Македонија
Спасовски со новата германска амбасадорка: Старт на преговорите за време на германското претседавање со ЕУ
Претседателот на Владата, Оливер Спасовски, денеска ја прими амбасадорката на Сојузна Република Германија, Анке Гизела Холштајн, и ѝ изрази честитки за започнувањето на нејзиниот дипломатски мандат во нашата земја.
Спасовски на средбата ја истакна одличната соработка со претходниот амбасадор Томас Герберих и изрази уверување дека и со новата амбасадорка ќе продолжи продлабочувањето на односите и зајакнување на соработката меѓу двете земји.
Во разговорот со амбасадорката Холштајн беше изразено големото заемно задоволство од исклучително добрите билатерални односи, од интензивниот и динамичен дијалог, што кулминираше со посетата на канцеларката Меркел на нашата земја во септември 2018 година.
Двете земји имаат одлична соработка во различни сфери, при што се издвојува економијата поради фактот што СР Германија е наш прв трговски партнер со над 4 милијарди евра трговска размена во 2019 година и земја од која доаѓаат најголемиот број и најзначајните инвеститори.
Премиерот Спасовски на средбата ја нагласи пријателската улога на СР Германија за поддршката за нашата земја за остварувањето на членството во НАТО и за поддршката во процесот на интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ и изрази задоволство од очекувањето дека првата меѓувладина конференција ќе се одржи во втората половина на 2020 година, за време на германското претседателство со ЕУ, за што стигна охрабрување и од канцеларката Меркел дека тоа е и една од целите на СР Германија за време на претседавањето со Европскиот совет.
Амбасадорката Анке Гизела Холштајн на средбата со премиерот Спасовски потенцираше дека СР Германија го презема претседавањето со ЕУ во еден исклучително кризен период поради пандемијата со Ковид-19. Таа дополни дека врвниот приоритет во претстојниот период е со победата над вирусот Европа да биде повторно силна и дека тоа ќе го направат заедно со сите земји членки на ЕУ и нејзините партнери, и дека меѓу приоритетите на германското претседавање со ЕУ влегува и заложбата за одржување на првата меѓувладина конференција за старт за почеток на преговорите со Северна Македонија за членство во ЕУ.
Тема од интерес на оваа средба беше и организацијата на изборите за пратеници во Собранието, при што премиерот Спасовски истакна дека изборите на 15 јули ќе бидат успешно спроведени, како што доликува на земја членка на НАТО и земја што наскоро ќе почне преговори за членство во ЕУ, за што гаранција се и успешно спроведените локални избори во 2017, претседателските во 2019 и референдумот во 2018 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
РСБСП Апелира: Возете внимателно и одговорно во зимски услови!
Според прогнозите во наредните денови се најавени снежни врнежи и значителен пад на температурите, РСБСП потсетува на потребата од внимателно и одговорно управување со моторните возила, како и задолжително правилно користење на зимска опрема. Пред поаѓање на пат, неопходно е возилото соодветно да се подготви за управување во зимски услови.
„Направете проверка на возилото која вообичаено опфаќа: проверка антифриз, нивото на гориво, состојба на бришачите и течноста за ветробранското стакло, состојбата на акумулаторот и состојбата и притисокот на пневматиците“.
РСБСП апелира возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и поставената сообраќајна сигнализација, навреме да се информираат за состојбата на патиштата и нивната проодност, да ја прилагодат брзината на движење според условите и состојбата на патот, да одржуваат безбедно растојание меѓу возилата – со цел зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Истражувањата покажуваат дека неповолните временски услови бараат од возачот поголемо внимание за време на управување со возилото.
Затоа, РСБСП упатува јасен апел: Само со одговорно однесување во сообраќајот сите заедно можеме да придонесеме за побезбеден сообраќај на патиштата – секој живот е важен.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот дожд и снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во северозападните делови ќе има повремени врнежи од дожд, на планините од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -9 до -2, а максималната ќе достигне од 3 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 4 степени.
Времето во наредните денови
Во сабота ќе има локални врнежи, на планините и на повисоките места од снег, а во пониските од дожд и снег. Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови, а висината на снежната покривка дополнително ќе се зголеми.
Во недела и понеделник ќе дува умерен до засилен северен ветер (над 60 km/h) и ќе има повремени локални врнежи од снег. Температурата ќе биде во опаѓање, а наместа дневната ќе остане под нула степени. Од вторник следува период на стабилно и суво време.
Македонија
Делови од Центар и Зелениково денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради дефект на затварач од ф – 100 мм на ул. 5 бр. 47 во село Моране, во периодот од 08.30 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат дел од корисниците од село Моране, општина Зелениково.
Од ЈП Водовод и Канализација исто така информираат дека поради уличен дефект на ул. Васил Ѓорѓов б.б – пред ОУ Киро Глигоров, во периодот од 09.00 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат корисниците од улиците Васил Ѓорѓов, Адам Мицкиевиќ, дел од корисниците од улиците Киро Глигоров и Козара, како и објектот на заводот за физикална медицина и рехабилитација, општина Центар.

