Македонија
Во болниците се лекуваат 379 пациенти со коронавирус
Бројот на хоспитализирани пациенти до утрово изнесува 379 или 13 отсто од вкупниот број активни случаи, изјави министерот за здравство, Венко Филипче. Тој кажа дека 87% од вкупниот број дијагностицирани лица се на домашно лекување, или практично асимптоматски.
И покрај тоа што има голем број хоспитализирани пациенти, Филипче вели дека сè уште има капацитет за сместување во болниците.
„Во Битола, во сегашниот оддел пет слободни места со потенцијал да се ослободат уште повеќе спратови во болницата. Слободни места има и во Охрид, Куманово, Гостивар – 9, во Прилеп – 10, Штип – 12 слободни болнички кревети. Во модуларната болница има 60-тина слободни кревети, само еден пациент е сместен во болницата во Козле, којашто во изминатиот период и во овие неколку денови се стави во функција за третман на КОВИД-позитивни пациенти“, истакна Филипче и додаде дека болницата во Козле е доопремена со неопходната опрема којашто е потребна, како и соодветен број на лекари кои доаѓаат од интернистичките клиники, пред сѐ, специјалисти пулмолози кои ќе работат заедно со тамошните експерти. Во болницата ќе бидат сместувани освен деца и возрасни доколку од тоа има потреба.
Министерот кажа дека медицинскиот персонал е преморен и дека секојдневно се прави реорганизација на работата и ротации на персоналот.
„Покрај тоа што има доволен болнички капацитет, медицинскиот персонал е навистина преморен. Ние секојдневно правиме реорганизација на работата и ротации на персоналот за да може пациентите да ја добијат соодветната грижа и ова засега добро функционира. Системот може да го одржиме, но секако дека не можеме да издржиме без помош од граѓаните и почитување на мерките од нивна страна. Затоа повторно апелирам до сите граѓани да се почитуваат мерките за заштита, да се помогне пред сѐ на себеси, на своите најблиски и секако на сите вработени во здравствениот сектор“, рече министерот Филипче.
Тој информира дека според последниот извештај на Институтот за јавно здравје, од вкупниот број позитивни случаи регистрирани во период од 12 до 20 јуни, најголем дел се од Скопје – 58.3% и од Тетово – 14.2%.
Со ова, кажа Филипче, се докажува тоа дека овие два града и нивната околина се најголемите жаришта во државата.
Министерот, исто така, информира дека денеска преку итна неповратна помош, преку амбасадата на Јапонија, земјава го добила лекот „фавипиравир“, познат како „авиган“.
„Добивме антивирусна терапија Авиган за 100 пациенти заболени од ковид-19“, кажа тој.
Филипче информира и дека на состанокот на Комисијата за заразни болести разговарале за дополнително попуштање на мерките, пред сѐ на мерките коишто сега даваат забрана за работа на повеќе економски оператори.
„Епидемијата е сѐ уште во полн ек, состојбата во регионот укажува дека практично во сите земји има пораст на случаите. Вирусот е тука, ќе мора да продолжиме да живееме со него и да се навикнеме на правилата за лична заштита. По овие правила ќе функционираме веројатно долг период, не само оваа година, туку и следната година“, кажа Филипче.
Здравствените работници, додаде тој, направија и прават сѐ што можат најдобро да го заштитат населението.
„Не смееме да дозволиме со непочитување на мерките да го деградираме трудот на сите кои деноноќно се во првите борбени линии. Сметам дека е важно сите општествени чинители активно да се вклучат во пренесување на вистинската информација. Со почитување на мерките, маска, дистанца, дезинфекција, се штитиме самите себеси, и сите околу нас“, рече министерот.
Тој упати порака до политичките партии да се почитуваат мерките, без исклучок.
„Порака за сите партии да бидат пример со почитување на мерките и да не дозволат кампањата да биде ризик за граѓаните. Од нив се очекува тие да дадат пример како се штити здравјето на граѓаните. Мерките не се тешки, тие се исклучително ефикасни и потврдени од многу земји во светот, да се носи заштитна опрема, да се одржува физичката дистанца, да се одржува лична хигиена и да се почитуваат протоколите за работа на економските оператори“, кажа Филипче.
Во последните 24 часа од направени 665 тестирања, регистрирани се 90 нови случаи на Ковид-19
Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 5.196, бројката на оздравени пациенти е 1.974, на починати е 247, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 2.975.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд. Претпладне, врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и во некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен, а попладне наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на оваа седмица следува период на претежно облачно време со повремени врнежи од дожд, кои на повисоките планини, ќе преминуваат во врнежи од снег. Повремено наместа врнежите ќе бидат пообилни. До сабота ќе дува југоисточен и југозападен ветер, а во недела ветерот ќе го смени правецот и ќе дува засилен северен ветер.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ избра нови претседатели на повеќе партиски комисии
На првата редовна седница на новиот состав на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, донесени се одлуки за кадровски освежувања и распишување огласи за раководни позиции во партијата, информира премиерот и лидер на партијата, Христијан Мицкоски, преку објава на Фејсбук.
Извршниот комитет одлучил да распише огласи за избор на нови претседатели на Унијата на млади сили, Унијата на жени и Унијата на ветерани, како и генерален избор на претседатели на сите општински комитети на ВМРО-ДПМНЕ.
На седницата биле избрани и нови претседатели на повеќе партиски комисии. За претседател на Комисијата за здравство е избран Сашо Клековски, на Кадровата комисија Благоја Ташаминов, на Комисијата за безбедност и одбрана Панче Тошковски, додека за претседател на Комисијата за туризам е избран Аккан Махмут.
За претседател на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје е избран Златко Перински.
„Промени. Го слушаме гласот на членството. Вистинскиот избор за заедничка иднина!“, напиша Мицкоски во објавата.

