Македонија
(Видео) Мицевски: ВМРО-ДПМНЕ годишно ќе одвојува по 2,5 милијарди денари за спортот
Во наредниот четиригодишен период се обврзуваме да го развиеме спортот до степен сите граѓани да ги почувствуваат позитивните ефекти од него, изјави Никола Мицевски, кандидат за пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Мерката спортски денар предвидува одвојување на еден денар за спортот од акцизата за нафтени деривати во малопродажбата. Овие средства ќе се користат за развојот на спортот, спортската инфраструктура и науката во спортот, односно од трите денари акциза за нафтени деривати кои ги наметна оваа репресивна власт, еден денар, односно 800 милиони денари ќе бидат наменети за спортот или вкупно 2,5 милијарди денари годишно ќе бидат наменети за овие три области“, најави претставникот на ВМРО-ДПМНЕ.
Посочи и дека во програмата на неговата партија се предвидува комплетно нов закон за спорт со којшто ќе се задржат позитивните мерки, а истовремено ќе се следат и имплементираат актуелните спортски трендови во развојот на спортот и неговото унапредување.
„Зголемување на надлежностите на општините во областа на спортот. Воспоставување современа спортска медицина, воведување високи стандарди во здравствената заштита и медицинските прегледи од областа на спортот, изградба на национален центар за спорт, спортски комплекс за летни и зимски подготовки на спортистите, одржување турнири и младински првенства во различни спортови, како и нови сместувачки капацитети за учениците и студентите од областа на спортот“, истакна Мицевски дел од плановите во предизборната програма.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

