Македонија
(Видео) Мицкоски: Победата на ВМРО-ДПМНЕ е сѐ повеќе очигледна
Се повеќе луѓе се приклучуваат и застануваат позади Обновата, победата на ВМРО-ДПМНЕ е се поочигледна, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од Штип, каде остварил неколку работни состаноци и од партијата разговарале со младите луѓе, со здравствените и културните работници, претставници од реалниот сектор и бизнисот.
„Она кое што можам да го кажам е дека се прилично задоволни од сето она кое што ВМРО-ДПМНЕ го има вклучено во овие 1000 решенија содржани во 360 страни ‘Проект – обнова’. Имам впечаток дека се повеќе луѓе се приклучуваат и застануваат позади Обновата. Тоа се чувствуваше впрочем првиот ден уште од Охрид. Но, еве и потврда тука во Штип дека поддршката е голема. Поддршката е голема за реформите кои што ги предвидува ВМРО-ДПМНЕ, 1000 решенија. Јас би сакал уште дополнителни 1000 решенија на проблеми да вклучиме во овој четиригодишен мандат. Но, најпрвин ќе треба да отпочнеме, да видиме сето она кое што ќе го затекнеме, а и информациите се дека навистина ситуацијата е многу лоша. Но, ние сме тука, подготвени сме, мотивирани сме. Не мотивира поддршката од народот која што секојдневно ја добиваме и цениме дека успешно ќе се справиме со сите предизвици кои што ќе се испречат на нашиот пат, во реализирање на наша крајна цел“, рече Мицкоски.
Тој изрази задоволство од кампањата, истакнувајќи дека поминале прекрасни 19 дена низ Македонија и на средбите со граѓаните.
„Позитивна енергија, голема надеж, тоа обврзува, ние навистина тоа дополнително не мотивира да истраеме во оваа наша битка и ценам дека ќе успееме и ќе направиме една поинаква Македонија споредено со ова што денеска имаме понижена, омаловажена. Но, тоа е завршена работа, за два дена од денеска ќе победи Обновата на Македонија и македонските граѓани ќе може да се радуваат“, изјави Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Радишани се гради потпорен ѕид за заштита од одрони
Градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски, денес изврши увид во изградбата на потпорниот ѕид на улица 50 во населбата Радишани.
Проектот се реализира поради појавата на одрони и пропаѓање на дел од улицата, што го наметна итниот почеток на санацијата. Новиот потпорен ѕид ќе обезбеди поголема сигурност за домовите на граѓаните и ќе спречи можни лизгања на земјиштето.
Од Општина Бутел информираат дека станува збор за едно од најчестите барања на жителите на Радишани, кое конечно се реализира, и покрај проблемите со техничката документација.
Македонија
„Иницијативата за северни шуми“ – приказна за прекуграничен успех во обновување на шумите
„Иницијативата за северни шуми“ го одбележа својот успешен завршок со регионален настан посветен на обновувањето на шумите во Албанија и Северна Македонија. Овој значаен собир ги прослави постигнувањата на проектот во намалување на деградацијата на шумите и зајакнување на одржливото управување со шумите во Западен Балкан.
Настанот собра над 40 засегнати страни – меѓу кои владини претставници, локални власти, партнери во спроведувањето и експерти за заштита на природата – и ја истакна клучната улога на обновувањето за природата и заедниците. Дискусиите нагласија како решенијата засновани на природата придонесуваат за зачувување на биодиверзитетот, зголемување на климатската отпорност и поддршка на локалното население.
Проектот „Иницијатива за северни шуми – Обнова на шумите во Албанија и Северна Македонија“, почнат во 2023 година, се фокусира на намалување на загубата на шуми преку обновување приоритетни предели, градење институционален капацитет и промовирање одржливо управување со шумите во двете земји. Проектот беше спроведен од регионалната канцеларија на Меѓународната унија за заштита на природата (IUCN-ECARO) во партнерство со организациите ППНЕА (Заштита и зачувување на природната средина во Албанија) и МЕД (Македонското еколошко друштво), а поддржан од Фондацијата на Шведската поштенска лотарија. Иницијативата постави пример за прекугранична соработка во обновување на шумските предели.
„Се гордееме што ги поддржавме овие напори за обновување како дел од нашата глобална ‘Иницијатива за северните шуми’, која покажа дека локално водените активности за обновување може да донесат трајни придобивки за природата и заедниците. Резултатите постигнати во Албанија и Северна Македонија го одразуваат потенцијалот на соработката и моќта на решенијата засновани на природата, во справување со загубата на биодиверзитет и климатските предизвици. Со нетрпение го очекуваме напредокот на IUCN во унапредување на еколошкото обновување и зајакнување на отпорноста на заедниците на Западен Балкан“, изјави Андреас Ериксон, генерален секретар на Фондацијата на Шведската поштенска лотарија.
Активностите за обновување беа насочени кон два клучни биодиверзитетни предела: Буковиќ во Северна Македонија и Паштрик-Морина во Албанија. Овие области се клучни за зачувување на критично загрозениот балкански рис (според Црвената листа на загрозени видови на IUCN) и претставуваат витални еколошки коридори, кои овозможуваат движење на видовите и одржување на поврзаноста на екосистемите. Преку насочени интервенции за обновување на шумските предели проектот ги подобри условите на живеалиштата, ја зајакна отпорноста на шумите и придонесе кон ублажување на климатските промени.
„Иницијативата за северните шуми“ ги покажа моќта на регионалната соработка и решенијата засновани на природата во обновување на шумските предели и зајакнување на климатската отпорност. Искрено сме благодарни на Фондацијата на Шведската поштенска лотарија за нивната непроценлива поддршка и партнерство во текот на целиот процес. Иако оваа фаза завршува, остануваме посветени на напредокот во обновување на шумите и одржливо управување со земјиштето во Западен Балкан градејќи врз темелите што ги постави оваа иницијатива“, истакна Оливер Аврамоски, регионален директор на IUCN ECARO.
Меѓу клучните постигнувања на „Иницијативата за северните шуми“ се обновувањето на 40 хектари деградирани предели во Албанија и Северна Македонија преку комбинација на мерки, како пошумување, проредување на шумите, подобрување на пасиштата и контрола на ерозијата. Овие активности не само што го подобрија квалитетот на живеалиштата туку ја зајакнаа и прекуграничната соработка во заштитата на шумите. Проектот ги унапреди локалните капацитети преку обуки за одржливо управување со шумите за заедниците и властите, а стратешката примена на решенија засновани на природата придонесе за зголемување на биодиверзитетот, апсорпција на јаглерод и подобрување на климатската отпорност.
„Обновувањето и одржувањето на еколошката поврзаност е суштинско не само за опстанокот на видови како балканскиот рис туку и за зајакнување на отпорноста на нашите предели и заедници. Остануваме посветени на заштитата на овие коридори на живот, каде што биодиверзитетот и човечкото благосостојба одат рака под рака“, изјави Александер Трајче, извршен директор на ППНЕА.
Примената на мозаичен пристап, кој интегрира повеќе техники за обновување, ги засили еколошките и социјалните придобивки поставувајќи основа за долготрајни и стабилни живеалишта.
„И покрај предизвиците со институционалниот капацитет, проектот постави силен пример за решенија засновани на природата и нуди модел што може да се повтори за обновување на шумите и соработка во заштита на големите ѕверови во регионот на Западен Балкан“, изјави Робертина Брајаноска, извршна директорка на МЕД.
Она што ги прави овие интервенции посебни е нивната интегрирана и координирана примена создавајќи ефект што ги засилува придобивките за зачувување и обезбедува конкретни резултати за локалните заедници. Овој холистички пристап гарантира дека напорите за обновување одат подалеку од изолирани акции создавајќи отпорни екосистеми, кои носат позитивни резултати за сите нивни корисници.
Македонија
(Видео) Мицкоски ќе ја реконструира партијата, па потоа Владата: Фокусирани сме на партискиот конгрес на 6 декември
Реконструкција на Владата нема да има пред партискиот конгрес на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, кој е закажан за 6 декември. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека откога ќе ја стокми партијата, ќе почне да размислува за одредени партиски поместувања во Владата, а набргу ги очекува и новите имиња за испразнетите места во Владата и во институциите по изборите.
„Очекувам за испразнетите места да добијам имиња најбргу што може, да видиме дали тие имиња се апсолутно во рамките на кои очекувам да бидат и тие имиња да ги пополнат испразнетите места во Владата и во институциите. Потоа ќе следува партискиот конгрес, редовен, потоа во рамките на партијата реконструкција и паралелно со тоа ќе почнат размислувањата за одредени ресори, институции и така натаму. Ова ќе биде процес што ќе трае, нема да биде од денес за утре“, рече премиерот Мицкоски денес на поставувањето камен-темелник за нов културен дом во Петровец.
Премиерот денес неколкупати повтори дека тој е мандатар и дека неговата одлука ќе биде последна и посочи дека е подготвен да разговара со сите во рамките на коалицијата откога завршат процесите во партијата.
„Сега сме фокусирани на редовниот конгрес, кој ќе биде на 6 декември во Кавадарци. Потоа, нормално, формирање на партиската структура, извршниот комитет, општинските комитети, другите структури, кои се во рамките на партијата, и во меѓувреме додека сето тоа трае, ќе размислуваме за одредени партиски поместувања во рамките на Владата. Јас сум подготвен да разговарам со секого во рамките на коалицијата, но, се разбира, мандатар сум јас. Нормално е дека последниот збор ќе го имам јас“, рече премиерот Мицкоски.
За Беким Сали, кого „Вреди“ веќе го посочи како кандидат за вицепремиерското место наместо Изет Меџити, Мицкоски рече дека има апсолутно високо мислење.

