Македонија
Спасовски: Јурумлери е единственото место во регионот кое доби иновативна вакуум-канализациска мрежа
Премиерот Оливер Спасовски денеска оствари работна посета на општина Гази Баба и изврши увид во работите на фекална канализација во Трубарево и увид во градежните работи на изградба на вакуум-канализацијата во Јурумлери.
Во изјавата за медиумите Спасовски истакна дека Владата успешно ја спроведува долгорочната стратегија за изградба на инфраструктура, која ќе остане и за идните поколенија, дури и во вонредни околности.
„Кризата предизвикана од пандемијата не ги попречи капиталните инвестиции. Спротивно на тоа, капиталните проекти продолжија со изведба и тоа со забрзана динамика. Градиме инфраструктура за сите, во вонредни околности, почитувајќи ги мерките за заштита. Тоа е новото нормално, на овој начин ѝ помагаме на економијата во многу важен период“, истакна премиерот.
Тој образложи дека во Трубарево, заедно со Општината, која од своја страна инвестирала 80 милиони денари, е ставена во функција фекалната канализација и по 17 години, на граѓаните им е обезбеден приклучок кон примарната мрежа.
„Вкупната должина на мрежата е 13 километри, со изградени 3 нови препумпни станици, а уште една препумпна станица ќе се гради во Чукур Маало. Изградени се 400 нови шахти за приклучок кон примарната мрежа. Ги поврзавме левата и десна страна на Трубарево во една колекторска линија, која води кон населеното место Гоце Делчев, која претходно не беше воопшто поврзана. Со овие капитални проекти работиме директно за решавање на децениските проблеми што овие населени места ги имаа обезбедувајќи им, конечно, фекална мрежа. Населеното место Јурумлери е единственото населено место во нашата земја и во регионот кое, конечно, доби иновативна вакуум-фекална канализациска мрежа. Ова е сложен проект бидејќи самата местоположба на ова населено место и подземните води налагаа изградба на посебен вакуум-систем на канализациската мрежа. Проектот за реализација на вакуум-станицата се реализира со средства на Општината, на Светската банка и на Владата. Изградени се и 3.100 метри примарна мрежа и поставени се 68 примарни шахти“, го објасни проектот Спасовски.
Тој прецизира дека дополнително со средства на Светската банка, во висина од 72 милиона денари, се гради нова пречистителна станица кај реката Вардар како втората фаза од проектот, и со третата фаза, како што рече, ќе се заокружи овој голем капитален проект на целата територија на населеното место Јурумлери.
„Со овој проект јамите стануваат минато. Решаваме уште еден голем проблем кој со години ги мачеше жителите на ова населено место“, нагласи премиерот.
Тој потенцира дека паралелно со овие населени места се работи и на изградба на водоводна мрежа во Раштак и Булачани, изградба на водоводни линии во Ченто и Стајковци и најави брзо почнување на фекалната мрежа во Смилковци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Чаир и Студеничани
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08.00 до 16.00 часот, корисниците од улиците број 90, 131 и 191, корисниците од околните згради и продавниците кај 26 Јули, објектите на хотелите Хамбург и Аен, казиното Сенатор и адвокатското друштво Калач. (општина Чаир)
· во периодот од 09.00 до 16.00 часот, корисниците од селата Драчевица, Цветово и Алдинци, вили Китка, Мала Река, Принцес, Караџица и Солунска Глава. (општина Студеничани)
Македонија
Без вода дел од Карпош
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради водоводен приклучок од ф – 80 мм на улицата Ристо Равановски бр. 8, без вода ќе останат корисниците од улицата Ристо Равановски во општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди
Променливо облачно со сончеви периоди. Во западните делови ќе има повремен локален дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 10 до 16 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност до сабота ќе преовладува претежно облачно време со повремени врнежи од дожд. Пообилни врнежи се очекуваат во среда и четврток, кога на повисоките планини врнежите ќе преминуваат во снег. Од среда ветерот ќе го промени правецот во северен.

