Свет
Чешкиот министер за внатрешни работи одби да го коментира случајот на Сафронов

Првиот вицепремиер и министер за внатрешни работи на Чешката Република, Јан Хамачек, одби да ги коментира извештаите дека Иван Сафронов, советник на шефот на „Роскосмос“ и поранешен дописник на весниците „Комерсант“ и „Ведомости“, им доставувал информации на специјалните служби на Чешка, објави „ Деник Н.“.
„Немам коментар“, изјави Хамачек.
Адвокатот на Сафронов, Иван Павлов, претходно изјави за ТАСС дека во досието за случајот на неговиот клиент САД се споменуваат како земја што добила тајни информации преку чешките специјални служби.
Сафронов беше приведен на 7 јули утрото додека го напуштил станот. Службата за односи со јавност на Федералната служба за безбедност на Русија (ФСБ) информира дека Сафронов е осомничен дека му предал доверливи државни тајни на претставник на една од разузнавачките служби на НАТО и бил уапсен од агенти на ФСБ.
Обвинителството почна кривична постапка по обвинението за државно предавство против Сафронов, кој сега се соочува со 20 години затвор. ФСБ додаде дека истрагата продолжува. Претходно, „Роскосмос“ информира дека Сафронов е уапсен, но нагласи дека апсењето не е поврзано со неговите тековни должности како советник на компанијата.
Адвокатот Евгениј Смирнов подоцна изјави дека ФСБ се сомнева во Сафронов за пренесување информации на чешките специјални служби за испорака на оружје од Русија кон Блискиот Исток и Африка. Сафронов се изјасни за невин пред судот. Според извор на ТАСС, тој одбил да соработува за време на сослушувањето.
Генералниот директор на „Роскосмос“, Дмитриј Рогозин, во вторникот изјави дека Сафронов, кој претходно работел за „Комерсант“ и „Ведомости“, бил поканет да ги покрива активностите на „Роскосмос“ пред еден и пол месец и немал пристап до класифицирани информации.
„Не се сомневав во неговиот висок професионализам и лична пристојност“, додаде Рогозин.
Рускиот весник „Комерсант дејли“, каде што Сафронов работел помеѓу 2010 и 2019 година, издаде изјава за поддршка на Сафронов нарекувајќи го вистински руски патриот. Руските весници „Ведомости“ и „Новаја газета, медиумската група РБК и ТВ-каналот „Дожд“ исто така ја објавија својата поддршка за Сафронов.
Некои од поранешните колеги на Сафронов се собраа пред седиштето на ФСБ во центарот на Москва во вторникот попладне за да покажат солидарност. Неколку новинари, вклучително и од „Комерсант“, беа приведени во текот на протестите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
(Видео) Четворица маскирани напаѓачи ограбија златарница во западниот дел на Сиетл

Четворица маскирани напаѓачи ограбија златарница во западниот дел на Сиетл и за помалку од две минути украдоа накит и луксузни предмети во вредност од околу два милиона долари, соопшти полицијата.
Настанот се случил во четвртокот попладне, а надзорните камери снимија како осомничените со чекани ги разбиваат заклучените стаклени врати и за 90 секунди празнат шест витрини. Меѓу украдените предмети се наоѓаат и „Ролекс“ часовници со проценета вредност од 750.000 долари и смарагдна огрлица вредна 125.000 долари, објави Еј-Би-Си њуз.
За време на грабежот, еден од напаѓачите им се заканувал на вработените со спреј против мечки и електрошокер, но никој не бил повреден.
„Длабоко сме потресени како вработени. Продавницата ќе биде затворена извесно време“, изјави потпретседателот на семејната златарница Џош Минаше.
Полицијата пристигнала веднаш по дојавата, но сторителите веќе избегале со возило и засега се недостапни за законот.
Свет
Макрон повика на зголемен притисок врз Москва за да се стави крај на војната во Украина

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска повика на зголемен притисок врз Москва за да се стави крај на војната во Украина, по самитот меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот лидер Владимир Путин во Анкориџ, Алјаска.
Во објава на социјалната мрежа Х, Макрон истакна дека заедно со европските колеги смета оти е неопходно да се одржи притисок врз Русија сè додека нејзината инвазија врз Украина не заврши и не се постигне траен мир што ги почитува правата на Украина.
Тој нагласи дека цврстиот мир мора да биде проследен со непоколебливи безбедносни гаранции.
„Ja поздравувам подготвеноста на СAD да придонесат во овој процес“, напиша Макрон, додавајќи дека за конкретен напредок е потребна нова средба на „Коалицијата на podgotvenite“, алијанса од околу 30 земји предводена од Велика Британија и Франција, која ја поддржува Украина.
Макрон, исто така, повика на извлекување поуки од последните 30 години, особено од „ добро познатата тенденција на Русија да не ги почитува своите обврски“.
Разговорите во Анкориџ меѓу Трамп и Путин беа опишани како продуктивни, но не беа објавени конкретни резултати.
Свет
Орбан вели дека светот е побезбедно место по средбата меѓу Трамп и Путин

Светот е побезбедно место по средбата меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот руски колега Владимир Путин во Алјаска, изјави денеска унгарскиот премиер Виктор Орбан.
„Со години гледавме како двете најголеми нуклеарни сили ја елиминираат рамката на нивната соработка и си испраќаат пораки едни на други“, напиша Орбан на Фејсбук.
Тој додаде дека сега таа практика е завршена.
„Светот денеска е побезбедно место отколку што беше вчера“, рече Орбан.
Светските лидери денес реагираа на самитот меѓу американскиот и рускиот претседател Доналд Трамп и Владимир Путин, а како што објавија медиумите, реакциите беа поделени – некои го критикуваа недостатокот на конкретни резултати, додека други ја нагласија важноста на самиот дијалог.