Македонија
Манчевски: Промовираме нов принцип и култура на работа во јавната администрација
Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, денеска ги промовира новиот изглед и начин на работа на салата „Една точка за услуги“ во Скопје.
Како што истакна министерот, просторот е целосно модернизиран и следи најнови стандарди за тоа како функционира еден простор сервисно ориентиран кон граѓаните. Тој воедно потенцира и дека станува збор за целосно нов принцип и култура на работа во јавната администрација.
„Шалтерите, конечно, се минато, вработените работат во пријатна атмосфера, а граѓаните веќе нема да бидат дел од долгите шалтерски редови. Вработените во јавната администрација се сервис на граѓаните и првиот контакт што граѓаните го имаат со институциите. Затоа, работевме посветено, прво, на едно место да има повеќе институции што нудат услуги, нешто што го завршивме пред повеќе од една година. А потоа се посветивме и на подобрување на концептот на давање на самите услуги“, информира Манчевски.

Во „Една точка за услуги“ сместени се Министерството за внатрешни работи, Министерството за транспорт и врски, Управата за јавни приходи, Агенцијата за катастар на недвижностите, Агенцијата за вработување, Министерството за труд и социјална политика, Централниот регистар, Фондот за здравствено осигурување, Управата за водење на матичните книги, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.

„Обезбедивме непречен пристап и за лицата со пречки во движењето, има служба што ќе работи на одржување на редот, а електронски ќе се следи и работењето, со регулирано време за пауза и без можност да има граѓани што чекаат, а да нема кој да ги услужи. Ова е само почеток на менување на начинот на кој граѓаните добиваат услуги од институциите. Покрај оваа сала, в понеделник почнува со работа и ‘Една точка за услуги’ во Тетово, а веќе се почнати и активностите за канцелариите во други градови“, нагласи министерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК: Излезноста до 15 часот изнесува 18,18 отсто
Државната изборна комисија соопшти дека до 15:00 часот, на повторените избори за градоначалник во општините Врапчиште, Гостивар, Центар Жупа и Маврово и Ростуше, гласале вкупно 23.298 гласачи, што претставува 18,18 отсто од вкупно запишаните 128.286 гласачи.
По општини:
– Врапчиште – 21,01%
– Гостивар – 17,85%
– Центар Жупа – 10,99%
– Маврово и Ростуше – 18,60%
Гласањето се спроведува на 215 избирачки места.
Македонија
(Видео) МВР: Гласањето се одвива мирно, без нарушувања на јавниот ред и мир
Локалните избори кои се одржуваат во дел од општините на подрачје на СВР Тетово, односно ОВР Гостивар и СВР Охрид се одвиваат во мирна, фер и демократска атмосфера, информира Министерството за внатрешни работи.
„МВР презема мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес. До сега не се регистрирани инциденти или било какви нарушувања на јавниот ред и мир. МВР апелира до сите граѓани и до политичките партии, да придонесат за мирна и демократска атмосфера. Доколку има било какво нарушување на изборниот процес граѓаните да пријават во најблиската полициска станица или на телефонските броеви 192 или 112“, се наведува во објавата на ФБ.
Македонија
(Видео) ДИК: До 13 часот излезноста е 8,90 отсто, едно избирачко место воопшто не е отворено
До 13:00 часот на повторените локални избори гласале 11.217 лица или 8,90 отсто, соопшти Државната изборна комисија.
По општини:
– Врапчиште – 9,58 %
– Гостивар – 8,74 %
– Маврово – Ростуше – 10,03 %
– Центар Жупа – 6,61 %
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, кажа дека гласањето на сите избирачки места се одвива непречено, освен на избирачкото место 0782 во Ќафа кое се уште не е отворено.

