Регион
(Видео) 25 години од геноцидот во Сребреница

Во Сребреница денеска се одбележуваат 25 години од геноцидот врз Бошњаците.
Комеморацијата на жртвите од геноцидот во Сребреница почна со интонирање на химната на Босна и Херцеговина. Откако беше испеана химната, присутните со минута молчење им оддадоа почит на жртвите.
Утрово, во Поточари пристигнуваат членови на семејствата на убиените, официјални делегации од Босна и Херцеговина, учесници на Мировниот марш и други граѓани. На комеморацијата присуствуваат членовите на Претседателството на БиХ, државниот обвинител и претставници од меѓународната заедница.
Планирана е соодветна програма, а во текот на денот бројни државници, официјални претставници на европски и многу други меѓународни институции ќе се обратат преку видео порака.
Како што беше најавено, на комеморацијата ќе се обратат поранешниот претседател на САД Бил Клинтон, принцот од Велс Чарлс, претседателот на Република Турција Реџеп Таип Ердоган, принцот на кралството на Саудиска Арабија Фајсал бин Фархан ал-Сауд, главниот обвинител на Хашкиот трибунал, државниот секретар на САД Мајкл Помпео, британскиот премиер Борис Џонсон, францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер.
Поради зосторствата во Сребреница досега се осудени вкупно 47 луѓе на повеќе од 700 години затвор, а изречени се и четири доживотни казни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Трагедија во Црна Гора: девојка од Србија се удави во близина на Тиват

Попладнево во морето кај Луштица, Црна Гора, нуркачи и членови на Пловечката единица безуспешно се обидуваа да го пронајдат и извлечат телото на девојка од Србија, пренесоа српските медиуми.
Девојка од Врњачка Бања се удави денес околу 15 часот, во близина на ’ртот Весло кај Луштица, додека се фотографирала со пријателка на една од карпите и паднала во водата, објавија црногорски „Вијести“.
Додека се фотографирала, се верува дека морето се разбранувало, а брановите ја повлекле девојката.
Полицијата и нуркачките екипи го забележале безживотното тело на девојката како плови во еден момент, но лошото време и брановите ги спречиле да се приближат.
Затоа, операцијата за извлекување ќе продолжи наутро.
фото: принтскрин
Регион
(Видео) Албанија постави бот со вештачка интелигенција за министер

Новата министерка на Албанија задолжена за јавни тендери нема да биде поткупувана, нема да можат да и се закануваат или да биде наговарана. Тоа е затоа што Диела, како што ја нарекуваат, е бот генериран од вештачка интелигенција.
Премиерот Еди Рама, кој го започнува својот четврти мандат, во четврток изјави дека Диела, што на албански значи Сонце, ќе ги управува и ќе ги доделува сите јавни тендери на кои владата ангажира приватни компании за разни проекти.
„Диела е првиот член на кабинетот кој не е физички присутен, туку е виртуелно создаден од вештачка интелигенција“, рече Рама, претставувајќи го својот нов кабинет.
Таа ќе ја претвори Албанија во „земја каде што јавните тендери се 100 проценти ослободени од корупција“.
Јавните тендери долго време се извор на корупција во земјата, за која експертите велат дека е седиште на банди кои сакаат да перат пари од шверц со дрога и оружје низ целиот свет, и каде што корупцијата се вовлекла во коридорите на моќта. Таквата слика го отежна пристапувањето на Албанија кон ЕУ, што Рама сака да го постигне до 2030 година. Политичките аналитичари го сметаат ова за амбициозно.
Владата не објасни дали Диела ќе биде следена од луѓе или како ќе се елиминира ризикот од можна манипулација. Диела беше претставена претходно оваа година како виртуелен асистент со вештачка интелигенција на платформата e-Albania за добивање државни документи.
Многумина не ѝ веруваат. „Дури и Диела ќе биде корумпирана во Албанија“, коментираше еден корисник на Фејсбук. „Кражбите ќе продолжат, а Диела ќе биде виновна“, додаде друг. Новиот парламент, избран во мај, треба да започне со работа во петок.
Регион
(Видео) Соња (57) и Марко (69) станаа родители, коментарите за нивната возраст не ги загрижуваат оти си го живеат сонот

Екипа на „Проверено“ во Црна Гора ги посети Соња (57) и Марко Миротиќ (69) и нивното пет и полмесечно девојче со симболично име Богдана.
Родителите достигнаа значителна возраст, што предизвика многубројни реакции во целиот регион, но не се грижат за тоа. Соња и Марко стојат зад осум спонтани абортуси, две процедури за инсеминација, години борба со неплодност, неуспеси, разочарувања.
„Ние сме исполнети како родители, нашите срца се полни. Ова е чудно чувство, задоволство. Сега би плачела, но нема да плачам. Цел живот сонував за ова“, открила гордата мајка за „Проверено“. Кога влегла во менопауза на 50 години, мислела дека тоа е крајот на нејзините соништа.
Сепак, тие успеале да си го остварат својот сон благодарение на 24-годишен донор на јајце-клетки на приватна клиника во Македонија. За донорот во видеото велат го знаат само основниот податок, дека не е од Црна Гора.
Со оглед на тоа што Соња закрепнува, Марко го презел поголемиот дел од грижата за малото девојче. Често му велат дека „Богдана изгледа исто како дедо му“. „Потоа им велам – јас не сум нејзин дедо, јас сум нејзин татко. Па се засрамуваат“, се шегува Марко.
Тие имаат уште две замрзнати јајце-клетки, но не планираат да имаат друго дете, иако би сакале.
„Доволно сме возрасни, би било убаво, но не сум сигурна дека би можела да издржам“, искрено рекла Соња.