Свет
САД ги купија сите залихи на ремдесивир
Сите залихи на лекот ремдесивир, кој е еден од ретките што покажаа позитивни резултати во лекувањето на коронавирусот, се откупени од страна на САД. Во следните три месеци лекот нема да биде достапен за ниту една друга држава.
Лекот што го произведува фирмата „Гилијад“ досега имаше ефекти во лекување пациенти заболени од коронавирус и во нивното побрзо закрепнување. Првите 140.000 дози од лекот веќе се потрошени. Администрацијата на Трамп ги откупи следните 500.000 дози, што е всушност целото производство на „Гилијад“ до крајот на септември годинава.
Лекот ремдесивир беше наменет за лекување од вирусот ебола, но се покажа неуспешен. „Гилијад“ одлучи да ја понуди терапијата со лекот на пазарот по цена од 2.300 долари за пациент, што предизвика остри реакции кај експертите и политичарите во САД и други земји.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Унгарија го поддржа Нетанјаху: Одлуката на Меѓународниот кривичен суд е апсурдна
Министерот за надворешни работи на Унгарија ги критикуваше налозите за апсење на Меѓународниот кривичен суд за израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана поради војната во Газа.
„Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер и министер за одбрана. Оваа одлука е срамна и апсурдна“, напиша Петер Сијарто на својот Фејсбук.
Судиите на Меѓународниот кривичен суд открија „разумни аргументи“ дека Нетанјаху и Јоав Галант сносат „кривична одговорност“ за наводните воени злосторства и злосторства против човештвото за време на војната меѓу Израел и Хамас. Ова го вклучува „военото злосторство гладување како метод на војување и злосторства против човештвото, како што се убиства, прогон и други нехумани дејствија“.
Европа
Украинскиот парламент ја одложи седницата, на пратениците им е кажано да ги држат своите семејства подалеку од владиниот кварт на Киев
Украинскиот парламент ја одложи седницата што требаше да се одржи денеска поради безбедносни причини, јави јавната телевизија Суспилнe, повикувајќи се на извори.
„Беше планирано да се одржи седница на Врховната Рада на 22 ноември, на која пратениците требаше да поставуваат прашања до владата, но сè беше откажано поради безбедносни причини“, објави Суспилне. На пратениците им е кажано да ги држат своите семејства подалеку од владиниот кварт на Киев, а според некои од нив, следната седница на украинскиот парламент не е закажана до декември.
Одложувањето дојде откако рускиот претседател Владимир Путин во телевизиско обраќање објави дека Русија вчера истрела хиперсонична балистичка ракета со среден дострел врз украински воен објект, како одговор на употребата на американски и британски ракети од Киев за гаѓање цели на руска територија.
Путин посочи дека „во случај на ескалација на агресивни дејствија“ би можеле да следат уште такви потези. Предупредувањата за големи ракетни напади ги натераа американските и другите амбасади во Киев да ги затворат своите врати во средата.
Еден опозициски член на парламентот, Олексеј Хончаренко, изрази фрустрација поради откажувањето на седницата во објава на апликацијата за пораки Телеграм, велејќи дека тоа е изгубена можност да се поставуваат прашања на владата.
Регион
Мајката на починатата Анѓела во Нови Сад: Доживотна затворска казна не е доволна за 15 човечки животи
„Секој ден станува се потешко. Да немаше протести, можеби никој немаше да биде уапсен. Никој не контактираше и не ни изрази сочувство. Не ни понудија ниту психолошка помош“, изјави за Нова.рс, Зорица Руман, мајката на 20-годишната Анѓела Руман од Стара Пазова, која загина со своето момче при уривање на настрешница во Нови Сад.
„Ова е страшно, неподносливо. Одам на гробиштата да и се извинам, а кога ќе се вратам, одам во нејзината соба и повторно разговарам со неа. Уништени сме. Толку многу семејства се завиени во црно“, рече таа.
Се осврна и на апсењето на 11 лица. Таа смета дека тоа веројатно немаше да се случи доколку немаше голем притисок од јавноста и граѓаните.
„Да немаше протести, можеби немаше никој да биде уапсен. Но, за жал, ништо не може да ги врати. Искрено, ништо не ми значи. Читам дека можат да добијат од 2 до 12 години, а за 15 човечки животи ни доживотна казна не е доволна. Нив можат да ги видат и да ги посетат. Толку млади убиени. Беа во цут, само што почнаа да прават планови и да ги реализираат. Здрави деца починаа во миг поради нечие невнимание“, рече таа.
„Никој не контактирал со нас ниту изразил сочувство“
Таа рече дека никој од претставниците на властите не контактирал со нивното семејство. Смета дека е неприфатливо што не им била дадена ниту основна поддршка, истакнувајќи дека не се ни удостоиле да изразат сочувство, а камоли да понудат каква било помош.
„Никој не не контактираше, ниту ни изрази сочувство. Само нашиот општински претседател дојде да изрази сочувство и праша дали ни треба помош. Ниту мислиме, ниту ни треба, тоа што сега ни значи више го нема. Не ни понудија никаква психолошка помош“, изјави таа.
Посочува дека не можат да се помират со тоа што Ангела повеќе ја нема.
„Наутро кога ќе станеме, одиме на нејзиниот гроб и се враќаме дома. После ништо, само ја гледам нејзината слика и плачам. Од работа ми излегоа пресрет и ми рекоа да се вратам кога ќе имам сила. Секоја чест за моите колеги и работодавачот, единствените луѓе од таа страна се покажаа фер“, рече таа.