на темата „Уставна контрола на уставните измени“ завршија работните сесии од 10. Конгрес на Асоцијацијата на уставни судови на Франкофонијата во Букурешт, по што се одржа Генералното собрание на ACCF.
На Генералното собрание, новото претседателство на Уставниот суд на Романија ја презентираше Програмата за следните три години (2025-2028).
Темата „уставна демократија” ќе биде во фокусот на новото раководство. Избрано е новото Биро на ACCF, усвоени се измени на Статутот и Внатрешните правила на Асоцијацијата и усвоен е Етичкиот кодекс за уставните судии.
Со мнозинство гласови од присутните претставници, Генералното собрание ја усвои апликацијата на Уставниот суд на Косово за зачленување во Асоцијацијата на франкофонските уставни судови.
Делегацијата на Уставниот суд на Република Северна Македонија , кој е член на ACCF, беше предводена од претседателот д-р Дарко Костадиновски.
Тој како еден од говорниците на работните сесии, своето обраќање го посвети на темата „жив конституционализам”.