Македонија
Хелсиншкиот комитет: Жените се попогодени од кризата предизвикана од коронавирусот
Во периодот од 10 март до 30 јуни Хелсиншкиот комитет регистрирал 197 случаи на повреди на правата од работен однос, кои се однесуваат на 2.723 работници. Повеќе од 60 отсто од пријавите се однесуваале на работничките, со што, велат од Хелсиншкиот, кризата неизбежно доби и родова димензија.
„Најкритични беа првите шест недели по прогласувањето на вонредната состојба кога беа пријавени 145 од вкупниот број регистрирани случаи. Работодавачите веднаш почнаа со масовни отпуштања на работниците, односно откажувања на нивните договори за вработување. Само во март регистриравме 17 вакви случаи, кои опфатија 375 работници. Онаму каде што можеа работодавачите влијаеа работниците принудно, но спогодбено да го прекинат својот работен однос, па така во март и првата половина на април регистриравме 30 пријави за 317 работници“, се наведува во извештајот.
Овој тренд на пријави за отпуштања почнал да се намалува во текот на наредните месеци и од април до крајот на извештајниот период биле регистрирани 85 отпуштања и 5 работници кои потпишале спогодба за престанок на работниот однос.
Една од најранливите категории работници биле оние со заснован работен однос на определено време, на кои, поради специфичната зависна положба во која се наоѓаат, не им биле продолжувани договорите за вработување.
„Работодавачите најдоа начин да ги заобиколат притисоците од јавноста за масовните отпуштања во март, па во следниот период почнаа да им ги намалуваат или воопшто да не им ги исплаќаат платите на работниците, директно удирајќи по нивната егзистенција. Во овој период најчестите регистрирани пријави се однесуваа токму на овие прекршувања – на дури 810 работници им беа намалени или воопшто не им беа исплатени платите“, се наведува во извештајот.
Во 23 случаи регистрирано е непочитување на владините мерки од страна на работодавачите, и тоа во однос на (не)организирање на работниот процес на начин да се обезбеди потребното растојание, постојана дезинфекција на работните места и заштитна опрема за 1.022 работници.
Во извештајот се наведува дека една од најпогодените од кризата беше преработувачката – текстилната и кожарската индустрија, каде што бил регистрирани најголем дел од повредите на работничките права.
„Имајќи предвид дека кај нас жените се доминантно застапени во работната сила во текстилната индустрија, овие повреди на работничките права истовремено претставуваат и повреда на правата на жените, што дополнително го потврдува мултидимензионалниот и интерсекциски карактер на овој проблем. Жените се структурно опресирани со самото тоа што преовладуваат како работна сила во индустријата која е убедливо најслабо платена. Дополнително, при криза од овие размери тие се први на удар затоа што системот кој е создаден да дозволува и/или да ги става во ваква потчинета и угнетена положба, воопшто не поседува механизми да ги заштити“, се наведува во извештајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на панел во Давос со американскиот секретар за енергетика: „Македонија мора да стане активен играч во енергетиката“
Премиерот Христијан Мицкоски денеска учествуваше на панел за енергетика во рамки на Светскиот економски форум во Давос, заедно со секретарот за енергетика на САД, Крис Рајт. Тој изјави дека зад себе има успешен и инспиративен ден со средби со мултинационални компании од областа на енергетиката, здравството и високата технологија.
„Претставивме можности за инвестиции во македонската економија – нешто што значи додадена вредност за граѓаните“, рече Мицкоски во видео-обраќање.
Во фокусот на денот, како што рече, бил панелот на кој учествувале водечки светски енергетски компании. „Разговаравме за очекувањата и плановите за развој на енергетиката, особено во производството на електрична енергија“, кажа Мицкоски, кој притоа истакна три клучни поенти од панелот:
Побарувачката на електрична енергија ќе расте два и пол пати побргу од вкупната побарувачка на енергија во светот во наредните години. „Македонија не смее да биде нем набљудувач, туку активен чинител“, порача тој, повикувајќи на рестарт на проекти како Чебрен, Галиште и Бошков Мост.
Во следните десет години, светот ќе треба да изгради капацитети што ќе произведуваат 40.000 терават-часови електрична енергија – што е 5.500 пати повеќе од целата потрошувачка на Македонија, и приближно колку што трошат САД, Канада, ЕУ и Јапонија заедно. Причина за ова е експанзијата на вештачката интелигенција и дата центрите што работат исклучиво на електрична енергија.
Македонија треба да ја диверзифицира економијата и од фокус на автомобилската индустрија да стане значаен играч во енергетиката, користејќи ги постојните ресурси и потенцијали за обновлива енергија.
„Убеден сум дека можеме да успееме како држава во оваа насока“, изјави премиерот.
Македонија
МВР го пронајде возачот кој се снимаше додека вози со 293 километри на час
Министерството за внатрешни работи делуваше по објавата на шокантно видео на социјалните мрежи, на кое се гледа како возач управува со патничко моторно возило со неверојатни 293 километри на час на автопатот Скопје–Гевгелија, во близина на Неготино. На тој дел од патот максимално дозволената брзина е 120 километри на час.
Возачот, А.Д. (36) од село Елово, скопско, веднаш бил идентификуван, пронајден и повикан од полицијата.
„Тој е санкциониран согласно законските одредби“, велат од МВР.
Министерството повторно апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, за зачувување на безбедноста на сите граѓани.
Фото: МВР
Македонија
Утре снежни врнежи, наместа снежната покривка ќе се зголеми и до 25 сантиметри, најавува УХМР
Облачно време со повремени локални врнежи од снег се очекува утре низ целата земја. Пообилни врнежи ќе има во западните делови, каде што висината на снежната покривка на планините и на некои повисоки места ќе може да се зголеми и до 25 сантиметри. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде помеѓу -8 и -2 степени, додека максималната ќе достигне од 0 до 6 степени, јавува УХМР.
За Скопје се најавува претежно облачно време со повремени врнежи од снег со послаб интензитет. Во Скопје, исто така, ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се движи околу -6, а максималната ќе биде до 2 степени.
Во наредните денови се очекува период на променливо облачно време со пораст на температурите. До сабота ќе продолжи претежно стабилно време, со појава на магла во поодделни котлини. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекуваат локални врнежи од дожд, односно снег на планините и повисоките места.

