Македонија
„Се подигна свеста да се донира орган“ – средби во Владата со тимот што изврши трансплантација на срце
Претседателот на Владата, Оливер Спасовски, денеска, во Владата, придружуван од министерот за здравство, Венко Филипче, се сретна со дел од тимот што ја направи првата трансплантација на срце на 23 мај годинава, на кои им додели благодарница за историскиот подвиг, особено именувајќи ги сите што учествуваа во сложениот зафат.
На средбата присуствуваше и синот на донорот Емилија Динева, Влатко Динев, кому премиерот Спасовски симболично му врачи благодарница изразувајќи му огромна благодарност од свое лично име и од име на Владата.

„Благодарницата за семејството Диневи сакам лично да му ја предадам на синот на Емилија Динева, Влатко, и да се заблагодарам, прво, за нејзината лична одлука, а потоа и за согласноста на семејството нејзината одлука да ја претворат во трајно сеќавање за нејзиниот исклучителен хуман гест и желба – своите органи да ги дарува на оние на кои во моментот им се најпотребни за да продолжи друг живот“, рече премиерот Спасовски, кој ја искористи пригодата да им се заблагодари и на Иван Огненовски, кај кого беше извршена трансплантацијата, и на неговото семејство, кои, како што истакна премиерот, покажаа доверба во домашното здравство и во стручноста на целиот тим и му посака добро здравје.
Обраќајќи се кон тимот лекари и медицински персонал, премиерот Спасовски истакна дека успешната трансплантација на срце е историски резултат и вистински подвиг и сведоштво за висината на експертизата и стручноста на целиот здравствен систем во нашата земја бидејќи опфати голем број здравствени институции и поединци кои се вградени во ова историско остварување.
„Во време кога целото наше внимание, целиот наш здравствен систем е ставен во функција на справување со најголемата глобална здравствена криза поради пандемијата на Ковид-19, вие се обединивте, ги здруживте вашите капацитети, знаењата, искуството и стручноста за да извршите зафат кој претставува круна во кардиохирургијата и медицината воопшто“, оцени премиерот.
Спасовски истакна дека во изминатите години Владата силно инвестирала во здравствениот кадар како столб на здравствениот систем – луѓето што го обезбедуваат здравјето, кои ги овозможуваат грижата и негата за сите граѓани, потенцирајќи дека тоа ќе продолжи и понатаму со целосна поддршка на министерот Филипче и Министерството за здравство, при што со медицинските работници разговараше за актуелните решенија и активности во здравството.
Министерот за здравство, Венко Филипче, пред присутните истакна дека со оваа постапка се заокружија два големи сегмента во здравствениот систем во нашата земја: трансплантацијата и кардиохирургијата.
„Ова е само почеток на една успешна соработка. Со овој чин се подигна свеста да се донира орган. Ги направивме сите подготовки за она што треба да значи трансплантација на срце. За кратко време се организира целата работа и сè заврши во најдобар ред. Направивме еден т.н heart-тим, во кој членуваат сите што имаат познавање од кардиохирургијата. Од срце му се заблагодарувам на семејството на починатата за хуманоста што ја покажаа на дело“, рече министерот Филипче.
Директорот на Клиниката за државна кардиохирурхија, д-р Сашко Јовев, им се заблагодари на претставниците на Владата за тоа што го препознаа нивниот труд.
„Трансплантацијата на срце претставува врв во срцевата кардиохирургија и во медицината воопшто. Но, ова што практично би требало да го препознаеме сега има научен, стручен, човечки мотивиран потенцијал, пред сè, во државното здравство, кој треба да биде препознаен. Единствено, ни треба само малку ветар во грбот, а сè друго оставете го на нас. Сакам да му се заблагодарам на синот на починатата затоа што спасија три животи. Со трансплантацијата не треба да престанеме тука. Оваа програма мора да постои, да опстои, да се развива, а ќе ја развиваме со помош од државата, медиумите и сите мотивирани стручни лица, кои го претставуваат тимот“, рече д-р Јовев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени возачи од Скопје и Куманово, возеле без возачка, одземени им се возилата
Полицијата уапси двајца возачи од Скопје и Куманово, возеле без положен возачки испит, одземени им се возилата.
Попладнево во 12:40 часот на патот Куманово-с. Липково, полициски службеници го лишија од слобода Ш.А.(31) од Куманово. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „голф“ со кумановски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. Ш.А. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
На 03.02.2026 во 13:00 часот на улица „Јустинијан први“ во Скопје, полициски службеници го лишија од слобода И.Џ.(20) од Скопје. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. И.Џ. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
По документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни пријави по член 297-а од КЗ.
Македонија
Партиите со осуда за нападот врз новинарот Видиновски
Политичките партии го осудија нападот врз новинарот Александар Видиновски.
„Ги осудуваме нападите врз новинарот Александар Видиновски, кои се последица на бугарскиот национализам и шовинизам. Нападот врз новинарот Видиновски е напад врз слободата на говор и врз медиумите, од страна на структури кои разгоруваат омраза, а се мотивирани од бугарскиот национализам. Сите напади како овој врз новинарот Видиновски го разјадуваат општеството и ја подгреваат омразата, и мора веднаш да престанат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Осуда стигна и од ЛДП.
„Либерално-демократската партија (ЛДП) најостро го осудува однесувањето на онлајн насилниците со коментари исполнети со говор на омраза кон новинарот на Канал 5, Александар Видиновски. Ваквиот начин на изразување и на воспоставување дијалог не е воопшто соодветен за било кое демократско општество. Ја изразуваме нашата поддршка за Видиновски, бараме независното новинарство да остане независно од секакви влијанија и бараме брза реакција на институциите за расчистување на случајот“, велат од ЛДП.
Македонија
Македонија и ОАЕ потпишаа Меморандум за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Дубаи оствари билатерална средба со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан, во чии рамки беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата.

„Со Меморандумот се воспоставува институционална рамка за систематска соработка насочена кон унапредување на јавните политики, јакнење на административните капацитети, дигитална трансформација и примена на иновативни модели на управување“, соопштија од МНР.
Од таму додаваат дека потпишувањето на документот отвора нови можности за размена на знаења, експертиза и добри практики, како и за реализација на заеднички активности и проекти во области од заемен интерес, со цел зголемување на ефикасноста и квалитетот на владините услуги.
На средбата станало збор и за можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Скопје и Обединетите Арапски Емирати. Воедно бил направен сеопфатен преглед на билатералните односи, при што биле разгледани можностите за нивно натамошно продлабочување. Посебен акцент бил ставен на унапредувањето на политичката соработка, јакнењето на економските врски и интензивирањето на трговската размена меѓу двете земји.
Двете страни ја потврдиле заедничката определба за натамошно зајакнување на партнерските односи и развој на конкретни иницијативи кои ќе придонесат за одржлив економски раст, институционална ефикасност и продлабочена соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати.

