Култура
Друштвото на филмските работници ги поддржа мерките за спас на македонската кинематографија
На последното собрание на Друштво на филмските работници на Македонија беа разгледувани мерките донесени од страна на Агенцијата за филм на РСМ – првата, за ургентно префрлување рата за проектите што се завршени или се во поодмината фаза на реализација, и втората, во соработка со ДФРМ, која претставува директна финансиска помош за независните филмски работници, оние кои егзистираат единствено од работа на филмски проекти и немаат приходи по други основи.
На собранието на ДФРМ едногласно беше донесен заклучок дека со индигнација се отфрлаат и осудуваат неодамнешните написи во одредени медиуми, како и обвиненијата на поединци во врска со споменатите мерки.
„Политичките притисоци на тие поединци, каде што се издвојува името на нашиот режисер Милчо Манчевски, претставуваат атак на домашната кинематографија, со единствена цел да се остварат лични интереси во време на предизборни активности на политичките партии. Ваквото однесување нè враќа кон времињата на едноумие и нетранспарентност, кога огромни средства со години се префрлуваа на поединци и им беа исплаќани екстремно високи хонорари. На тој начин се оставаше малку простор за афирмација и работа на голем дел од филмската фела, посебно кај младите професионалци“, велат од Друштвото на филмските работници.
„ДФРМ“ испраќа апел до политичките партии и одредени медиуми да не подлегнуваат на притисоците и манипулативните конструкции кои ги лиферуваат поединци за сопствен бенефит. Сметаат дека треба јасно и недвосмислено да се искаже ставот дека е недозволиво македонската филмска фела да биде заложник на таквите интереси и со тоа да назадува националната кинематографија.
Друштвото на филмските работници на Македонија е единственото релевантно струково здружение од областа на филмот во нашата земја. „ДФРМ“ e член е на IMAGO, светската асоција на кинематографери, член на FERA, европската асоцијација на филмски режисери, основач е и организатор на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ и ја поседува лиценцата за избор на национален претставник за наградата Оскар, доверена од страна на Американската академија за подвижни слики, уметност и наука. Оваа година Друштвото на филмските работници прославува 70 години од своето основање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Скопје синема сити“: Полски музички документарни филмови и разговор со авторот Грегор Брзозович
Филмот на Брзозович, за композиторот Станислав Сиревич, не е само приказна за кариерата на еден извонреден уметник, туку е и приказна за тешките времиња низ кои минувал главниот протагонист од овој филм и наспроти тешките околности да успее да твори.
Во рамките на програмата на фестивалот „Скопје синема сити“, вечерва, со почеток од 20.15 часот, ќе бидат прикажани два музички документарни филма од полскиот музички новинар и режисер Грегор Брзозович. Оваа програма е дел целината „Земја во фокус“ и е реализирана во соработката со Амбасадата на Полска.
Авторот Брзозович е гостин на фестивалот и по проекциите, публиката ќе има можност за Q&A-сесија.
Со почеток од 20.15 часот ќе биде прикажан филмот „Пријатели на 33 вртежи“, кој ја раскажува приказната за необичното пријателство меѓу двајца графички дизајнери Рослав Сајбо и Станислав Загорски, кое траело над 60 години. Почетна точка за овој филм е изложба на повеќе од 50 корици за винили и разговорот на овие двајца уметници за годините поминати на студии на Академијата за фини уметности во Варшава, Полската школа за постери и нивните соработки со уметници, како Кшиштов Комеда, Velvet Underground, Cream, The Clash, Пол Сајмон и Арт Гарфанкел.
Од 22 часот ќе биде прикажан филмот за композиторот Станислав Сиревич, кој јa раскажува приказнатa за кариерата на Станислав Сиревич, извонреден филмски композитор чиешто творештво е малку познато во Полска. Роден е во советски логор. На 9-годишна возраст е прогласен за клавирско чудо, но по завршувањето на музичката академија го напушта концертирањето. Започнува студии на отсекот режија на театарската школа во Варшава и го компонира, меѓу другото, и хитот “Śpiewać każdy może”. Воениот пуч на 13 декември 1981 годинаго затекнува во Париз. За време на егзилот, соработува со Џо Кокер, Мариен Феитфул, глумицата Дајан Китон и бендот The Rolling Stones. Истовремено компонира музика за преку сто филмови во Франција, Велика Британија и САД. Сиревич соработува и со полски режисери (“Папирна брак”, “Тестостерон”, серијата “Дом над разлевiskiem”). Во 1994 година Едита Горњак го освојува второто место на Евровизијата таа година со неговата песна “To nie ja!”. Една година пред тоа, Сиревич јадобива престижната награда Ace Award. Еден ден после гала вечерта треба да започне преговори за работа во Холивуд. Ноќта, во Лос Анџелес, се случува силен земетрес. Се враќа во Лондон, каде што го започнува најплодниот уметнички период во кариерата. На премиерите на филмовите со неговата музика се гости принцот Чарлс, принцезата Дијана и кралицата Елизабета II. Неговите плочи се издаваат ширум светот, а саундтракот за серијата “The Choir” стигнува до третото место меѓу најпопуларните изданија во Велика Британија.
Филмот на Брзозович не е само приказна за кариерата на извонреден уметник, туку е и приказна за тешките времиња низ кои минувал главниот протагонист од овој филм и наспроти тешките околности да успее да твори.
Сите проекции на „Скопје синема сити“ ќе бидат во Кинотека на Македонија. Помеѓу овие два филма, гостинот Брзозович ќе има разговор со публиката. Главен покровител на оваа вечер е Амбасадата на Полска во Македонија.
Да потсетиме дека на отворањето на фестивалот со видеообраќање публиката ја поздрави годинешниот лауреат, големиот Прајснер.
Култура
„Читаме музика“ ‒ поетско-музички перформанс во Крива Паланка
В сабота, 6 јули, со почеток во 20 часот на платото пред Градски музеј Крива Паланка ќе се одржи поетско-музичкиот перформанс „Читаме музика“, на кој ќе настапат Владимир Мартиновски, Перица Сарџоски, Николина Андова Шопова, Јулијана Величковска, Ѓоко Здравески, Андреј Ал-Асади, Марија Ангеловска, Андреј Медиќ Лазаревски и Марија Велинова.
Настанот е дел од програмата на „Крива Паланка ‒ Град на културата 2024 година“ во организација на Општина Крива Паланка во соработка со издавачката куќа „ПНВ Публикации“ од Скопје.
Култура
Збигњев Прајснер се заблагодари на „Скопје синема сити“: Се надевам дека набргу ќе имам можност да ја споделам мојата музика со вас
Синоќа, со видеопорака од годинешниот добитник на наградата за животно дело, филмскиот композитор Збигњев Прајснер, беше отворена филмската програма на 10. издание на „Скопје синема сити“. Во своето обраќање тој се заблагодари и на фестивалот и на публиката и рече дека се надева на гостување во македонската метропола со изведба на неговите дела. Во прилог ви го испраќаме видеото и фотографии од отворањето, како и најава за програмата во следните денови.
Во киното „Мирно лето“ на Кинотеката синоќа беше отворна филмската програма на 10. издание на фестивалот посветен на музичкиот документарен филм „Скопје синема сити“. Публиката имаше можност да го проследи видеообраќањето на големиот композитор на филмска музика Збигњев Прајснер, кој рече дека му е жал што не е присутен во Скопје за да ја почуствува атмосферата и да сподели дел од својата музика со публиката.
„Жал ми е што не сум во Скопје, но имам 69 години и натаму интензивно имам работни обрски. Искрено се заблагодарувам на фестивалот ‘Скопје синема сити’ за ова признание за мојата работа и се надевам дека набргу ќе можам да дојдам во Скопје и да ја споделам музиката заедно со публиката бидејќо не ја компонирав музиката само за филмовите, туку и за вас “, рече Прајснер.
Во периодот помеѓу 1985 и 1996 година, почнувајќи од филмот No End, Прајснер бил еден од најблиските соработници на Кишловски и заедно работеле на 17 филма. Меѓу познатите филмови што изнедриле исто толку позната музика се мини серијалот Decalogue, филмовите А Short Film About Killing, A Short Film About Love, The Double Life of Veronica, трилогијата Three Colours.
Проекцијата на филмот за отворање „Карлос“ во режија на Руди Валдез, посветен на големата гитарска легенда Карлос Сантана, беше проследена со аплауз, а потоа посетителите уживаа во мало концертно музичко изненадување, каде што ги споделуваа впечатоците од филмот.
Програмата продолжува вечерва со филмовите за една џез и една панк-икона: „Ајде да се изгубиме: Чет Бејкер“ и „Џо Страмер, Иднината е ненапишана“.
За филмовите:
„Ајде да се изгубиме: Чет Бејкер“, САД, реж. Брус Вебер, 120 мин.
Филмот „Ајде да се изгубиме“ е филм за турбулентниот живот и кареира на џез-трубачот Чет Бејкер, кој починал 4 месеци пред филмот да биде прикажан премиерно. Филмот се состои од интервјуа, сесии, архивски снимки и домашни снимки на режисерот Вебер за да покаже портрет на еден џез-музичар, чиј живот бил обележан од долго користење дроги.
„Џо Страмер: Иднината е ненапишана“
Филмот на Џулиен Темпл е трибјут на еден од највлијателните и најсакани британски музичари, кој е познат како фронтменот на групата „Клеш“. Како фронтмен на групата „Клеш“, почнувајќи од 1977, Џо Страмер ги променил животите на луѓето засекогаш со своите песни и политички ставови и пораки. Филмот е снимен 4 години по неговата смрт, во 2022, и дава комплетен увид во биографијата на Страмер.