Свет
Во Иран уапсена група која продавала бебиња преку „Инстаграм“

Иранската полиција уапси три лица осомничени дека се обиделе да продаваат бебиња преку „Инстаграм“, објави денес новинската агенција „Исна“.
„Уапсени се три лица кои сакале да продадат две бебиња“, рече началникот на полицијата во Техеран, Хосеин Рахими.
Тој прецизираше дека едното бебе е старо 20 дена, а другото два месеца.
Полицијата ги уапсила овие лица откако било утврдено дека тие рекламираат продажба на бебиња на „Инстаграм“. Фотографиите биле споделени на 10 до 15 различни профили на оваа социјална мрежа.
Бебињата биле купени за сума од 226 до 450 евра, а се продавале за 1.800 до 2.250 евра, рече Рахими, без да прецизира детали.
Тој нагласи дека бебињата сега се предадени на социјалната служба.
Како што објави „Исна“, еден од уапсените тврдел дека е невработен и без пари и дека бил само посредник.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Трамп ѝ се закани на Кина со царини од 200 проценти: „Мора да ни дадат магнети“

Американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе воведе царини од 200 проценти на увозот на кинески стоки доколку Пекинг не воспостави сигурни залихи на ретки земни магнети за САД.
„Тие мора да ни ги дадат магнетите. Ако не ни ги дадат магнетите, ќе мора да им наплатиме царина од 200 проценти или нешто слично“, рече Трамп во Белата куќа за време на состанокот со јужнокорејскиот претседател Ли Џе-мјунг.
Американскиот претседател призна дека ваквите екстремни мерки во пракса би ја запреле трговијата со Кина, додавајќи дека ова сценарио, доколку е потребно, би било прифатливо за САД.
Ретките земни метали се клучни суровини за модерната технологија и се користат во производството на мобилни телефони, ветерни турбини, електрични возила и воена опрема. Кина е водечки светски производител и преработувач на ретки земни метали, додека САД се потпираат на увоз.
Пекинг претходно го ограничи извозот на ретки земни метали и магнети поради трговската војна. Најновите коментари на Трамп се во остра спротивност со неговиот попомирувачки тон на почетокот на август, кога објави 90-дневно продолжување на трговското примирје со Кина.
Во мај, двете земји се согласија да ги суспендираат троцифрените тарифи за да го поттикнат дијалогот за трговијата, снабдувањето со ретки земни метали и пристапот до чипови за вештачка интелигенција. Кинеска делегација предводена од главниот преговарач Ли Ченгганг ќе отпатува во Вашингтон оваа недела за понатамошни разговори, објави „Волстрит журнал“.
Фото: принтскрин
Свет
Орбан: Зеленски ќе трпи долгорочни последици

Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе ги сноси последиците за неодамнешните напади врз гасоводот „Дружба“, кој ги снабдува Унгарија и Словачка.
Во објава на Фејсбук, Орбан истакна дека „Зеленски отворено ѝ се закани на Унгарија“ и призна дека нападот врз нафтоводот бил одговор на противењето на Будимпешта на членството на Украина во Европската Унија.
„Зеленски отворено ѝ се закани на Унгарија. Тој призна дека го гранатираат нафтоводот „Дружба“ затоа што не го поддржуваме нивното членство во ЕУ. Оттука следува дека Унгарците донеле правилна одлука. Зеленски ќе има долгорочни последици за зборовите што ги изговорил“, рече Орбан.
Фото: принтскрин
Свет
Германија попушти под притисокот, ќе продолжи да прифаќа бегалци од Авганистан

Германија набргу ќе ја укине повеќемесечната суспензија за прием на ранливи авганистански државјани што вети дека ќе ги прифати, објави денес весникот „Велт“ повикувајќи се на владини извори, објави „Ројтерс“.
Речиси 2.000 Авганистанци, на кои им е одобрено преселување во Германија во рамките на програмата за луѓе во ризик под власта на талибанците, се заробени во соседен Пакистан со месеци откога Берлин ја замрзна програмата како дел од ветувањето за запирање на миграцискиот бран.
Групите за човекови права и десетици погодени Авганистанци ја оспорија суспензијата на суд, а некои добија судски пресуди, што дополнително го зголемија притисокот врз Берлин да дејствува.
Прашањето стана уште поитно бидејќи Пакистан презеде чекори за протерување на документирани авганистански бегалци, вклучително и оние што се дел од германската програма за преселување, до крајниот рок на 1 септември.
Според весникот „Велт“, семејствата на засегнатите лица веќе се информирани за продолжувањето на програмата, а првите семејства на Авганистанци се очекуваат во наредните денови.
Германската влада планира дискретно да ги преселува авганистанските бегалци со редовни комерцијални летови со застанувања во Дубаи или Истанбул пред да пристигнат во Германија, а точниот број на лица на кои моментно им е одобрено заминување сè уште не е познат, објави весникот.
Министерството за надворешни работи само потврди дека процедурите за верификација продолжуваат и дека вработени се испратени во Пакистан за да продолжат со обработката на случаите.