Култура
Онлајн филмска програма на Музејот на современата уметност – Скопје

Музејот на современата уметност – Скопје од денеска, па сè до 23 јули, почнува со онлајн филмска програма „Што е филм? Попис 2.0“, во чии рамки ќе се споделат линкови до веќе слободни филмови, двапати неделно, и тоа секој четврток и понеделник. Изборот на филмови музејот ќе го поставува на своите профили на социјалните мрежи – Фејсбук, Инстаграм и на својата веб-страница.
„Што е филм? Попис 2.0“ е дел од програмата на филм и видео на МСУ-Скопје. Програмата е поддржана е од Министерството за култура на Република Северна Македонија. Кураторка на програмата е Кумјана Новакова, а визуелниот идентитет и графички дизајн е на Илијана Петрушевска.
Идејата и мотивацијата за „Што е филм? Попис 2.0“ е знаењето, алатките и просторите, но и нематеријалната работа и работата во културата достапни на интернет 2.0 да се претворат во нови радикални, револуционерни, продуктивни простори и практики, над надуената идеја на „интернетот како простор на неограничена можност“.
Во таа насока кураторката Новакова вели:
„Дигиталните простори често некритички се претставуваат како простори на неограничени можности, нудејќи ‘know – how’ за сè и сешто – од медицински дијагнози и ботанички тајни, до новите теории за поврзаноста на 5Г, вакцинитe и коронавирусот. Тој виртуелен простор ветуваше постполитичка состојба: ослободен од агонија и борба; свет во кој владее економијата на изобилството наместо економијата на недостигот. Но, времето на физичката изолација не соочи со сите овие прашања и проблеми: што и како со неограничените можности за пристап до филмски и сродни уметнички содржини на интернет? Која е нашата улога, улогата на уметничките институции во таа „економија на изобилство“, која поставува и нови граници на исклучување и претставување за дигитално ограничените региони и луѓе? Со надеж дека ќе научиме повеќе околу можностите и ограничувањата на интернетот како простор на уметничкото, ја посветуваме нашата програмска серија Што е филм? за 2020 година на процесот на истражување на комплексниот однос на отворената и јавно достапна филмска уметност на мрежата со пошироките политички и социјални прашања. Ова воедно претставува и акт, гест, програма, но и предлог за естетско образование“.
Во практична смисла, двапати неделно ќе бидат емитувани филмови и сродни уметнички форми на различни теми, кои се отворени и достапни преку интернет ширум светот.
Денешна препорака на програмата е филмот „Јас не сум твојот црнец“ на Раул Пек од 2016 година, филм номиниран за Оскар во категоријата на документарен филм во 2017 година, посветен на борбата на црнците, со фокус на романописецот, драматург и есеист Џејмс Болдвин.
„Признавајќи го недостигот на знаење за комплексностите на црните животи, би сакале да ја отфрлиме идејата за борбата како статистика и да придонесеме во големата политичка промена, која ги претвори метричките податоци во нешто похумано, поживописно, повеќе лично“, велат од музејот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Новата концертна сезона на Македонската филхармонија се отвора в четврток

Новата концертна сезона на Македонската филхармонија се отвора в четврток, во 20 часот со концертот насловен „Класика РеСтарт“ на кој како солист ќе настапи врвниот колумбиски виолончелист Сантјаго Канон Валенсија, а диригент е маестро Јерухам Шаровски. На програмата се дела од Бете Илин, Едвард Елгар и Антонин Дворжак.
Директорот на Македонската филхармонија, Мустафа Имери, потенцираше дека новата концертна сезона 2025-2026 е насловена „#Без филтер“ бидејќи класичната музика не подлежи на вештачки разубавувања, дека станува збор за уметност без шминка, без технолошки разубавувања, уметност во својот најавтентичен облик.
„Оркестарот на Македонската филхармонија и во сезоната 2025/2026 ќе тргне во нова звучна авантура со возбудливи солисти и диригенти кои ја испишуваат денешната историја на класичната музика и се етаблираат на светската сцена како врвни уметници. Нашата публика повторно ќе има привилегија да доживее неповторливи мигови на врвно уметничко задоволство“, вели Имери.
Директорот на Филхармонија го најави и гостувањето во „Музикеферјан“ во Виена , на 28 октомври, на матичната сцена на која познатата Виенска филхармонија ги одржува своите концерти, меѓу кои и еден од најпознатите – Новогодишниот концерт кој се одржува секој 1 јануари.
„Во Виена ќе се претставиме со спој на македонската традиција и европската класика – ќе бидат изведени дела од тројца македонски композитори – Глигор Смокварски, Бете Илин, Сони Петровски како и Симфонијата број 8 од Антонин Дворжак. Како солисти ќе настапат Ана и Игор Дурловски. Ова е историски момент за нашиот оркестар, но и за нашата држава чија музичка култура и традиција ќе ја претставиме на најдобар начин, како најстар и единствен симфониски оркестар во државата. Македонската филхармонија уште еднаш ќе испише историја, и ќе докаже дека културата е најсилниот дипломатски инструмент и најдобар амбасадор на државата во светот“, истакна Имери.
Култура
„Македонска крвава свадба“ – дигитално реставрирана проекција во рамките на „Сезона на филмски класици“

Oваа година, на 2 октомври, со почеток во со почеток во 20:00 часот – во киносалата на Кинотеката ќе се одржи специјална проекција на дигитално реставрираниот филм „Македонска крвава свадба“ (1967, режија:Трајче Попов), како дел од проектот „Сезона на филмски класици“.
Проекцијата на овој класик е посебно значајна, бидејќи на домашната публика ѝ овозможува повторно да го доживее филмот во неговата обновена, дигитално реставрирана верзија, а на младите генерации да се запознаат со еден од најрепрезентативните примери на македонската филмска традиција. Со цел да се овозможи што поширока достапност, филмот во исто време ќе биде емитуван во живо преку Јутуб каналот на Кинотеката, овозможувајќи ѝ на публиката надвор од Скопје и Македонија да го проследи ова значајно културно случување.
Овој значаен настан е дел од европскиот проект „Сезона на филмски класици“ (A Season of Classic Films) – иницијатива на Асоцијацијата на европски кинотеки (Association des Cinémathèques Européennes – ACE), поддржана од програмата „Креативна Европа“ – МЕДИА на Европската унија. Во рамки на овој проект, Кинотеката ги дигитализираше и дигитално ги реставрираше филмовите МИРНО ЛЕТО, ФРОСИНА, МЕМЕНТО и МИС СТОН, како и кратките етнолошки филмови МАРИОВСКА СВАДБА, ВЕЛИГДЕНСКИ ОБИЧАИ и РУСАЛИСКИ ОБИЧАИ.
„Сезоната на филмски класици“ претставува уникатна можност за европската и светската публика повторно да ги открие ремек-делата на филмското наследство, со акцент на културната разноличност и историјата на филмот.
Од своето основање, проектот овозможи реставрација и повторна дистрибуција на над 210 европски филмови, а оваа година низ програмата се претставуваат повеќе од 40 новореставрирани филмски дела од 27 европски филмски архиви. Во тој избор влегува и филмот МАКЕДОНСКА КРВАВА СВАДБА, како еден од најзначајните македонски филмови којшто го доловува историскиот и културниот контекст на нашата земја и кој претставува камен-темелник во развојот на националната кинематографија.
Со оваа проекција, Кинотеката се приклучува кон европската мрежа на институции кои го негуваат и промовираат филмското наследство, овозможувајќи старите филмови повторно да заживеат пред нови генерации гледачи.
Култура
На 4 октомври, Бела ноќ во Скопје

Универзална сала и Град Скопје ја најавија 21. изведба на културната манифестација „Бела ноќ“, која ќе се одржи во сабота, на 4 октомври 2025 година.
Целиот град ќе се претвори во уметничка сцена преку концерти, изложби, литературни читања, мултимедијални изведби и перформанси отворени за сите граѓани и посетители.
Во програмата се вклучени бројни локации:
Сули Ан (20:00 ч.) – мултимедијални презентации и изложби на тема „Стара скопска чаршија: визии за иднината“, по што следуваат DJ сетови на Дарко Јорданов, Бојан Јанев и диџеј Женева.
Музеј на македонската борба (20:00 ч.) – изложба „Од чета до армја“.
Научен музеј (20:00 ч.) – изложба „Преспанско езеро – бисер на природата“.
Детски културен центар (11:00 ч.) – детска ликовна изложба.
Библиотека „Браќа Миладиновци“ (19:00 ч.) – промоција на книга „Работилница за поправка на чувства – втора антологија на иднината“.
Музеј на Град Скопје (19:00 ч.) – изложба на ДЛУМ.
Младински културен центар (20:00 ч.) – претстава „Велигденски варијации“ и изложба на детски цртежи на Славица Копенкова.
Настани ќе се одржат и во Културниот дом „Кочо Рацин“ и во Културно-информативниот центар.
Организаторите порачуваат дека „Бела ноќ“ е симбол на културната отвореност на Скопје и можност за поврзување на граѓаните и уметниците преку заедничко креативно искуство.
Манифестацијата е во организација на Универзална сала, со финансиска поддршка од Град Скопје.