Македонија
МВР најави кривична пријава против пет лица за орото во Чаир
МВР ќе поднесе кривична пријава против пет лица за орото во Чаир што се случи на 24 мај за време на празникот Бајрам, за предизвикување опасност од пренесување на коронавирусот.
Пријава ќе биде поднесена против П.Ќ. (50), А.З. (46), Е.Е. (36), Е.Е. (57) и Б.Д. (28) сите од Скопје за кривично дело непостапување според здравствените прописи за време на епидемија.
Пријавените на 24 минатиот месец во периодот помеѓу 09 и 10.30 часот, на улица Архиепископ Доситеј, поточно пред зграда бр.6 поради празнично расположение од верскиот празник, се собрале во поголема група од дозволеното играјќи оро, со што ја прекршиле забраната на собирање во група на повеќе од две лица, во паркови и на други јавни места и јавни површини, како и Уредбата за задолжително носење на заштитна маска и држење на социјална дистанца.
За настанот, од МВР велат дека дознале од видео објавено на социјалните мрежи од страна на пријавените.
„По преземените мерки за идентификување на лицата од видео записот, утврдени се сите петмина пријавени и истите се повикани во Единицата за внатрешни работи Центар и Бит Пазар за да дадат појаснување за стореното кривично дело кое им се става на товар при што само Б.Д. го негирал извршувањето на кривичното дело“, соопшти МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
На ден пред двојните избори гласаат болните и изнемоштените лица, затворениците и дијаспората
Денес своето право на глас први ќе го остварат болните и изнемоштените лица, како и затворениците во казено-поправните домови во државата.
Од Државната изборна комисија информираа дека за претседателските избори ќе гласаат 11.123 болни и немоќни лица, а за парламентарните избори бројката е поголема за 102 избирачи или ќе гласаат 11.225 болни и немоќни лица.
Освен изнемоштените и затворениците, денес своето право на глас ќе го остварат и пријавените македонски државјани од дијаспората, но единствено за претседателските избори. Гласање за парламентарните избори во дијаспората нема да се спроведе поради недоволен број пријавени.
На овие парламентарни избори поднесени се 17 кандидатски листи, за парламентарните избори од кои 16 на политички партии и коалиции и една од група избирачи. На изборите учествуваат 61 партија. Од нив, 11 самостојно, а 50 во пет коалиции.
На вториот круг од претседателските избори право на глас имаат 1.814.317 избирачи, а на парламентарните избори 1.815.350 избирачи. Разликата во гласовите е 1033, генерално поради граѓани кои стекнуваат полнолетство. Во посебните изводи од Избирачкиот список за лица кои поднеле пријава за гласање во дипломатско конзуларните претставништва или конзуларни канцеларии се запишани 2.569 избирачи, а во затворите или во притвор 2.147 избирачи.
Македонија
Акредитирани 1078 домашни и 770 странски набљудувачи за изборите
За вториот круг од претседателските избори и парламентарните избори на 8 мај акредитирани се вкупно 1999 набљудувачи, преведувачи и странски новинари. Најмногу акредитирани се домашни набљудувачи – 1078. Изборите ќе ги следат и 770 странски набљудувачи за чии потреби се ангажирани и 85 преведувачи.
За известување од изборите, акредитирани се 66 странски новинари, меѓу кои и од Ројтерс, Асошиејтед прес, Ал Џезира и Франс прес.
Најмногу домашни набљудувачи акредитирало Здружението за развој на општествено – социјални иновации „ВАКЕ УП“ Скопје – 752, потоа Фондација Ромите за демократија – 151, Цивил – 82, Центарот за безбедносни истражувања – 46, Институтот за меѓународни односи и стратегии Охрид – 20, Националниот ромски центар Куманово – 14, Здружението за промоција и развој инклузива Куманово – 12 и Македонскиот центар за културен развој – еден набљудувач.
Специјалната мисија за проценка на изборите на ОБСЕ/ОДИХР има акредитирано 410 набљудувачи, 14 експерти и 31 преведувач, најмногу од странските набљудувачи. Парламентарното собрание на ОБСЕ (OSCE PA) има акредитирано 138 набљудувачи, Амбасадата на Соединетите американски држави во Скопје – 68 набљудувачи и 33 преведувачи, Парламентарното собрание на Советот на Европа – ад хок комисијата за набљудување на претседателските избори во Република Северна Македонија – 33 набљудувачи и 20 преведувачи, Иницијативата за дијалог и демократија Силба 30, Централната изборна комисија – Република Косово – 13, Европскиот парламент – 12 и други.
Македонија
Бојан Јовановски: Повикан сум на информативен разговор во полиција, ова е директен притисок и обид за цензура
Бојан Јовановски – Боки 13 соопшти дека денеска во 10 часот е повикан на информативен разговор во П.С Кисела вода (Пролече) во врска со пријава за загрозување на безбедност согласно член 144 од КЗ.
„Ова го чувствувам за директен притисок и обид за цензура од страна на засегнатите лица во врска со мојот настап кај „Лазаров“!“, објави Бојан Јовановски.
Јовановски претходно вчера објави дека веќе неколку дена е цел на закани и притисоци со цел да го откаже второ гостување на поткастот.