Свет
Бројките вртоглаво растат – 10,53 милиони заболени во светот и 176 илјади новозаразени со коронавирус за еден ден
Во светот се регистрирани повеќе од 176.000 нови случаи на коронавирус, а вкупниот број заразени надмина 10,53 милиони. Според Светската здравствена организација, најголем број новозаразени во светот за еден ден се забележани на 29 јуни, кога имало 189.000.
Во соопштението се прецизира дека 176.102 случаи биле потврдени во светот на 2 јули и дека вкупниот број на пациенти се зголемил на 10.533.779. Се додава дека починале 512.842 лица.
Повеќето нови случаи се потврдени во Јужна и Северна Америка. Во текот на вчерашниот ден таму биле регистрирани 99.202 новозаразени лица, а починале 3.022 лица.
Во Европа се евидентирани 198.405 нови случаи, со што вкупниот број заразени изнесува 2.747.810. 531 лице починале на 2 јули, а вкупниот број на починати е 19.736.
Земја со најмногу случаи на коронавирус сè уште се САД, каде заразени се 2.616.949 лица, потоа Бразил со 1.402.041, Русија со 661.165 и Индија со 604.641 заразен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Рама: Да бидеме дел од ЕУ пред да ги спроведеме сите реформи
Премиерот на Албанија, Еди Рама, денеска во Котор изјави дека земјите кои преговараат со Европската унија треба да бидат дел од политичкиот простор на ЕУ за полесно да се разбере за што се работи и како во пракса се спроведуваат реформите.
Во своето обраќање на Самитот на лидерите на земјите од Западен Балкан, Рама рече дека смета оти не е потребно да се чека да се спроведат сите реформи, за ЕУ да ги отвори вратите за земјите од Западен Балкан.
„Треба да бидеме дел од Унијата пред да ги спроведеме сите реформи за да видиме како тоа се спроведува во пракса и полесно да се навикнеме на пазарот на кој припаѓаме“, рече Рама.
Тој го изрази својот ентузијазам и им се заблагодари на Оливерт Вархеји и на Комисијата за нивната посветеност.
„Напредокот што го постигнавме од последната средба во Скопје говори сам за себе.
Подготвивме индивидуални реформски планови, идентификувавме клучни иницијативи кои ќе не доближат до заедничкиот пазар и, конечно, почнавме да се подготвуваме за заеднички регионален пазар. Накратко, подготвени сме“, изјави Рама, пренесува Танјуг.
Европа
Деветмесечно момче од Велика Британија се задави од шпагети во градинка: мајката ја предупредила воспитувачката дека не може да јаде цврста храна
Мајката на деветмесечното момче од Велика Британија, кое почина кога се задави од храна во градинка, се обидела да го предупреди персоналот дека не може да јаде цврста храна.
Малиот Оливер Стипер почина во болница шест дена откога се задави од храна во градинка во Кент. Според британските медиуми, работничката во градинката истовремено хранела четири деца со болоњезе-тестенини кога малиот Оливер се задавил.
Оливер имал само два предни заба поради што дома јадел пасирана храна, пренесува „Скај њуз“.
Работниците во градинката ги уверувале неговите родители дека цврстата храна може да се испасира пред да му биде дадена и тие претпоставиле дека тоа ќе биде направено затоа што тој „не можел правилно да џвака“, беше кажано на судот.
Мајката пред судот рекла дека има намера да ги потсети вработените во градинката дека цврстата храна не му одговара, пренесува „Скај њуз“.
Размислувала веднаш да испрати имејл во градинката, но не сакала да биде напорна.
„Во градинка му дадоа овошна салата, јасно беше дека не е пасирана. Реков дека ќе разговарам со вработените следната недела“, изјави мајката во судот.
Подоцна едно утро, таа добила повик од дневниот престој и ѝ кажале дека син ѝ учествувал во инцидент и дека се задавил од храна.
Кога пристигнала во градинката, видела болничар како трча со син ѝ во рацете додека вршел компресија на градите.
Оливер бил пренесен во болница, но скенирањето на мозокот покажало дека нема да преживее, а момчето починало шест дена подоцна.
Полицијата во Кент истражувала што се случило, но не било преземено ништо.
Родителите решиле да го праќаат Оливер во градинка само неколку дена во неделата бидејќи таа била на 20 минути од нивната куќа и изгледала како семејна градинка.
Судењето продолжува.
Свет
Во Диселдорф експлодира киоск, при што загинаа три лица, а 16 беа повредени
Три лица загинаа, а 16 се повредени при експлозија на киоск во текот на ноќта во станбена зграда во германскиот град Диселдорф, јавуваат германските медиуми.
Според нив, од 16-те повредени, двајца се во животна опасност по експлозијата и пожарот во станбената зграда.
Од противпожарната служба соопштија дека киоскот е целосно опожарен, а пожарот се проширил на првиот кат од станбената зграда.