Македонија
(Видео) Арсовски: Во телефонскиoт разговор со лажната Грета Тунберг, Заев ја понижи Македонија
Тажното и понижувачко аудио, кое се појави на „Jутјуб“, каде што Зоран Заев како премиер разговара со наводната Грета Тунберг, е само реална слика за начинот на кој Заев ја води и ги претставува оваа држава и овој народ, рече денеска на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
Како што рече тој, мислејќи дека разговара со активистката Грета и нејзиниот татко, односно во разговор со лажни соговорници, Заев ја раскажал целата тажна слика на Република Македонија.
„Заев во само еден т.н. пранк успеа да изнесе навреди кон францускиот претседател Макрон и призна дека загадени се Скопје и државата, а во рок од 10 секунди, за да ја покаже својата моќ, успеа само преку телефонски разговор да затвори два аеродрома во Република Македонија“, посочи Арсовски.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ објасни дека Заев со најголема гордост и како приоритет број 1 во разговорот се фали како го сменил името на својата држава.
„Дури и ја призна тажната вистина дека Република Македонија е сиромашна и неразвиена земја, која не е атрактивна за мигрантите, но и покрај тоа, тој сè уште е отворен за населување и за отворање живеалишта за мигранти“, посочи Арсовски.
На крајот, тој потести, како што рече, на неуспешната ПР-стратегија на Владата, која на крајот на минатата година објави дека спречила хибриден напад од пранкери, посочувајќи токму на разговорот на Заев со наводната Грета Тунберг.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.

