Свет
Америка подготви ново обвинение против Асанж
Министерството за правда на САД го објави последното обвинение против основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж. Во обвинението се наведува дека регрутирал хакери на конференции во Европа и во Азија кои би можеле да обезбедат доверливи информации за неговата веб-страница, како и дека бил во дослух со членови на хакерски организации.
Изменетото обвинение не содржи повеќе од 18 точки, меѓутоа обвинителите велат дека тоа ги истакнува напорите на Асанж за добивање и објавување на класифицирани информации, пренесува АП.
Покрај регрутирање хакери на конференции, обвинението го товари Асанж за соработка со хакерските групи „Анонимни“ и „Лулз Сек“, како и со 17-годишен хакер, кој му давал информации украдени од банка и аудиозаписи на високи владини функционери.
Адвокатот на Асанж, Бери Полак, рече дека „немилосрдната потрага на владата за Џулијан Асанж“ претставува сериозна закана за новинарите и за правото на јавноста да знае.
„Денешното дополнување на обвинението е уште едно поглавје во напорите на американската влада да ја убеди јавноста дека нејзината потрага по Џулијан Асанж се заснова на нешто друго, освен на објавување вистинити информации што се важни за весниците“, рече адвокатот.
Асанж беше уапсен минатата година, откако беше протеран од Амбасадата на Еквадор во Лондон, каде што е од 2012 година, и во моментов е во притвор каде ја чека одлуката дали ќе биде екстрадиран во САД.
Министерството за правда на САД го сомничи за заговор со поранешниот американски војник Челси Менинг за протекување доверливи документи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Руски дипломат: На работ сме на договор за мир во Украина
Заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Рјабков, изјави во интервју за Еј-Би-Си дека верува оти страните во војната се „на работ“ на дипломатско решение што би го завршило руско-украинскиот конфликт.
„Подготвени сме да постигнеме договор“, рече Рјабков, додавајќи дека се надева оти спогодбата може да биде постигната „поскоро отколку подоцна“.
Неговите изјави доаѓаат откако претставници на американската администрација сигнализираа дека мировен договор можеби е поблизу од кога било, наведувајќи дека околу 90 проценти од спорните прашања веќе се решени.
И покрај оптимистичкиот тон, Рјабков повтори дека Русија не се откажува од контролата врз Крим, како и врз делови од украинските области Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон, што Киев ги смета за неприфатливи услови.
Тој истакна дека Русија нема да прифати присуство на НАТО-сили во Украина, дури ни како безбедносна гаранција по завршувањето на војната.
Разговорите се водат со посредство на САД, како дел од мировната иницијатива на Белата куќа за ставање крај на руската инвазија започната во февруари 2022 година.
Свет
Мерц: САД се подготвени за обврзувачки безбедносни гаранции за Украина
САД се подготвени да преземат правни безбедносни гаранции слични на член 5 од Договорот за НАТО. Ова го изјави германскиот канцелар Фридрих Мерц, цитиран од „News.LIVE“. Повоениот мир за Украина мора да биде обезбеден со материјални и правни гаранции од САД и Европа, нагласи германскиот канцелар Мерц, додавајќи дека сојузниците повеќе нема да ги повторуваат „грешките од Минските договори“.
Овие гаранции треба да бидат сеопфатни, истакна Мерц, додавајќи дека нивната специфична содржина ќе биде разгледана подоцна: „Во случај на нов напад од страна на Руската Федерација, Украина би можела да се одбрани не само сама, туку и со поддршка на оние земји што ќе ги преземат обврските“.
Според канцеларот, Европејците ѝ ги предале на Русија своите предлози за обезбедување безбедносни гаранции и „топката сега е во дворот на Москва“. Мерц го повика Кремљ да покаже дека навистина сака мир и да се согласи на целосно прекин на огнот со Украина за време на божиќните празници.
Веќе има сигнали од украинската страна и од водечките земји од ЕУ дека е можно на крајот да има договор меѓу САД и Украина за тоа како треба да изгледа идниот мир. Но, Русија сепак ќе мора да биде убедена, дури и ако Украина и САД на крајот постигнат договор за Донбас. Американската страна, исто така, била задоволна од тоа како се одвивале преговорите, тврди Ројтерс, врз основа на свои извори.
„Разговорите не се лесни, но се продуктивни“, коментираше украинскиот претседател Володимир Зеленски и потврди дека Украина и САД имаат различни ставови за судбината на Донбас.
depositphotos
Свет
Зеленски: Не е постигнат компромис за територијалното прашање за време на преговорите во Берлин
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека позициите на САД и Украина за поделбата на териториите сè уште се разликуваат. Тој го објави ова за време на заедничката прес-конференција со Фридрих Мерц на Германско-украинскиот економски форум, пренесува „Европејскаја правда“.
Тој нагласи дека САД дејствуваат како посредник во овие преговори.
„Секако, не сите прашања се едноставни. Постојат сложени работи, особено во врска со териториите. Секако, сите го покренуваат ова прашање. И тука е важно сите ние да работиме на тоа ваквите прашања да се решат апсолутно праведно. Дијалогот за териториите не беше доволен и ми се чини дека досега имаме различни позиции, да бидам искрен, но мислам дека колегите го слушнаа мојот личен став“, рече Зеленски.
Во исто време, тој истакна дека е постигнат напредок по многу прашања за време на неодамнешните преговори.
„Навистина имаше напредок по многу прашања. Искрено, не знам како Русија ќе го перцепира ова – во однос на релевантните резултати од нашите разговори“, нагласи украинскиот шеф на државата.
Во Берлин се одржа состанок на украинската делегација предводена од Володимир Зеленски со претставници на тимот на американскиот претседател Доналд Трамп.
Специјалниот претставник на американскиот претседател Стив Виткоф денес објави значителен напредок во преговорите.
depositphotos

