Македонија
(Видео) Заев: 200 милиони евра годишна финансиска поддршка за земјоделството и руралниот развој
 
																								
												
												
											Три години СДСМ преку владата што ја предводи покажува што значи вистинска грижа за земјоделците, оцени лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
Тој образложи дека за три години финансиската поддршка во земјоделството стигнала до рекорден износ од 430 милиони евра и стигнува до вистинските индивидуални земјоделци.
„Субвенциите ги зголемивме и нивната исплата денес е неселективна, редовна и, што е најважно, навремена, земјоделците парите ги добиваат тогаш кога им се најпотребни.
За производството на тутун, по кое е позната општина Кривогаштани, но и целиот Прилепски Регион обезбедивме зголемување на субвенциите, и тоа 80 денари за прва класа, 70 денари за втора и 60 денари за трета, четврта и дополнителните класи.
Тоа значи повеќе пари кај земјоделците кои ја одгледуваат оваа култура, но и мотив да одгледуваат поквалитетни класи на тутун.
Оваа година земјоделците кои произведуваа тутун инкасираа во своите семејни буџети повеќе од 125 милиони евра.
Заложбата на СДСМ во следните 4 години е јасна, поддршката кон тутунопроизводителите, но и кон сите земјоделци, градинари и сточари ќе продолжи да расте уште повеќе.
Обезбедуваме годишна финансиска поддршка за земјоделството и руралниот развој од 200 милиони евра.
Воведуваме целосно субвенционирање на „зелената нафта“ за нашите земјоделци.
За да обезбедиме сигурен пласман, градиме три нови откупно-дистрибутивни центри во државата.
Поддршката кон младите земјоделци, кон жените земјоделки продолжува уште повеќе и уште подобро.
Обезбедуваме и субвенционирање на платите од 3.000 денари на нововработени работници во земјоделско стопанство помлади од 25 години.
Важно ни е земјоделството, важни ни се земјоделците, затоа, грижата за нив во следните четири години продолжува уште повеќе.
Убедени сме дека земјоделците гледаат кој навистина се грижи за нив, а кој 11 години како власт и 3 години како опозиција ги манипулира и го погазува нивниот труд.
Затоа, на 15 јули земјоделците ќе изберат повисоки субвенции, сигурен пласман и повеќе пари во своите буџети и нема да дозволат повторно ВМРО-ДПМНЕ да гази врз нивниот труд“, истакна Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
 
																	
																															Македонија
Волонтери од „За почиста Македонија“ утре ќе го чистат Расадник
 
														Утре, 1 ноември, со почеток во 11:00 часот, „За Почиста Македонија“ организира еко-акција во Расадник, Кисела Вода, со цел расчистување на едно од најголемите, но и најзапоставени зеленила во Скопје.
„Локацијата долги години е оставена без грижа и е преплавена со отпад. Со оваа акција, волонтерите на „За Почиста Македонија“ ќе покажат дека кога институциите не реагираат, постојат свесни и одговорни граѓани кои можат да ја преземат иницијативата во свои раце. Преку тимска работа, позитивна енергија и љубов кон природата, ќе се придонесе кон разубавување на просторот и враќање на неговиот природен сјај“, се вели во најавата на еколошкото друштво.
Акцијата е отворена за сите граѓани кои сакаат да помогнат во создавање на почиста и поздрава средина. Организаторите ќе обезбедат целосна опрема за чистење и логистичка поддршка.
Организаторите велат дека она што ги прави овие акции препознатливи е позитивната атмосфера, исполнета со дружба, музика и нови пријателства. По завршувањето на активностите, учесниците традиционално остануваат на неформално дружење со друштвени игри и неформално дружење во исчистениот простор.
Во изминатите години, „За Почиста Македонија“ има реализирано бројни акции низ целата земја, преку кои се испраќа порака дека секој поединец може да направи вистинска промена.
Македонија
Скопјанец ја малтретирал поранешната девојка – ја влечел пред болница и ѝ се заканувал дека ќе го убие брат ѝ
 
														Скопското Обвинителство поведе постапка против 33-годишен скопјанец осомничен за продолжено загрозување на сигурноста на својата поранешна девојка.
Според обвинителството, мажот речиси цел месец, од 5 до 30 октомври, ја прогонувал и ѝ се заканувал на поранешната партнерка, упатувајќи сериозни закани по нејзиниот живот и животот на нејзиното семејство. Тој испраќал писмени и гласовни пораки преку социјални мрежи, полни со навреди и закани, а насилството се засилило откако жената го напуштила неговиот дом поради постојан психички притисок.
Последниот инцидент се случил на 30 октомври пред една клиника во Скопје, каде што оштетената се лекувала. Осомничениот се појавил таму, почнал агресивно да се однесува, да ја тегне за рака и да ја присилува да тргне со него, при што ѝ се заканил дека ќе го убие нејзиниот брат. Од страв и чувство на загрозеност, жената побарала помош.
Поради сериозноста на заканите и повторувањето на делото, јавниот обвинител поднесе предлог до судот за определување мерка притвор за осомничениот.
Македонија
Мицкоски: Да дадеме поддршка за Лабудовиќ и Ѓорѓиевски за повеќе проекти и подобар живот во Центар и во Скопје
 
														Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, даде изјава за медиуми од општина Центар и упати јасен и недвосмислен повик до жителите на општина Центар да излезат масовно на гласање во вториот круг од локалните избори и да ја дадат својата поддршка за кандидатот Мирослав Лабудовиќ за градоначалник на општина Центар, како и за Орце Ѓорѓиевски, кандидат за градоначалник на Град Скопје.
Тој посочи дека со победата на кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ ќе се обезбеди целосна вертикална поддршка од страна на Владата до општините со што ќе овозможи реализација на повеќе проекти во интерес на граѓаните.
„На тој начин, заедно со поддршката од Владата, една вертикална поддршка, ќе можеме да направиме проект повеќе за центарци, за жителите на општина Центар, и сигурен сум дека ќе имаме ефикасна соработка, бидејќи досега како Влада, изминативе 16 месеци, еднонасочна беше соработката, само од страна на Владата“, вели Мицкоски.
Претседателот Мицкоски ги повика граѓаните обединето да излезат на гласање и да го заокружат бројот 9, да го направат вистинскиот избор за сигурна иднина и развој на општина Центар и град Скопје.
„Убеден сум дека после овие локални избори, после вториот круг, Центар ќе има нов градоначалник, тоа ќе биде г. Лабудовиќ, а Скопје ќе има нов градоначалник, Орце Ѓорѓиевски“, истакна Мицкоски.


 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											