Свет
(Видео) „Победата дојде“ – во болницата во Бергамо нема пациенти со Ковид-19 во одделот за интензивна нега
Во болницата „Папата Јован“ во Бергамо, Италија, нема повеќе пациенти со коронавирус на одделот за интензивна нега, и тоа 137 дена по приемот на првиот пациент. Овој град, кој се наоѓа во Ломбардија, беше еден од најпогодените од пандемијата.
Веста ја објавија докторите, кои со победнички аплауз влегле во болницата, по што следувал едноминутен молк во чест на починатите од Ковид-19.
„Победата дојде“, рече Лука Лорини, директор на одделот за итни случаи во болницата.
Марија Беатрис Стаси, генерален директор на болницата, ја опиша глетката на одделот како момент на голема емоција.
„Денес, конечно, ги гледаме нашите лекари и медицински сестри облечени во нивните вообичаени униформи“, рекла таа за весникот „Ла Стампа“.
Одделот за интензивна нега во оваа болница беше на првата линија во борбата со коронавирусот справувајќи се со илјадници смртни случаи. Болничките капацитети беа преполни во екот на кризата.
Во Бергамо од вирусот починаа речиси 6.000 лица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Турист во Италија уништил фрески стари речиси 2000 години
Холандски турист уништил ѕид со фрески во античка римска куќа во Херкуланеум, во близина на Неапол, оштетувајќи ја зградата што ја преживеала вулканската ерупција на Везув во 79 година од нашата ера, соопшти денеска италијанската полиција.
Во соопштението на полицијата се вели дека 27-годишниот турист бил брзо идентификуван откако вработените во археолошкиот локалитет откриле графити исцртани со црн, неизбришлив фломастер на бел дел од насликан ѕид.
Полицијата соопшти дека тоа е потпис на маж кој сега се соочува со обвинение за оштетување на уметничкото дело.
Помалиот град од неговиот попознат сосед Помпеја, Херкуланеум бил покриен со подлабок слој пепел, кој ги заштитил неговите урнатини од крадци и оставил особено добро сочувани остатоци.
Како одговор на зголемениот вандализам, Италија оваа година воведе построги казни за оние кои ги оштетуваат спомениците и културните места, одредувајќи казни до 40.000 евра.
Свет
Кристоферсен: НАТО има две до три години да се подготви за одбрана од Русија
Началникот на Генералштабот на норвешката армија, генерал Еирик Кристоферсен денеска изјави дека НАТО има две до три години да се подготви за одбрана пред Русија повторно да биде во можност да изврши конвенционален напад.
„Во еден момент некој рече дека ќе ни требаат 10 години, но мислам дека се работи за помалку од 10 години поради индустриската база што сега постои во Русија“, рече генералот Кристоферсен, пренесе Блумберг.
Тој посочи дека ќе биде потребно „некое време“ за спроведување на овој план, кој им дава простор на сојузниците на НАТО да ги обноват своите сили и резерви во следните две до три години, истовремено поддржувајќи ја Украина.
„Норвешка, членка на НАТО од 1949 година, не забележа значителна промена во однесувањето на Русија на својата граница во последната година, вклучувајќи ги нуклеарните сили и нејзината северна флота, но руските копнени сили на полуостровот Кола беа десеткувани по големите загуби во Украина“, рече тој.
Норвешкиот парламент допрва треба да одобри план со кој речиси ќе се удвои распределбата за одбранбениот систем во следните 12 години со цел да се прилагоди на заканите, со фокус на поморската и воздушната одбрана, пренесува Танјуг.
Свет
Уапсени 18 лица во Полска: планирале непријателски активности во име на Русија, вклучувајќи и убиство на Зеленски
Полските власти уапсија 18 лица под сомнение дека планирале непријателски активности и саботажи во име на Русија и Белорусија, вклучувајќи го и убиството на украинскиот претседател Володимир Зеленски, соопшти денеска министерот за внатрешни работи Томаш Сјемоњак.
Полските власти поврзаа некои неодамнешни подметнати пожари или обиди за подметнување пожари со агенти спонзорирани од Русија. Меѓу уапсените во последните месеци има државјани на Полска, Белорусија и Украина, се наведува во соопштението на Агенцијата за внатрешна безбедност.
Семењак рече дека актите на саботажа се јасно дел од поширок план кој вклучува сајбер напади, притискање на мигрантите да преминат од Белорусија во Полска и загрозување на нејзината безбедност, бидејќи ја поддржува Украина во нејзината одбрана од инвазијата на Русија.
Полјак беше уапсен во април под обвинение дека е подготвен да шпионира за руското воено разузнавање и да учествува во наводен заговор за убиство на Зеленски, соопштија полските обвинители.
Тој, наводно, побарал контакт со Руси директно вклучени во војната во Украина и се очекувало да пренесе детални информации за стратешкиот аеродром во југоисточна Полска, во близина на границата со Украина.