Свет
Експлозија во приватна болница во Техеран, загинаа 18 лица
Најмалку 18 лица загинаа во експлозија во приватната болница Зина Атар на северот на главниот ирански град Техеран, јави новинската агенција ИСНА, повикувајќи се на портпарол на противпожарната бригада што дошла да го изгасне пожарот.
Шестмина имаат сериозни повреди и се пренесени во други болници на лекување. На пожарникарите им биле потребни два часа за да го стават пожарот под контрола. Сè уште не е познато што ја предизвикало експлозијата. Пожарникарите прво се сомневале дека експлодирале боците со кислород во подрумот на болницата, но можно е дека експлозијата била предизвикана и од некои други гасови.
Според првите информации, кои ги објави новинската агенција „Фарс“, повикувајќи се на официјални извори, во експлозијата загинале 13 лица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Драма во Кина: напад со нож во болница, има загинати и повредени
Во напад на болница во југозападна Кина, повеќе од десет лица се убиени или ранети, јавуваат државните медиуми, кои не ја прецизираат природата на нападот.
„Инцидентот се случил во локалната болница во 13:20 часот по локално време“, соопшти државната новинска агенција „Ксинхуа“.
Нападот се случил во округот Женгксионг во североисточниот дел на југозападната провинција Јунан и истрагата е во тек.
Масовните насилни злосторства се ретки во Кина, која строго им забранува на граѓаните да поседуваат огнено оружје.
Свет
Сафади: Со бомбардирањето на Рафах, Нетанјаху го загрозува примирјето
Јорданскиот министер за надворешни работи Ајман Сафади го обвини израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека го загрозил постигнувањето на договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас со бомбардирањето на градот Рафах на југот на Појасот Газа. „Направени се огромни напори за да се постигне договор со кој ќе се ослободат заложниците и ќе се постигне прекин на огнот. Хамас го претстави предлогот.
„Ако Нетанјаху навистина сакаше договор, сериозно ќе преговараше за тоа. Наместо тоа, тој се заканува на договорот со бомбардирање на Рафах“, рече Сафади на социјалната мрежа Икс, а пренесе Ројтерс. Вчера Хамас објави дека го прифатил предлогот за прекин на огнот во Газа предложен од Египет и Катар.
Таа палестинска милитантна група во соопштение наведе дека нејзиниот шеф, Исмаил Ханије ги известил премиерот на Катар, Мухамед Бин Абдулрахман Бин Џасим Ал Тани и шефот на египетската разузнавачка служба Абас Камел дека го прифаќа нивниот предлог.
Набргу по објавувањето на Хамас, „Тајмс оф Израел“ објави изјави од неименувани израелски претставници, кои рекоа дека најавата на Хамас не се зема предвид, бидејќи предлогот со кој се согласи Хамас не ги вклучува условите со кои се согласи Израел.
Израелскиот воен кабинет синоќа едногласно одлучи да ја спроведе планираната операција во градот Рафах во јужниот дел на Појасот Газа, со цел „да се изврши воен притисок врз Хамас“, соопштија од кабинетот на премиерот на Израел Бенјамин Нетанјаху и покрај тоа што Хамас претходно објави дека се согласува со египетско-катарскиот предлог за прекин на огнот, пренесува Танјуг.
Свет
Амбасадорите на ЕУ и САД во Москва нема да присуствуваат на инаугурацијата на Путин
Амбасадорите на Европската Унија и Соединетите Американски Држави во Москва нема да присуствуваат на церемонијата на инаугурација на рускиот претседател Владимир Путин.
Портпаролот на ЕУ Петер Стано рече дека оваа одлука е во согласност со ставот на мнозинството земји-членки на блокот.
„Нашиот амбасадор нема да присуствува, повеќето земји-членки нема да присуствуваат“, рече Стано, а пренесе Ројтерс.
Портпаролот на Стејт департментот Метју Милер изјави дека американскиот амбасадор во Москва нема да присуствува на инаугурацијата на рускиот претседател.
Ројтерс вчера објави дека францускиот амбасадор во Русија ќе присуствува на инаугурацијата, за разлика од Германија која нема да испрати свој претставник.
Неименуван извор за агенцијата изјавил дека Париз претходно го осудил „контекстот на репресијата во кој се одржаа изборите, лишувајќи ги гласачите од вистински избор“, како и организирањето избори на украинските територии „окупирани“ од Русија, за кои Франција смета дека има прекршување на меѓународното право и повелбата на Обединетите нации.
Германија најави дека нема да испрати свој претставник на инаугурацијата на Путин.
Балтичките земји, кои веќе немаат дипломатски претставници во Москва, исто така категорично ја отфрлија можноста да присуствуваат на инаугурацијата на Путин.
Денеска ќе се одржи инаугурацијата на рускиот претседател Владимир Путин, со што и официјално ќе започне неговиот петти шестгодишен мандат.
Путин на претседателските избори во март освои 87,28 отсто од гласовите.