Свет
Иран откри дека несреќата во нуклеарниот комплекс „Натанз“ предизвикала значителна штета
Несреќата во нуклеарниот комплекс „Натанз“ во Иран предизвикала значителна штета и може да го забави производството на центрифуги што се користат за збогатување ураниум, изјави портпаролот на Организацијата за атомската енергија во земјата, пренесува ИРНА.
Инцидентот се случил во четвртокот во магацин во изградба во комплексот „Натанз“, во централниот дел на Иран, но не предизвикало жртви или радиоактивно загадување. Официјалните претставници за безбедност го нарекоа инцидентот несреќа и рекоа дека ја утврдиле причината, без да дадат дополнителни објаснувања.
„Немаше жртви, но штетата е значајна на финансиско ниво. На среден рок оваа несреќа може да го забави развојот и производството на напредните центрифуги. Натанц е една од главните постројки за збогатување ураниум во Иран. Со божја волја и со постојан напор ќе го компензираме ова забавување, така што изградената локација ќе има уште поголем капацитет од порано“, рече портпаролот на иранската Организација за атомска енергија, Бехруз Камалванди, во интервјуто објавено во неделата од државната новинска агенција ИРНА.
Организацијата претходно објави наводна фотографија од локацијата, на која се гледа еднокатна зграда со оштетен покрив, sидови очигледно зацрнети од пожар и врати што висат од шарките како да се разнесени однатре. Државната телевизија подоцна ја покажа зградата од различен агол со мало оштетување на нејзините ѕидови.

Техеран најави во мај минатата година дека постепено ќе се повлекува од одредени обврски според нуклеарниот договор во 2015 година со големите сили, што САД еднострано го напуштија во 2018 година.
Иран го врати збогатувањето на ураниум во Натанц минатиот септември и покрај тоа што се согласи, според договорот, да ги стави во мирување таквите активности. Техеран отсекогаш негира дека неговата нуклеарна програма има каква било воена димензија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сијарто: Унгарија не ја прифаќа одлуката на ЕУ за откажување на увозот на руски енергетски производи
Унгарија не може да ја прифати и спроведе одлуката на Европската Унија за постепено укинување на увозот на руска енергија, бидејќи таквата одлука ја загрозува енергетската безбедност на земјата, изјави денес унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.
Тој, исто така, рече дека Унгарија и Словачка ќе поведат судска постапка против таа одлука пред Судот на правдата на Европската Унија штом ќе биде финализирана, објавува Ројтерс.
Европскиот совет претходно денес објави дека е постигнат договор со Европскиот парламент за постепено укинување на увозот на руски гас до 2027 година, како дел од напорите за ставање крај на енергетската зависност од Русија.
Регулативата претставува правно обврзувачка, фазна забрана за увоз и на течен природен гас (LNG) и на гас преку цевководи од Русија, со целосна забрана што ќе започне кон крајот на 2026 година за LNG и есен 2027 година за цевководи.
Како што е наведено во соопштението, ова придонесува за општата цел за постигнување на отпорен и независен енергетски пазар на ЕУ, со одржување на безбедноста на снабдувањето.
Привремениот договор сега треба да биде одобрен од Советот и Парламентот пред неговото формално усвојување.
Уделот на рускиот гас во увозот на ЕУ изнесуваше 12 проценти во октомври, значително помалку од околу 45 проценти пред почетокот на војната во Украина во 2022 година.
Унгарија, Франција и Белгија остануваат меѓу земјите-членки кои продолжуваат да увезуваат руски гас, пренесува Танјуг.
Фото:ЕПА
Свет
Откажана средбата на Зеленски, Виткоф и Кушнер
Средбата меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и американската делегација, во која се вклучени специјалниот претставник Стив Виткоф и зетот на американскиот претседател, Џаред Кушнер, која требаше да се одржи во Брисел, е откажана, дознава „Киев пост“.
„Според извори, состанокот во Брисел е откажан. Зеленски се враќа дома“, рече Алекс Рауфоглу, новинар на „Киев пост“.
Како што објави „Ројтерс“, Зеленски се враќа во Киев по европската турнеја за време на која ги посети Париз и Даблин.
Агенцијата „Тас“ објави, повикувајќи се на европски контролор на летање, дека летот со Виткоф и Кушнер прелетал над Европа и влегол во канадскиот воздушен простор ноќе.
„Волстрит џурнал“ исто така објави дека состанокот меѓу руските и американските претставници не довел до решавање на главната пречка во мировните преговори – територијалното прашање.
Советникот на Путин, Јуриј Ушаков, рече дека тоа е едно од најважните прашања за Москва и дека сè уште не е постигнат компромис.
Дописникот на „Скај њуз“ од Москва, Ивор Бенет, рече дека Русија намерно го објавила заземањето на Покровск пред разговорите со САД со цел да ја потврди својата доминација и да ги зајакне своите преговарачки барања.
фото/ЕПА
Свет
Поранешен шеф на ЦИА: Путин може да биде нокаутиран во два потега
Поранешниот директор на ЦИА и командант на американските сили во Ирак и Авганистан, генерал Дејвид Петреус, верува дека Западот има два клучни потега на располагање за да го принуди Владимир Путин да ја заврши војната во Украина.
Според него, користењето на замрзнатите руски средства за да му се помогне на Киев и уништувањето на руската воена економија со дополнителни санкции би значело дека Москва едноставно нема да може да ја продолжи својата агресија, пишува италијанскиот „Кориере дела сера“.
„Како командант во две војни, велам дека никој не ја знае цената на конфликтот и не сака тој да заврши повеќе од оние што се вклучени во него. Клучот е да се заврши на траен, праведен и разумен начин“, нагласува Петреус.
Петреус е скептичен во врска со непосредниот договорен мир, првенствено поради непопустливоста на Русија
„Знаеме малку за тоа што Русите се подготвени да прифатат: досега нивните барања беа максималистички, вклучително и замена на Зеленски со проруска фигура и силна демилитаризација на Украина“, објаснува тој.
Тој додава дека Русија исто така бара предавање територија на југоисток што не само што не ја контролира туку дури и не се приближила до неа. „Ова се утврдени градови, кои се многу добро бранети и многу тешки за освојување, со оглед на извонредниот број руски жртви за освојување места како Покровск и постигнување скромни стратешки резултати за две години“.
Генералот истакнува план во два чекора, што, според него, би го сменил текот на војната.
Првиот е Европа да користи од 200 до 250 милијарди долари замрзнати руски резерви како колатерал за издавање обврзници и да ги насочи приходите кон Украина.
„Со системи за оружје и муниција што не може сами да ги произведуваат, како што се балистичката ракетна одбрана и системите ‘Патриот’, тоа би можело да го удвои производството на беспилотни летала од 3,5 милиони на 7 милиони годишно. И би можеле да ги надминат своите финансиски и економски проблеми за две до три години“, вели Петреус.
Вториот чекор би бил да се скрши руската воена економија.
„Руската економија е покревка отколку што мислат луѓето: националниот фонд за благосостојба ќе остане без пари в година бидејќи се пренасочени кон воената индустрија. Треба да ги погодиме оние што ја поддржуваат руската воена економија, купувајќи нафта и гас и чипови, мотори, магнети, од кои повеќето доаѓаат од Кина“, нагласува тој.
Петреус верува дека со овие две акции Путин би бил принуден да ги запре непријателствата бидејќи нема да може да продолжи. Во меѓувреме, Украина не седи со скрстени раце. „Секоја вечер, иако Русија нанесува огромна штета од воздух, Украина ги таргетира руските рафинерии и складишта за гориво: погодува 30 % од нив, според некои процени 50 %. И додава ракети ‘Фламинго’ во својот арсенал, со дострел значително поголем од ‘Томахавк’“, истакнува генералот.
Запрашан за безбедносните гаранции за Украина, како што е член 5 на НАТО, Петреус вели дека таквата гаранција би морала да биде непробојна. Сепак, тој верува дека постои подобар начин од испраќање војници што не се на фронтовската линија.
„Мислам дека најдоброто убедување е да се обезбеди огромен број оружје, муниција, технички можности што Украина сè уште ги нема, особено противвоздушна и противбалистичка ракетна одбрана, а не присуство на терен“, јасен е Петреус.
Тој се осврна и на руските тврдења за претстојното заземање на целиот Донецк. „Не, тие дури и не се приближиле до утврдениот појас, во некои области се речиси на границата, но за да стигнат таму, се бореа две години и претрпеа загуби што дури ни јас – кој како командант во две војни пишував писма со сочувство до американските мајки и татковци речиси секоја вечер – не можам да ги замислам“, заклучува генералот Петреус.
фото/ЕПА

