Македонија
Мицкоски: Време е за политичари што ќе одлучуваат заедно со народот
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, синоќа од Велес рече дека ова се избори на кои се избира помеѓу неправдата и криминалот, од една страна, и правдата, чесноста, исправена и горда Македонија, од друга.
„Ова се избори кога одлучуваме за иднината на нашите семејства, избори на кои треба да го обелиме образот на нашите предци, изборот сега на 15 јули е помеѓу неправдата, омаловажувањето, и од друга страна, правдата и достоинството“, рече Мицкоски.
Тој посочи дека македонскиот народот се исправувал и победувал и поголемо зло од ова раководство на СДСМ.
„Знам дека гласот на 15 јули зад параванот ќе биде многу силен. И сите оние што корумпираа треба да знаат дека вие одлучувате сами на 15 јули зад параванот и никој не може да влијае врз вас. Овој пат треба да се обединиме и да видиме што можеме ние да направиме за Македонија, затоа ве повикувам на 15 јули да гласате за број 14“, порача Мицкоски предупредувајќи дека не треба да им се верува на оние што се колнат во жицата, во семето, затоа што тие лажат.
„СДСМ мора да заврши на срамната страна на историјата, а сега мора да испишеме нова историја. Доаѓа време на политичари кои заедно со народот ќе одлучуваат. Матрицата на СДСМ е, прво, предизборна лага и таа е толку голема што може да предизвика некој да поверува, втората работа што ја прават е пљачка и корупција и третата работа е да го заробат правосудството“, рече Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ потсети на распродажбата што ја направил СДСМ на сите полиња во државата додавајќи дека тие на маса ја ставаат и Македонија.
„Ја користам оваа пригода од Велес да ги повикам и политички неопределените и членовите на СДСМ, кои не поддржуваат вакво раководство да застанат зад ВМРО-ДПМНЕ за да се спаси државата. Нам ни треба опозиција која си ја сака Македонија, а не предводена од Заев“, рече Мицкоски.
Мицкоски најави бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата, враќање на вредностите во општеството.
„Проект – Обнова“ има детали како да се подобри животот во Македонија на сите полиња и за сите, вели Мицкоски.
„Сите што згрешиле пред законот сите ќе одговараат, не може неправдата да царува, не може криминалците да бидат главни во општеството, а младите да заминуваат од Македонија. Обновата подразбира и вредности, како трудољубивоста, хуманоста, желбата да се помогне, овие вредности се подзаборавија и мора да ги вратиме. Ви ветувам дека повеќе никој нема да владее со народот, доста е од политички елити. Политичарите треба да бидат слуги на народот. Затоа сега треба сите да се обединиме. Победува обновата на 15 јули, следуваат најдобрите години за овој честит народ. А за обновата на Македонија имаме многу внимателни мерки и политики во читанката „Проект – Обнова“, со посебен акцент на правосудството, правото и правдата“, порача Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муртезани-Розенкранц: Процесот на пристапување во ЕУ треба да се води исклучиво врз основа на заслуги, а не на билатерални условувања
Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, утрово беше домаќин на министерката за европски прашања на Кралството Шведска, Јесика Розенкранц, која вчера и денес престојува во работна посета на Република Северна Македонија. Во рамките на состанокот во Министерството за европски прашања се одржаа тет-а-тет средба и пленарен состанок на делегациите, на кои се разговараше за европската интеграција на Северна Македонија, билатералната развојна соработка и поддршката на Шведска во процесот на пристапување кон Европската Унија.
Муртезани ја истакна важноста на одржувањето на кредибилитетот на политиката на проширување како еден од клучните инструменти за стабилност и просперитет на континентот. Тој нагласи дека Северна Македонија останува посветена на реформите и на спроведувањето на Копенхашките критериуми како основен патоказ за членство во Унијата. Во тој контекст беше потенцирано дека процесот на пристапување треба да се води исклучиво врз основа на заслуги, а не на билатерални условувања кои не произлегуваат од европското право и принципи. Муртезани додаде дека обновената динамика на проширувањето е можност да се врати довербата во европската идеја и дека Северна Македонија е подготвена да биде дел од новиот бран интеграција кој ќе ја направи Европа посилна и пообединета.
На средбата се разговараше и за имплементацијата на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан и Реформската агенда, како главни механизми за поддршка на економската интеграција и структурните реформи. Муртезани истакна дека Северна Македонија досега успешно реализираше значаен дел од обврските предвидени во првата фаза на Агендата, особено во областа на владеењето на правото, дигитализацијата и деловното опкружување. Двајцата министри се согласија дека Планот за раст претставува нова можност за економска конвергенција со единствениот пазар на ЕУ и дополнителен поттик за регионот да напредува кон одржлив раст и конкурентност.
Во рамки на разговорите беше посебно нагласено значењето на билатералната соработка меѓу Северна Македонија и Шведска, која се одвива континуирано преку проектите на Шведската агенција за меѓународна развојна помош СИДА, во согласност со Стратегијата за реформска соработка со Западен Балкан и Турција 2021-2027. Преку оваа програма Шведска поддржува проекти во областите на човековите права, демократијата, родовата еднаквост, заштитата на животната средина и инклузивниот економски развој. Меѓу најзначајните иницијативи се соработката на државните статистички служби, зајакнувањето на капацитетите на јавната администрација, поддршката на жените во руралните средини, проектите за квалитетен воздух и одржлива енергија, како и помошта за унапредување на транспарентноста и отчетноста во институциите.
Муртезани и Розенкранц оценија дека билатералните односи меѓу Северна Македонија и Шведска се одликуваат со стабилност, заемно почитување и континуирано јакнење на соработката во сите области. Муртезани изрази благодарност за досегашната поддршка и уверување дека оваа посета ќе придонесе за продлабочување на заедничките иницијативи, особено во сферата на зелената и дигиталната транзиција, иновациите и економскиот развој. Во услови на глобални предизвици, соговорниците се согласија дека обединета и стабилна Европа може да се гради само преку партнерства засновани на доверба, солидарност и заеднички вредности.
Македонија
Годинава повеќе разводи и помалку бракови од лани
Во третото тримесечје од годинава бројот на разведени бракови во споредба со истиот период лани е зголемен, додека бројот на скучени бракови во споредба со лани е намален, објави Државниот завод за статистика (ДЗС).

Во третото тримесечје од годинава се склучени 3.514 бракови што е намалување за 2,8 проценти во споредба со истиот период лани, објави Државниот завод за статистика (ДЗС).
Од јули до септември годинава регистрирани се и 470 разведени бракови, што, пак, е зголемување од 27,7 проценти во однос на бројот на разводи во овој период лани.
Македонија
Каде завршила пченицата од стоковите резерви во вредност од 800 илјади евра во време на власт на СДС и дали, покрај Димковски, профитирал и Љупчо Николоски, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ
Според ВМРО-ДПМНЕ, со секој изминат ден криминалните структури на СДС се повеќе излегуваат на површина.
Случајот со државните стокови резерви, како што велат од оваа партија, ја покажа целата нечесност и криминогеност на кадрите на СДС, кои лична корист се спремни да го жртвуваат дури и лебот на народот.
„Во последната акција на истражните органи, заедно со уште четири службени лица, опфатен е Трајан Димковски, дел од раководните структури на СДС кој е поранешен министер и заменик министер за земјоделие, како и шеф на кабинет на Љупчо Николовски.
Димковски се товари дека во периодот од 2019-2021 година, заедно со другите службени лица, направил отпис на 2.000 тони пченица и јачмен од државните стокови резерви, во вредност близу 800.000 евра.
До владата, Димковски поднел записник дека има кусок на 2.000 тони јачмен и пченица од стоковите резерви за период од 2007 до 2021 година, а владините претставници како Филипче, Заев и Николовски го донеле заклучокот на владина седница.
Не само што не провериле пред да се донеси заклучокот на владината седница, туку истите овие лица знаеле дека нема законска основа да се зема предвид тој период, затоа што во 2019 година била извршена целосна обнова на складираната пченица и јачмен, а до 2019 се правеле редовни контроли каде не бил констатиран кусок“.
Со други зборови, појаснуваат од партијата на власт, пченицата била отпишана, иако постоела и била употреблива, а кусокот, веројатно, бил за периодот од 2019 до 2021 година.
Вреди да се напомни, додаваат од оваа партија, дека тој период се поклопува енергетската криза и со корона периодот, каде цените на храната вртоглаво растеа, и затоа јавноста заслужува да знае каде завршиле овие 2.000 тони јачмен и пченица.
Прашуваат, дали е точно дека завршиле на црниот пазар во некоја од соседните држави и дали и Љупчо Николовски, покрај Димковски и останатите, профитирал од овој криминал врз грбот на граѓаните, па за тоа сега е гласен во јавноста исплашен од одговорност.
„Граѓаните заслужуваат одговори, одговорност и целосно расветлување на случајот. Секој кој профитирал врз грбот на граѓаните да сноси одговорност и СДС да престане да ги брани криминалците од своите редови“.

