Македонија
Филипче на средба со медицинските работници во Струга и Струшко: Целосна подготовка на регионот за есен

Министерот за здравство, Венко Филипче, попладнево во Струга оствари средба со докторите и медицинските сестри од Општата болница, Заводот за нефрологија, Здравствениот дом, претставници на матичните лекари од Струшкиот Регион, пред сè од селото Лабуништа, како и со здравствени работници од Здравствениот дом во Вевчани. На средбата тие разговараа за начинот на којшто се справуваат со светската здравствена криза предизвикана од Ковид-19.
– Целосно е реорганизирана болницата. Интернистите се целосно ангажирани во третманот на пациентите со коронавирус, кои се во секојдневна координација со болницата во Охрид каде се препраќаат пациенти во оној момент кога е тоа потребно. Во исто време разговаравме и за тоа како да се спремиме за есенските месеци кога се очекува нов силен бран во целиот свет. Се очекува зголемување на бројот на пациенти, заболени од коронавирусот, но и од сезонски грип, тогаш луѓето ќе бидат во затворени простории, блиските респираторни контакти ќе бидат многу почести и пофреквентни, што значајно го зголемува ризикот за трансмисија. Разговаравме за ангажирање на дополнителен број млади лекари кои сега завршуваат, медицински сестри кои исто така завршиле во средномедицинските училишта изминатиот период – надградување на капацитетите за тестирање. И во таа смисла целиот овој регион да биде спремен за соочување со нов бран, истакна министерот Филипче.
Тој се заблагодари и им честиташе на сите здравствени работници – лекари, медицински сестри кои херојски и пожртвувано работат со ковид-пациентите.
„Тие одлично ја менаџираат кризата и со тоа покажаа и докажаа дека се столбот на здравствениот систем, а здравствениот систем столб на нашата држава“, кажа министерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На Богородица се чека околу 30 минути на македонска страна

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничниот премин Богородица задржувањето од македонска страна е околу 30 минути. На останатите гранични премини нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Аеродром и Карпош денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска, без електрична енергија ќе останат:
· од 09:00 до 14:00 часот, корисниците во околината на објектот ЕКВИЛИБРИУМ на улица Руди Чајевац, општина Аеродром;
· од 09:00 до 16:00 часот, корисниците од дел од улица Ванчо Мицков, општина Карпош;
· од 10:30 до 14:00 часот, корисниците од дел од улица Кнез Трпимир и населбата Трнодол, општина Карпош.
Македонија
Сончево и топло, попладне пороен дожд, грмежи и засилен ветер

Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Попладне ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, локално во форма на невреме со услови за појава на град. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 21, а максималната ќе достигне од 27 до 35 степени.
Во Скопје, сончево и топло со мала до умерена облачност. Попладне во делови од котлината ќе има услови за развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 35 степени.
Времето во наредните денови
Во деновите од викендот времето ќе биде стабилно и малку посвежо и ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер. Од понеделник ќе продолжи период на стабилно, претежно сончево и топло време со пораст на температурите.