Свет
Британија не може да депортира турски гангстер зашто е оженет со државјанка на ЕУ
Турски гангстер, уапсен откако неговите врските со организираниот криминал биле откриени со тајна полициска истрага, победи во двегодишна битка против депортација од Велика Британија затоа што е оженет со државјанка на ЕУ, пренесува британски „Сан“.
Судиите на Апелациониот суд ја блокирале депортацијата на турскиот мафијашки бос иако за него се смета дека е „сериозна закана за јавната безбедност“.
Гангстерот, идентификуван само како „господин А“ во извештаите поради чувствителната природа на случајот против неговите криминални активности, се вели дека бил вмешан во финансиски криминал, трговија со оружје и одмазднички напади.
Налогот за депортација против „господин А“ беше прифатен од Горниот трибунал на Комората за имиграција и азил, но како и многу странски криминалци и тој беше во можност да продолжи да се жали сè додека не најде судии подготвени да му го дадат одговорот што го сакаше.
„Ги отфрлам основите 2 и 3 за жалбата, но, од причини дадени во затворената пресуда, ја прифаќам жалбата под основа 1 и го враќам случајот за повторно сослушување кај различно конституирана комисија на Горниот трибунал“, рече судијата сер Стефан Ричардс.
Неуспехот да се депортира гангстер, кој живее отворено во заедницата, според „Телеграф“, делумно се припишува на фактот дека тој е оженет со државјанка на ЕУ, а законите на ЕУ за слободно движење го прават исклучително тешко депортирањето државјани на ЕУ или поврзани со ЕУ.
„Не може да биде исправно бракот со државјанин на ЕУ да е поважен од фактот дека некој се смета за сериозна закана за јавната безбедност. Ова е уште една невообичаена одлука со која нашите врски со ЕУ значат дека сериозно непожелните криминалци се оставени на слобода во Велика Британија“, нагласи пратеникот од Ториевците, Тим Лостон, член на Комисијата за внатрешни работи.
„Нашиот приоритет секогаш ќе биде да ја чуваме британската јавност безбедна. Иако правните предизвици можат да ја фрустрираат непосредната депортација, странски криминалци не треба да се сомневаат во нашата решеност да ги отстраниме“, посочи портпаролот на Министерството за внатрешни работи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
ФБИ ја обвинува администрацијата на Бајден дека „седела на докази“ за цевните бомби пред Капитол
Директорот на Федералното истражно биро (ФБИ), Кеш Пател, ја обвини администрацијата на поранешниот претседател на Соединетите Американски Држави, Џо Бајден, дека со години седел на докази во истрагата за поставените цевни бомби пред Капитол.
Пател изјави за „Фокс њуз“ дека случајот стагнирал речиси пет години и покрај тоа што, според него, нема нови докази во последните години.
Тој оцени дека станува збор за чиста некомпетентност или намерна небрежност на претходното раководство на ФБИ, пишува „Њујорк пост“.
Во четвртокот, Брајан Кол помладиот, од Вирџинија, беше уапсен и обвинет за производство и поставување експлозивни направи пред седиштето на Демократската и Републиканската партија на 5 јануари 2021 година.
Според документот за веројатна причина, истражителите го поврзале со случајот користејќи банкарски трансакции, податоци од мобилен телефон и геолокација.
Властите соопштија дека Кол ги подготвувал уредите од 2019 година.
Пател рече дека за време на внатрешната ревизија, повторно биле анализирани три милиони докази, вклучувајќи телекомуникациски записи и документи собрани според претходни налози.
„Сега го стеснивме пребарувањето, благодарение на методите што ги воспоставивме во последните осум месеци“, рече тој.
Поранешниот водител на Фокс и сегашен заменик-директор на ФБИ, Ден Бонгино, кој го надгледува случајот, рече дека бирото е прилично уверено дека го имаат вистинскиот осомничен.
Свет
Песков: Ако целите не се постигнат мирно, руската операција во Украина ќе продолжи
Портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, денес предупреди дека ако Русија не успее мирно да ги постигне своите цели во Украина, специјалната воена операција ќе продолжи.
„Ако не сме во можност мирно да го решиме проблемот и да ги постигнеме нашите цели, ќе продолжиме со нашата работа и ќе направиме сè што е потребно за да ги заштитиме нашите интереси. Воената операција ќе продолжи“, рече Песков во интервју за „Раша тудеј“,
Тој посочи на позитивниот напредок на руските вооружени сили на терен.
Според него, Москва се надева дека процесот на преговори за украинското решение ќе добие моментум и дека темпото на преговорите за предлозите на САД ќе биде забрзано.
Песков истакна дека Москва е подготвена да почне сериозна работа врз основа на нацрт-договорот подготвен од Вашингтон, и дека ставот на Русија останува непроменет по договорите постигнати за време на самитот Русија-САД во Анкориџ.
„Ставот на Москва во моментов е доста јасен, доста е разбирлив и не се очекуваат промени. Иако, се разбира, ние сме подготвени да покажеме флексибилност со цел да се најде решение“, заклучи Песков.
Свет
Шведска ја прекинува помошта за посиромашните земји, парите ќе бидат пренасочени кон Украина
Шведска ќе ја прекине помошта за развој за пет земји во наредните години и ќе ги искористи парите за да ја зголеми поддршката за Украина, објави шведската влада.
Скандинавската земја планира постепено да ја укине помошта за Зимбабве, Танзанија, Мозамбик, Либерија и Боливија, изјави министерот за меѓународна развојна соработка и надворешна трговија Бенџамин Дуса.
„Украина е најважниот приоритет на Шведска во надворешната политика и развојот, и затоа владата планира да ја зголеми помошта за Украина на најмалку 10 милијарди круни (910 милиони евра) во 2026 година“, рече Дуса.
Владата соопшти дека мерките ќе ослободат повеќе од две милијарди круни во текот на следните две години кои би можеле да бидат пренасочени кон Украина, за да се користат во проекти како што е обновата на енергетската инфраструктура на земјата.
Шведска веќе ја намали помошта за повеќе од 10 земји откако сегашната влада ја презеде власта во 2022 година, вклучувајќи ги Буркина Фасо и Мали.
Шведска е главен донатор на хуманитарна помош, со буџет што достигнува 56 милијарди круни годишно за овие цели во последните три години.

