Македонија
Обвинителството поднесе жалба и ќе ја преиспита пресудата за убиството во Ново Лисиче
Обвинителството соопшти дека поднело жалба во однос на висината на изречената казна за убиството во Ново Лисиче и Апелациониот суд Скопје ќе одлучи по таа жалба, а согласно Законот за кривична постапка, по службена должност, ќе ја испита пресудата. Реакциите на социјалните мрежи, во јавноста и протестите во поглед на правната оцена на кривичното дело треба да бидат изземени од какви било дневно-политички интереси и притоа да не се злоупотребува загубата на еден млад човечки живот, соопшти Обвинителството.
На 14.08.2019 година на булеварот „Видое Смилевски – Бато“ во населбата Ново Лисиче, обвинетиот 18-годишник, доведен без своја вина во состојба на силна раздразнетост со напад и тешко навредување, со умисла го лишил од живот Никола Христовски. Група од повеќе лица, во која бил и оштетениот, го пресретнала обвинетиот во близина на една бензинска пумпа и започнале да го навредуваат и физички да го напаѓаат со влечење и удари по телото. Обвинетиот започнал да бега кон зградите, а групата од околу 30 лица трчале по него, извикувајќи навреди и пцовки. Кога се доближил до влезот на една зграда обвинетиот се обидел да влезе, но не успеал. Во тој момент, прв до него стигнал оштетениот Никола Христовски, па обвинетиот доведен во состојба на силна афективна раздразливост, реагирал импулсивно и не бил во состојба логично да размислува, да расудува и да раководи со своите постапки. Тој извадил нож со сечиво од 9 сантиметри и на оштетениот му задал убодна рана во десната страна на градниот кош. Оштетениот бил пренесен во Ургентниот центар „Мајка Тереза“ каде му бил извршен хируршки зафат, но починал како резултат на крваречки шок.
По спроведена претходна постапка, Основното јавно обвинителство Скопје на 07.02.2020 година до Основниот кривичен суд Скопје поднесе обвинение против едно лице за убиство на миг од член 125 од Кривичниот законик.
„Законското битие на кривичното дело – убиство на миг од член 125 од Кривичниот законик пропишува дека тој што друг ќе лиши од живот на миг, доведен без своја вина во состојба на силна раздразнетост со напад или со тешко навредување од страна на убиениот ќе се казни со затвор од една до пет години. Поднесувањето на обвинението со таа правна квалификација следеше по сеопфатна анализа на сите вербални и материјални докази обезбедени во текот на претходната постапка. Па така, од тие докази неспорно произлезе дека обвинетиот го сторил кривичното дело во состојба на силна афективна раздразнетост, делувал афективно-импулсивно и не бил во состојба логично да размислува, да расудува и да раководи со своите постапки. Оваа психолошка состојба на сторителот неспорно произлезе од изготвениот вешт наод и мислење од ЈЗУ Универзитетска клиника за психијатрија – Скопје од тим од три вешти лица.
Од субјективен аспект, ова кривично дело е умислено, а не е кривично дело сторено од небрежност, со тоа што се работи за миговна умисла и донесување брза и ненадејна одлука да се изврши делото, кога сторителот се наоѓа во состојба на силна раздразнетост без своја вина. Тоа се случило и во конкретниот случај затоа што најнапред обвинетиот со оштетениот и група други лица се сретнале кај бензинска пумпа во Ново Лисиче, каде обвинетиот бил навредуван и физички напaднат од страна на оштетениот и групата. Тој се исплашил и започнал да бега кон зградите, а групата од околу 30 лица трчала по него, извикувајќи навреди и пцовки. Кога дошол до влезот на зградата за да се скрие обвинетиот не успеал да влезе, а прв до него стигнал оштетениот. Во тој миг, на кој претходел напад врз него, тешко навредување и бегање за да се спаси, кај обвинетиот се створил афект на страв за својот живот, па тој посегнал по ножот и му ја задал убодната рана на оштетениот.
Ваквата правна квалификација за кривичното дело – убиство на миг од член 125 од Кривичниот законик Основниот кривичен суд Скопје ја прифати и донесе пресуда со која обвинетиот го огласи за виновен и му изрече казна затвор во траење од три години.Оваа правна квалификација, која во целост одговара на случениот настан, произлезе од утврдената фактичка состојба од страна на Судот со изведување на сите вербални и материјални докази на јавниот обвинител и на одбраната“, соопшти Обвинителството.
Тие додаваат дека при неспорна фактичка состојба, не биле исполнети законските услови за примена на член 398 став 2 од Законот за кривична постапка, според кој, судот не е врзан за предлогот на тужителот во однос на правната оценка на делото. Во текот на судската постапка, правата на законските застапници на оштетениот – неговите родители ги штитеше нивен полномошник – адвокат кој во текот на целата постапка не ја оспори ниту фактичката состојба, ниту правната квалификација на делото, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ ќе ја повика главната европска обвинителка да ја посети Македонија за скандалот со ИПАРД
СДСМ ќе ја повика главната европска обвинителка, Лаура Ковеши, да ја посети Македонија и лично да се запознае со малверзациите што ДПМНЕ ги прави со европските фондови, меѓу кои и ИПАРД програмата, соопштија од партијата.
„Не сакаме државата да остане без финансиска поддршка поради злоупотребите на ВМРО-ДПМНЕ. Немаме доверба во нашите институции, прво затоа што врз нив секојдневно се врши притисок од страна на Мицкоски а второ и затоа што власта прави се за да ги заштити своите од прогон. Имајќи предвид дека злоупотребите биле вршени од страна на власта, и дека директорот на Агенцијата за финансиска поддршка за земјоделството и руралниот развој е уапсен токму за корупција поврзана со европските пари, сметаме дека должност ни е да ја информираме европската јавност и Европското јавно обвинителство (EPPO)“, велат од СДСМ.
Од таму велат дека Ковеши е надлежна за истраги поврзани со злоупотреби на ИПАРД-фондовите, во рамките на нејзината улога како прв човек на Европското јавно обвинителство (EPPO – European Public Prosecutor’s Office).
„Ковеши е позната по својата бескомпромисна борба против корупцијата од нејзината претходна работа во Романија, каде што го водеше Националниот директорат за антикорупција“, велат од СДСМ.
фото/ЕПА
Македонија
Стојаноски: Лицемерството на Левицата излегува на виделина, Апасиев ја користи анкетната комисија за политички поени
На денешната собраниска седница се обрати пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски кој истакна дека пратеничката група на Левица ја закажала собраниската Постојана анкетна комисија за човекови права и слободи на истиот ден кога е предвидено да се одржи и седницата на Буџетот, на која што посочи дека присуството на поголемиот дел од пратениците од владејачкото мнозинство е неопходно за усвојување на дневниот ред, но и за понатамошно гласање на Буџетот.
„Вториот апел би сакал да го упатам исто така до сите пратенички групи, а особено до пратеничката група којашто и ја управува таа комисија, ние сакаме да учествуваме на Комисијата која е закажана на 9 декември, но во истиот тој ден е закажана и Седница на буџетот на која што најголем дел од пратениците од мнозинството треба да бидат присурни, за да гласаат и дневен ред, но потоа и практично не може да се предвиди дали ќе треба тој Буџет да се гласа одма или заради говорниците понатаму и сметаме дека е коректно сите заедно да се договориме за датум на којшто ќе можеме да бидеме присутни сите, на којшто ќе можат да бидат присутни сите коишто се повикани, на кој што ќе можат да бидат присутни и премиерот на Владата на Република Македонија и на тој начин да им ги дадеме одговорите и на родителите и на оние подносители на таа иницијатива“, рече Стојаноски.
Порача дека е неопходно заедничко усогласување на датумот, за да се обезбеди целосно присуство и продуктивност на Комисијата.
„Така да практично сметам дека и за ова треба да најдеме еден заеднички јазик со којшто ќе успееме таа комисија да ја одржиме и да бидат присутни сите оние коишто се поканети од тој којшто ја има закажано и од оние коишто ја имаат поднесено иницијативата“, рече Стојаноски.
Македонија
(Фото) Поставени дигитални уреди за мерење бучава кај кафеаните во Дебар Маало
Општина Центар започна со имплементација на паметен систем за следење на бучавата, преку поставување на дигитални индикативни уреди на местата со најмногу поплаки од граѓаните – околу угостителски објекти, високо фреквентни улици и јавни простори. Новиот систем овозможува континуирано мерење на бучавата во реално време и алармирање секогаш кога ќе се надмине дозволеното ниво.

„Во програмата јасно ветивме дека ќе воспоставиме смарт систем за мерење на бучавата. На терен веќе е започнато поставување на мерните единици на 30 локации низ Општина Центар. Овие сензори континуирано ќе ја следат бучавата и ќе алармираат секогаш кога ќе биде над дозволеното ниво. Со ова прецизно ги мапираме најгорливите точки, а истовремено ќе обезбедиме материјал на нашите инспекциски служби за постапување“, истакна градоначалникот Горан Герасимовски.
До овој момент поставени се 19 уреди на повеќе точки во Дебар Маало, на улиците Орце Николов, Мирослав Крлежа и Отон Жупанчиќ, како и на локациите Боемска 1 и Боемска 2.
До крајот на годината ќе бидат поставени дополнителни уреди на улицата Ленинова, во населбите Капиштец и Буњаковец, потоа на Кеј 13 Ноември, кај Старата железничка станица и на локацијата Кале.
„Со ова ќе се прошири мрежата и ќе се покријат уште повеќе критични зони погодени од прекумерна бучава. Ова е само почетна фаза на големиот проект кој ќе продолжи со дополнително поставување мерни уреди и унапредување на системот за следење на децибелите. Проектот се базира на современ софтвер кој обезбедува точни податоци и реално следење на состојбата, со крајна цел намалување на бучавата и подобрување на квалитетот на живеење“, вели Герасимовски.

