Македонија
(Видео) Шекеринска од Мечкин Камен: На 15 јули младите ќе гласаат за нова развојна економија
„Додека СДСМ го рализираше големиот проект – парите кај граѓаните, ВМРО- ДПМНЕ беше против секоја идеја и секој предлог парите да се вратат во семејните буџети. Мицковски и ВМРО- ДПМНЕ покажаа дека единственото нешто за коешто се грижат претходните 11 години е како да обезбедат повеќе пари за нив и за нивната партија, па и по цена младите во континуитет да ја напуштаат нашата држава. Затоа на 15 јули изборот навистина е едноставен – тоа е избор помеѓу шанса за младите или шанса за ново богатење на ВМРО ДПМНЕ. Во изминативе 3 години навостина имавме фокус како да помогнеме младите луѓе полесно да дојдат до подобро работно место. Затоа само за 2,5 години стапката на невработеност кај млади лица падна од 48,6% на 35,3%“, изјави Радмила Шекеринска од СДСМ на Мечкин Камен.
„Тука не застануваме бидејќи и оваа стапка мора да оди надолу. Тоа ќе го правиме и ќе успееме во тоа само ако обезбедиме и пари и политики коишто ќе отвораат нови работни места, подобро платени, со подобри услови за работа. Со оперативниот план за активни програми и мерки за вработување за 2020 година веќе обезбедивме 1,3 милијарди денари.
Тоа значи директна поддршка на младинското и женското претприемништво коешто подразбира грантови за млади и жени во висина од 5.000 евра до 15.000 евра. Тоа во исто време ќе значи и поврат на персоналниот данок на сите нововработени до 29 години во првите две години од нивното ново работно место“, додаде таа.
Според Шекеринска, овие пари ќе ги плаќаат работодавачите во буџетот, а ние ќе ги вратиме директно назад на сметка на младите до 29 години. Во поранешното „Македонско село“ ќе формираме стартап-село, кое ќе нуди физички простор за сите млади кои планираат да почнат со бизнис или веќе почнале со бизнис. Тоа ќе им ги намали трошоците за работа и ќе им даде шанси навистина да го развијат својот бизнис. Ќе подолжиме со мерката со која даваме поддршка од 3.000 денари за секој млад до 23 години којшто со завршено средно образование заминал да работи во производство.
„Тоа значи дека со овие средства ќе финансираме поголем број млади да се вклучат во пазарот на труд и да обезбедат шанса за подобра иднина. Наша цел е во следните 4 години секоја година стапката на невработеност да ја намалуваме за 3% годишно со цел на крајот на мандатот, за првпат во нашата историја, да стигнеме до едноцифрена бројка на стапката на невработеност.
На 15 јули и младите ќе гласаат за нова развојна македонска економија, ќе гласаат за своите пријатели, за сите млади во државата и ќе гласаат повеќе пари повторно да завршуваат во нивните семејни или бизнис-буџети. Заокружете го бројот 3 бидејќи парите ќе одат кон граѓаните, но и кон младите“, додаде таа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Донесени пресуди за случајот „Премин“, обвинителството најави жалба
Денеска, во Основниот кривичен суд Скопје, беше објавена неправосилна пресуда во предметот со кодно име „Премин“, застапуван од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Обвинителството за гонење на организиран и корупција. Во предметот беа опфатени повеќе царински службеници од Царинските испостави Ново Село и Дојран. Со пресудата, дванаесет обвинети лица се огласени за виновни за сторени кривични дела Примање поткуп и Злоупотреба на службената положба и овластување.
Четворица обвинети се осудени на ефективни казни затвор во траење од една година и шест месеци до три години, додека на останатите осум лица им се изречени условни осуди.
Четворица обвинети на почетокот на главната расправа го признаа делото и тогаш судот ги осуди на ефективни казни затвор во траење од 2 години до 2 години и 8 месеци.
Воедно, на 14 лица во предметот осудени за кривичното дело Примање поткуп судот им изрече и казна забрана за вршење на должност на службено лице, во времетраење од две до осум години, индивидуално определена за секој од нив.
Предлогот на обвинителството за одземање и конфискување на имотната корист прибавена со кривично дело беше делумно прифатен од страна на судот и паричните средства се вратени на еден од обвинетите.
Останатите привремено одземени парични средства пронајдени при извршените претреси се одземени и тоа 18.230 евра, 263.210,00 денари, 4860 швајцарски франци, 443 американски долари, 20 британски фунти, 200 украински гривни, 102 бугарски лева и 100 турски лири, како и 36 штеки цигари.
Обвинителството незадоволно од висината на казните и од висината на одземените парични средства најавува дека ќе го искористи правото на изјавување на правен лек по писмено добивање на пресудата.
Истражната постапка за овој случај беше отворена во октомври 2024 година кога беше спроведена полициска акција под кодно име „Премин“ поради основано сомнение дека обвинетите распоредени во Царинските испостави Ново Село и Дојран, во временскиот период од 21.03.2023 година до 15.10.2024 година, со умисла извршиле повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело.
Тие искористувајќи ист траен однос, исти прилики и слични околности, при вршење на царински прегледи на стоката што се увезувала во државата преку граничните премини, од превозниците на стоката директно барале и примале парични средства за себе во износи од по 20, 50, 70, 100 и 150 евра, за да не извршат службено дејствие што морале да го извршат.
Македонија
Поранешен градоначалник на Росоман исплатил личен долг од 500.000 денари од општинскиот буџет
Полицијата поднесе кривична пријава против С.Н.(29) од Росоман поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Според информациите на МВР, во периодот од август 2024 година до септември 2025 година, С.Н. во својство на градоначалник на општина Росоман, во два наврати ги пречекорил границите на службеното овластување и од Буџетот на општина Росоман противправно биле прибавени парични средства во вкупен износ од околу 500.000 денари, кои биле присилно наплатени од извршител за личен долг на С.Н..
Македонија
Гаши на работна средба во МАНУ
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, одржа работна средба во Македонската академија на науките и уметностите, со претседателот Живко Попов, како и со други претставници на Академијата.
„На средбата се разговараше за значењето на поактивното вклучување на Академијата во стратешките процеси на развој на државата, особено во креирањето политики и во обезбедувањето стручна поддршка при институционалното одлучување“, соопштија од Собранието.
Исто така, Гаши информирал за вчерашната одлука усвоена на седница, со која е овластен, како претседател на Собранието, да склучи поединечен колективен договор со претседателот на синдикалната организација на Академијата.
Тој изразил подготвеност за поддршка на сите иницијативи што ја зајакнуваат улогата на науката и уметноста во развојот на државата.

